3 Макавејска 7

7
Писмото на царот Птоломеј Филопатор до египетските началници
1„Царот Птоломеј Филопатор до си­те египетски началници и сите службени лица – бидете весели и здра­ви! 2Здрави сме и ние и нашите деца, зашто Великиот Бог ни помогна во работите според нашата желба. 3Некои од нашите пријатели, поради својата лоша замисла, често ни говореа и не уверуваа да ги собереме сите Јудеј­ци, кои се наоѓаат во нашето царство и да ги подложиме на различни маки ка­ко предавници, 4додавајќи дека сѐ дури не го напра­виме тоа, работите во нашето царство нема да се средат поради омразата, која тие ја имаат спрема сите народи. 5Тие ги доведоа насилно во окови ка­ко робови, поточно како клеветници, и, без какво и да е иследување, се обидоа да ги погубат, па измислија свирепости пострашни дури и од оние на скитските обичаи. 6Ние ова го забранивме строго и спо­ред добриот однос што го имаме кон си­те луѓе, веднаш им подаривме живот, па откако се уверивме дека небесниот Бог е сигурната закрила на Јудејците и оти секогаш ги заштитува, како татко што ги заштитува своите синови, 7а бидејќи знаеме дека и тие и нив­ни­те дедовци ни го сакаат доброто и нам и на нашите дедовци, сосема справедливо ги ослободивме од секакво обвинение, 8па им одобривме на сите да се вратат по своите домови, така што никој и никаде да не ги навредува за ова што стана без никаква вина од нивна страна. 9Знајте дека, ако преземеме против нив нешто лошо или со нешто ги на­вре­диме, ќе имаме против себеси не човек, туку Севишниот Бог како одмаздник на нашите дела секогаш и во сѐ. Бидете здрави!“ 10Откако го добија ова писмо, Ју­деј­ците не брзаа веднаш да си појдат, туку му се обратија на царот со молба: оние од јудејскиот народ, кои самоволно Го оставија Светиот Бог и Божјиот закон – да ја добијат заслужената казна, 11додавајќи дека тие што заради својот стомак ги напуштиле Божјите запо­веди, никогаш нема да имаат добри чув­ства ни спрема царската управа. 12Царот виде оти тие се застапуваат за вистината, па им даде одобрение и полномошно, за да можат во секое мес­то од неговото царство да ги истребат без никаква пречка сите што го по­га­зи­ле Божјиот закон, без да бараат посебна дозвола за тоа или царски надзор. 13Тогаш, откако му заблагодарија на царот, како што беше потребно, свеш­тенството и сето народно мнозинство запеаја алилуја – и појдоа. 14Секого од своите сонародници, што се беше осквернил, а кого го среќаваа по патот, го казнуваа и убиваа како пример за другите. 15Во тој ден убија повеќе од триста мажи и празнуваа весело, убивајќи ги отстапниците. 16А оние, што Му останаа на Бога верни до смрт и добија палма на радост од спасението, појдоа од градот, овен­чани со секакви миризливи цветови со веселба и восклици, со благодарност и милозвучни песни, благодарејќи Му на Бога на своите татковци, на вечниот Спасител на Израил. 17Кога дојдоа во Птолемаида, наре­че­на според својството на местото Родо­фор, таму, по општа согласност, чекаа кораби седум дена. 18Таму приредија гозба поради своето спасение, зашто царот ги беше снабдил со сѐ што им беше потребно додека пристигнат во своите домови. 19Бидејќи таму пристигнаа во мир, со голема благодарност, тие и тука решија весело да ги празнуваат сите дни колку што ќе престојуваат. 20Откако ги осветија тие дни и се за­ветуваа со поставување столб врз мес­тото на гозбата, појдоа понатаму по копно, по море и по река – секој кон својот дом – здрави, слободни и полни со радост, заштитени со царската заповед. 21Тогаш придобија поголема сила и слава отколку пред тоа и станаа страш­ни за своите непријатели и никој не го ограничуваше нивниот начин на жи­ве­е­ње; 22Сите го добија по опис она што беше нивно, така што сите што имаа нешто кај себеси – им го враќаа со најголем страв, зашто великиот Бог им беше направил големи добрини за нивно спасение. 23Нека е благословен Спасителот на Израил во сите времиња! Амин.

ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖

3 Макавејска 7: MK2006D

គំនូស​ចំណាំ

ចែក​រំលែក

ចម្លង

None

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល