Марко 14

14
Христовото помазание во Витанија. Воскресното јагне. Тајната вечера. Борбата во Гетсиманија. Фаќањето. Сослушувањето, заповедта и страдањето пред Кајафа. Петровото одречување и каење.
1По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници; а првосвештениците и книжниците сакаа да Го фатат на измама и да Го убијат;
2но велеа: »На празникот не, за да не стане бунт, меѓу луѓето.«
3А кога беше Он во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот, и седеше на трпеза, дојде една жена со шишенце скапоцено и чисто нардово миро и, кога го искрши шишенцето, го изли мирото врз главата Негова.
4А некои негодуваа во себе и говореа: »Зошто мирото да се растура така?
5Тоа можеше да се продаде за повеќе од триста динарии, и да се раздадат на сиромасите.« И негодуваа против неа.
6Но Исус рече: »Оставете ја неа; зошто се буните? Таа направи добро дело за Мене.
7Сиромасите секогаш ги имате со вас, и кога сакате, можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш.
8Тоа што можеше, таа го направи: испревари да го помаже телото Мое за погребение.
9Вистина ви велам: каде и да се проповеда ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа.«
10Тогаш Јуда Искариотски, еден од дванаесетте, отиде кај првосвештениците, за да им Го предаде.
11А тие, штом чуја, се зарадуваа и ветија да му дадат сребреници. И бараше погодно време, за да Го предаде.
12Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: »Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш пасхата?«
13И прати двајца од учениците Свои, па им рече: »Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи вода во стомна; одете по него.
14И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: ‚Учителот вели: каде е собата, во која ќе ја јадам пасхата со учениците Свои?‘
15И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.«
16И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им беше рекол, па ја приготвија пасхата.
17А кога се стемни, Он дојде со дванаесетте.
18И кога седеа и јадеа, Исус им рече: »Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.«
19Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да велат: »Да не сум јас?«
20А Он им одговори и рече: »Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чинијата.
21Но Синот Човечки иде, како што е напишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не беше се родил!«
22И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: »Примете, јадете; тоа е Моето тело.«
23Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите.
24И им рече: »Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина.
25Вистина ви велам: Јас нема да пијам веќе од лозовиот плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.«
26Па, откако испеаја благодарствена песна, отидоа во Елеонската Гора.
27И им рече Исус: »Сите ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе го поразам пастирот и ќе се разбегаат овците‘.
28Но после, кога ќе воскреснам, ќе отидам во Галилеја пред вас.«
29А Петар Му рече: »Дури и сите да се соблазнат, јас не!«
30Му рече Исус: »Вистина, ти велам: дека уште денес, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене.«
31Но тој уште повеќе тврдеше: »Ако треба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.« И сите така рекоа.
32Пристигнаа во пределот, по име Гетсиманија; и им рече на учениците Свои: »Седете овде, додека отидам да се помолам!«
33И ги зеде со Себе Петра, Јакова и Јована; се замисли и почна да тагува,
34па им рече: »Душата Ми е смртно нажалена; останете тука и бидете будни!«
35И штом се оддалечи малку, падна на земја и се молеше, за да Го одмине оној час, ако е можно;
36и велеше: »Ава, Оче! Сѐ е можно за Тебе; отклони ја од Мене оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како – Ти.«
37Па дојде и ги затече да спијат, и му рече на Петра: »Симоне, спиеш ли? Не можеш ли еден час да бидеш буден?
38Бидете будни и молете се за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.«
39И пак отиде и се помоли, изговарајќи ги истите зборови.
40А кога се врати, ги најде пак како спијат, оти очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат.
41И по третпат дојде и им рече: »Спиете само и почивате! Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници.
42Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава!«
43И веднаш, дури Он уште говореше, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу народ со мечеви и со стапови, испратен од првосвештениците, книжниците и старешините.
44А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: »Кого ќе Го целивам, Он е: фатете Го и водете Го претпазливо!«
45Па, кога дојде, веднаш се приближи до Него и рече: »Радувај се, Рави!« И Го целива.
46А тие ги кладоа рацете свои на Него и Го фатија.
47Еден, пак, од оние, што стоеја таму, извади нож, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото.
48Исус им одговори и рече: »Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите?
49Секој ден бев во храмот и поучував и не Ме фативте. Но нека се исполнат Писмата.«
50И тогаш, кога Го оставија, сите се разбегаа.
51А по Него врвеше еден млад човек, наметнат со платниште на голо тело; и војниците го фатија.
52Но тој, кога го остави платништето, побегна од нив необлечен.
53И Го доведоа Исуса при првосвештеникот, и се собраа таму сите првосвештеници, старешини и книжници.
54А Петар врвеше по Него оддалеку и влезе внатре, во дворот на првосвештеникот; па седна со слугите и се грееше на огнот.
55Првосвештениците и целиот Синедрион бараа сведоштва против Исуса, за да Го убијат, и не наоѓаа.
56Зашто мнозина лажно сведочеа против Него, и тие сведоштва не беа еднакви.
57И станаа некои, па сведочеа лажно против Него, велејќи:
58»Чувме дека Он говореше: ‚Ќе го урнам овој ракотворен храм и по три дни ќе соѕидам друг, неракотворен‘«.
59Но ни тоа нивно сведочење не беше еднакво.
60И првосвештеникот, откако застана на средина, Го праша Исуса, говорејќи: »Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?«
61Но Он молчеше и ништо не одговараше. Првосвештеникот пак Го праша и Му рече: »Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?«
62Исус рече: »Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на силата и како иде на облаците небески.«
63А првосвештеникот, пак, штом ја раскина облеката своја, рече: »Зошто ни се повеќе сведоци?
64Чувте како хули на Бога; како ви се чини?« И сите се согласија дека заслужува смрт.
65А некои почнаа да плукаат на Него, да му го покриваат лицето, да Го бијат и да Му велат: »Проречи!« И Слугите Го удираа по образите.
66Кога Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на првосвештеникот,
67па, штом го виде Петра како се грее, погледна во него и рече: »И ти беше со Исуса Назареецот.«
68Но тој одрече, велејќи: »Не знам, ниту разбирам што говориш.« И излезе надвор пред дворот; и запеа петел.
69Слугинката, кога го виде повторно, почна да им зборува на оние што стоеја таму: »И овој е од нив.«
70Тој пак одрече. Подоцна, оние, што стоеја таму, му рекоа на Петра: »Навистина, и ти си еден од нив; бидејќи си Галилеец, а и говорот ти е таков.«
71А тој почна да се колне и се заколна: »Не Го познавам Овој Човек, за Кого говорите.«
72И по вторпат петел запеа. Петар се сети на зборовите, што му ги кажа Исус: »Уште пред двапати петел да запее трипати ќе се одречеш од Мене.« И почна да плаче.

ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖

Марко 14: MK1990

គំនូស​ចំណាំ

ចែក​រំលែក

ចម្លង

None

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល