1 Макавејска 10
10
Јонатан првосвештеник
1Во сто и шеесеттата година излезе Александар, синот на Антиох Епифан и ја завладеа Птоломеида: го примија и се зацари. 2Кога царот Димитриј слушна за тоа, тој одбра многубројна војска и излезе против него за да војува. 3Димитриј му испрати мирољубиво писмо на Јонатан, со предлози за мир и со желба да го издигне, 4мислејќи во себеси: „Да побрзам да склучам мир со него, пред тој да се поврзе со Александар против мене; 5тогаш тој ќе си го спомне целото зло што му го направивме на него, на неговите браќа и на неговиот народ.“ 6Дури му беше дал власт да собира војска и да прави оружје, за да биде негов сојузник и заповедал да му бидат вратени заложниците, кои сѐ уште се наоѓале во ерусалимската тврдина. 7#2 Мојс 24,7Јонатан дојде во Ерусалим и гласно го прочита писмото пред сиот народ и пред оние што беа во тврдината; 8многу се исплашија сите кога слушнаа дека царот му дава власт да собира војска; 9а луѓето од тврдината му ги предадоа заложниците, и тој им ги врати на нивните родители. 10Јонатан се настани во Ерусалим и почна да гради и да го изградува градот, 11велејќи им на градителите да ги градат ѕидовите околу градот, а и гората Сион да ја утврдат наоколу со делкани камења; и направија така. 12#9,50-52Тогаш избегаа туѓинците што беа во тврдината, изградена од Вакид: 13секој од нив го остави местото што го имаше и се врати во својата земја. 14Само во Бет-Цур останаа некои од оние, кои ги престапиле законите и заповедите, зашто тоа место им служеше како прибежиште. 15Царот Александар слушна за ветувањето што му го испрати Димитриј на Јонатан, а му раскажаа и за војните и храбрите подвизи, извршени од него и од неговите браќа, како и за маките што ги претрпеле. 16#2,18Тогаш беше рекол: „Ќе најдеме ли некој друг човек како што е тој? Да го направиме наш пријател и сојузник!“ 17Тој му напиша и му испрати писмо со овие зборови: 18„Царот Александар до братот Јонатан – поздрав. 19Слушнавме за тебе дека си храбар и силен човек и дека си достоен за да бидеш наш пријател. 20#2 Мак 4,10И така, те поставуваме за првосвештеник на твојот народ; ќе се нарекуваш пријател на царот, (а му испрати царска облека и златна круна), да пристапиш кон нас и да бидеш на наша страна, да го пазиш нашето пријателство.“ 21#3 Мојс 23,33-36; 5 Мојс 16,13-15Јонатан ја облече свештеничката облека во седмиот месец, во сто и шеесеттата година, на празникот Сеници, собра војска и приготви многу оружје.
Понудата на царот Димитриј за Јонатан
22Слушна за тоа Димитриј, се налути и рече: 23„Зошто дозволивме Александар да нѐ испревари и да ни го преземе пријателството на Јудејците и на тој начин да ја зајакне својата положба? 24И јас ќе им напишам зборови поздравни, пофални и со ветување за да ми бидат од помош.“ 25Тој им испрати писмо со следнава содржина: „Царот Димитриј до јудејскиот народ – поздрав. 26Слушаме и се радуваме дека ги пазите нашите договори дека останувате во пријателство со нас и дека не сте преминале кон нашите непријатели. 27останете ни и понатаму верни, а ние ќе ви отплатиме со добро, за она што го правите за нас; 28ќе ви простиме многу од вашите давачки и ќе ви дадеме дарови. 29#11,35А сега ги ослободуваме сите Јудејци од даноци и од порезот за сол и за круната, 30#11,34и третиот дел од семињата и половината од овошните плодови, што ми припаѓаат мене, отсега и засекогаш се откажувам да ги земам од јудејската земја и од трите области, присоединети кон неа – од Самарија и од Галилеја, од денешниот ден и за вечни времиња. 31Ерусалим нека биде свет и слободен град, се откажувам и од неговите предели, од десетокот и од сите негови приходи. 32Се откажувам и од власта над ерусалимската тврдина и му давам право на првосвештеникот да постави во неа луѓе што ќе ги избере тој самиот за да ја чуваат. 33Ги пуштам на слобода сите Јудејци во целото мое царство како дар, заробени во јудејската земја; нека бидат сите ослободени од давачките – за себеси и за својот добиток. 34Сите празници, саботи и новомесечија и сите пропишани според Законот празници, а и три дена пред и три дена по празниците – да бидат за сите Јудејци во моето царство денови на опростување и ослободување. 35Никој да нема право да ве притеснува и да вознемирува некого од вас во никаква работа. 36Јудејците ќе се запишуваат во царските војски до триесет илјади души; и ним ќе им се плаќа еднакво како и на сите други. 37Некои од нив ќе бидат поставувани за началници на големите царски тврдини, а други ќе бидат поставувани на доверливи служби во царството, за кои е потребна верност; нивните старешини и заповедници ќе бидат, исто така, од нив, и нека живеат според своите закони, како што одредил царот за јудејската земја. 38#10,30-31; 11,28-34Трите области, присоединети кон Јудеја од Самарија, нека останат присоединети и понатаму и да се сметаат за едно и да не припаѓаат под друга власт, освен под власта на првосвештеникот. 39#5,15; 10,1; 2 Мак 6,8Птоломеида со нејзината околина ја подарувам на светилиштето во Ерусалим за да се издржува светилиштето; 40јас лично секоја година ќе давам петнаесет илјади шекели сребро од приходите на моите царски имоти. 41#4,46И сето она што службениците не го давале од државната ризница во минатите години, отсега ќе го даваат за потребите на храмот. 42Освен тоа и петте илјади шекели сребро, што ги собираа секоја година од приходите на светилиштето, отсега тие ќе им се даваат на свештениците кои служат во храмот. 43И секој, кој побара засолниште во ерусалимскиот храм и на неговото подрачје, а поради царски давачки и даноци, нека биде слободен заедно со сѐ што му припаѓа на моето царство. 44За изградба и обновување на светилиштето издатоците да бидат давани од царските приходи. 45И за изградба на ерусалимските ѕидови и за тврдините околу него – издатоците ќе бидат плаќани од царските приходи, а исто така и за изградба на вакви тврдини и во цела Јудеја.“
Смртта на царот Димитриј
46 #
7,8-9.26; 8,31-32 Јонатан и народот, откако ги ислушаа овие зборови, не поверуваа во нив ниту ги прифатија, бидејќи си спомнуваа за оние големи неволји што им ги причини Димитриј на Израилците, измачувајќи ги без милост. 47Затоа повеќе го сакаа сојузот со Александар, бидејќи тој прв им направи предлог за мир; на него му помагаа во војните во сите денови. 48Царот Александар собра голема војска и појде против Димитриј. 49И откако двајцата цареви ја започнаа битката, војската на Димитриј почна да бега, а Александар ја гонеше и ја победи. 50Тој водеше жестока борба до зајдисонце; тој ден Димитриј падна мртов.
Сојузот на царот Александар со Птоломеј Четврти и со Јонатан
51Потоа Александар испрати свои пратеници кај Птоломеј, египетскиот цар, со следниве зборови: 52„Се вратив во земјата на моето царство и седнав на престолот на моите татковци, ја презедов врховната власт, го скршив Димитриј и владеам со целата наша земја. 53Влегов во борба против него, го разбив и него и неговата војска, а седнав и на престолот на неговото царство. 54Затоа пак да се спријателиме; дај ми ја твојата ќерка за жена, да ти станам зет и ќе ти дадам и тебе и нејзе достојни дарови.“ 55Птоломеј му одговори: „Среќен е денот кога си се вратил во земјата на твоите татковци и си седнал на престолот на нивното царство. 56Сега ќе го исполнам и она што ми пишуваш; само дојди кај мене во Птолемаида за да се видиме еден со друг и да се сродиме, како што велиш.“ 57И појде Птоломеј од Египет, сам со Клеопатра, својата ќерка, и дојде во Птолемаида во сто шеесет и втората година. 58Царот Александар го пречека Птоломеј и тој му ја даде својата ќерка Клеопатра и ја направија свадбата во Птолемаида со голем блесок, како што им прилега на цареви. 59Царот Александар му напиша писмо и на Јонатан за да излезе и да го пречека. 60#1 Мојс 6,8; 33,8.15; 2 Мојс 33,12Јонатан отиде во Птолемаида со раскош, се претстави пред двајцата цареви и ги обдари со сребро и со злато и со многу дарови и нив и оние од нивната придружба и ја придоби нивната благонаклоност. 61Тогаш се собраа околу него лоши луѓе и беззаконици од Израил за да го оклеветат, но царот не го сврте своето внимание на нив. 62#1 Мојс 41,41-43; Ест 6,8-11Царот заповеда да му ја соблечат на Јонатан неговата облека и да го облечат во царска облека; така и направија. 63Потоа царот го стави до себе и им рече на своите достоинственици: „Излезете со него среде град и разгласете дека никој не смее да го клевети за ништо и дека никој не смее да го вознемирува со никаква работа.“ 64Кога неговите клеветници ја видоа неговата слава, каква чест му се прави и како извикуваат царските луѓе за него, како е облечен во порфира, сите се разбегаа. 65И така, царот го запиша меѓу своите први пријатели и го постави за војсководец и намесник. 66Јонатан се врати во Ерусалим во мир и со радост.
Димитриј Втори го повикува Аполониј против Јонатан
67Но во сто шеесет и петтата година дојде од Крит Димитриј, синот на Димитриј, во земјата на своите предци. 68За тоа слушна царот Александар и многу се огорчи, па се врати во Антиохија. 69#4,15; 7,1; 2 Мак 3,5Димитриј го постави за војсководец Аполониј, управителот на Келе-Сирија; тој собра голема војска. Постави логор кај Јамнија и испрати да му кажат на првосвештеникот Јонатан: 70„Само ти се гордееш над нас; преку тебе се изложив на срам и подбивање. Зошто ни се спротивставуваш во горите? 71Ако имаш толкава доверба во твоите воени сили, слези кај нас во долините; таму ќе ги измериме нашите сили, зашто војската е со мене во градовите. 72#1 Цар 4,1-11; 31,1-7Прашај кој сум јас и кои се оние што ми помагаат, а тие ќе ти кажат; не можете да истраете пред нашето лице, зашто вашите татковци двапати беа прогонувани во својата земја. 73Против ваква коњица и ти нема да издржиш во рамнините, каде што нема ни камења, ни клисури, ниту места каде што ќе можете да избегате.“ 74Кога Јонатан ги слушна тие Аполониеви зборови, се охрабри во душата, избра десет илјади мажи, излезе од Ерусалим, а брат му Симон му се придружи за да му помага. 75Се улогорија во Јопија, но не можеа да влезат во градот, зашто во Јопија беше Аполониевата стража; и почнаа да војуваат против неа. 76Тогаш исплашените жители му ја отворија градската порта, и Јонатан влезе во Јопија. 77Кога Аполониј слушна за тоа, тој зеде три илјади коњаници и голема војска, па појде за Азот: сакаше да помине преку него, но дојде во рамнината, зашто имаше голема коњица и се надеваше на неа. 78А Јонатан одеше по него до Азот и нивните војски се судрија. 79Аполониј сокри илјада коњаници и ги остави зад Јонатановата војска: 80но Јонатан разбра дека зад него има заседа; тие ја заобиколија неговата војска; фрлаа стрели врз војската од утро до мрак. 81Но војската добро издржа, како што ѝ беше заповедал Јонатан; најпосле коњите нивни се изморија. 82Тогаш Симон ја поведе својата војска и го нападна одредот, зашто коњицата се измори многу; тој ги разби и тие се дадоа во бегство. 83#Суд 16,23; 1 Цар 5,2-5Коњаниците се распрснаа по рамнината и избегаа во Азот и влегоа во храмот на Дагон, светилиштето на нивниот идол, за да се спасат. 84Но Јонатан го изгоре Азот и околните градови; го зеде нивниот плен и им го изгори храмот на Дагон заедно со оние што се беа сокриле во него. 85Имаше околу осум илјади избиени со меч и изгорени од оган. 86Јонатан појде оттаму и се улогори спроти Аскалон, но жителите на градот го пречекаа со големи почести. 87Се врати Јонатан во Ерусалим со сите што беа со него, со многу плен. 88Кога Царот Александар слушна за тие настани, тој одново му искажа почести. 89Откако му испрати златна дијадема, каква што, според обичајот, им се дава на царските роднини, исто така, му го подари Акарон и целата негова област – да владее со него наследно.
ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖
1 Макавејска 10: MK2006D
គំនូសចំណាំ
ចែករំលែក
ចម្លង

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006