3 Макавејска 7
7
Писмото на царот Птоломеј Филопатор до египетските началници
1„Царот Птоломеј Филопатор до сите египетски началници и сите службени лица – бидете весели и здрави! 2Здрави сме и ние и нашите деца, зашто Великиот Бог ни помогна во работите според нашата желба. 3Некои од нашите пријатели, поради својата лоша замисла, често ни говореа и не уверуваа да ги собереме сите Јудејци, кои се наоѓаат во нашето царство и да ги подложиме на различни маки како предавници, 4додавајќи дека сѐ дури не го направиме тоа, работите во нашето царство нема да се средат поради омразата, која тие ја имаат спрема сите народи. 5Тие ги доведоа насилно во окови како робови, поточно како клеветници, и, без какво и да е иследување, се обидоа да ги погубат, па измислија свирепости пострашни дури и од оние на скитските обичаи. 6Ние ова го забранивме строго и според добриот однос што го имаме кон сите луѓе, веднаш им подаривме живот, па откако се уверивме дека небесниот Бог е сигурната закрила на Јудејците и оти секогаш ги заштитува, како татко што ги заштитува своите синови, 7а бидејќи знаеме дека и тие и нивните дедовци ни го сакаат доброто и нам и на нашите дедовци, сосема справедливо ги ослободивме од секакво обвинение, 8па им одобривме на сите да се вратат по своите домови, така што никој и никаде да не ги навредува за ова што стана без никаква вина од нивна страна. 9Знајте дека, ако преземеме против нив нешто лошо или со нешто ги навредиме, ќе имаме против себеси не човек, туку Севишниот Бог како одмаздник на нашите дела секогаш и во сѐ. Бидете здрави!“ 10Откако го добија ова писмо, Јудејците не брзаа веднаш да си појдат, туку му се обратија на царот со молба: оние од јудејскиот народ, кои самоволно Го оставија Светиот Бог и Божјиот закон – да ја добијат заслужената казна, 11додавајќи дека тие што заради својот стомак ги напуштиле Божјите заповеди, никогаш нема да имаат добри чувства ни спрема царската управа. 12Царот виде оти тие се застапуваат за вистината, па им даде одобрение и полномошно, за да можат во секое место од неговото царство да ги истребат без никаква пречка сите што го погазиле Божјиот закон, без да бараат посебна дозвола за тоа или царски надзор. 13Тогаш, откако му заблагодарија на царот, како што беше потребно, свештенството и сето народно мнозинство запеаја алилуја – и појдоа. 14Секого од своите сонародници, што се беше осквернил, а кого го среќаваа по патот, го казнуваа и убиваа како пример за другите. 15Во тој ден убија повеќе од триста мажи и празнуваа весело, убивајќи ги отстапниците. 16А оние, што Му останаа на Бога верни до смрт и добија палма на радост од спасението, појдоа од градот, овенчани со секакви миризливи цветови со веселба и восклици, со благодарност и милозвучни песни, благодарејќи Му на Бога на своите татковци, на вечниот Спасител на Израил. 17Кога дојдоа во Птолемаида, наречена според својството на местото Родофор, таму, по општа согласност, чекаа кораби седум дена. 18Таму приредија гозба поради своето спасение, зашто царот ги беше снабдил со сѐ што им беше потребно додека пристигнат во своите домови. 19Бидејќи таму пристигнаа во мир, со голема благодарност, тие и тука решија весело да ги празнуваат сите дни колку што ќе престојуваат. 20Откако ги осветија тие дни и се заветуваа со поставување столб врз местото на гозбата, појдоа понатаму по копно, по море и по река – секој кон својот дом – здрави, слободни и полни со радост, заштитени со царската заповед. 21Тогаш придобија поголема сила и слава отколку пред тоа и станаа страшни за своите непријатели и никој не го ограничуваше нивниот начин на живеење; 22Сите го добија по опис она што беше нивно, така што сите што имаа нешто кај себеси – им го враќаа со најголем страв, зашто великиот Бог им беше направил големи добрини за нивно спасение. 23Нека е благословен Спасителот на Израил во сите времиња! Амин.
ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖
3 Макавејска 7: MK2006D
គំនូសចំណាំ
ចែករំលែក
ចម្លង

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006