Марко 13

13
Исусовата беседа за разурнувањето на Ерусалим и за неговата идна слава. Совети и опомени, нарочно за стражарењето.
1А кога излегуваше од храмот, еден од учениците Негови Му рече: »Учителе, гледај какви камења и какви згради!«
2Исус, пак, му одговори и рече: »Ги гледаш ли овие големи згради? Ни камен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат.«
3А кога седеше на Елеонската Гора, спроти храмот, Го прашаа насамо Петар, Јаков, Јован и Андреја:
4Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се изврши сето тоа?
5Исус, одговарајќи им, почна да зборува: »Чувајте се да не ве прелаже некој.
6Оти мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе прелажат мнозина.
7А кога ќе чуете за боеви и гласови за војни, не плашете се; зашто сето тоа треба да стане; но тоа уште не е крајот.
8Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; а на некои места ќе има потреси, и глад, и маки. Тоа е почетокот на болките.
9Но вие чувајте се сами, зашто ќе ве предадат на судови; а по синагогите ќе ве бијат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведени заради Мене, за сведоштво пред нив.
10И кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието.
11Кога, пак, ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе говорите, ниту размислувајте; а она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух.
12И брат брата ќе предаде на смрт, и татко чедо, и ќе ги убијат.
13Ќе бидете намразени од сите заради Моето име; кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен.
14А кога ќе видите, ‚мерзоста на запустението‘, како што рекол пророкот Даниил, да стои каде што не треба – кој чита, нека разбере – тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат по планините;
15и кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од куќата своја;
16и кој е на нива, да не се враќа за да го земе облеклото свое!
17Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни!
18Туку молете се, бегањето ваше да не биде зиме!
19Зашто во тие дни ќе биде мака, каква не била досега од почетокот на светов, што го создаде Бог, а и нема да биде.
20И ако Бог не ги скратеше тие дни, тогаш не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра Он, ќе ги скрати дните.
21Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос‘, или ‚Ене, таму е‘, не верувајте!
22Зашто, ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, избраните.
23Но вие – чувајте се: ете, сѐ однапред ви кажав!
24Во тие дни, по жалоста, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина,
25и ѕвездите небески ќе попаѓаат, и силите, што се на небото, ќе попуштат.
26И тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како иде на облаци со голема слава и сила.
27И Он тогаш ќе ги испрати ангелите Свои и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото.
28Со смоквата направете споредба: кога нејзините гранки се подмладат и пуштат лисја, знаете дека е близу летото.
29Па така и вие, кога ќе го видите сето тоа да станува, знајте дека е близу, пред врата!
30Вистина ви велам: нема да помине овој род, дури сето тоа не се збидне.
31Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат.
32А за тој ден и час никој не знае, ни ангелите небесни, ниту Синот, а само Отецот.
33Внимавајте, бидете будни и молете се, оти не знаете кога ќе настане времето.
34Како човек, кој заминувајќи, ја остава куќата своја и им дава власт на слугите свои, секому своја работа, и на вратарот му заповеда да биде буден.
35Бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата, приквечер ли, или на полноќ, или петлите кога ќе пропеат, или наутро;
36па да не дојде ненадејно и да ве затече да спиете.
37А што ви зборувам вам, им го зборувам и на сите: ‚Бидете будни!‘«

ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖

Марко 13: MK1990

គំនូស​ចំណាំ

ចែក​រំលែក

ចម្លង

None

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល