Дела 4
4
Петар и Јован в затвор. Нивната исповед пред големиот совет и ослободување.
1А кога тие му зборуваа на народот, пристапија кон нив свештениците, старешината на храмот и садукеите,
2јадосувајќи се оти тие го поучуваат народот и проповедаат воскресение на мртвите во името на Исуса Христа;
3и кладоа рака на нив и ги задржаа под стража до утрината; зашто се беше веќе свечерило.
4А мнозина од оние, што го слушаа словото, им поверуваа; бројот на луѓето достигна до пет илјади.
5Утрината се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците,
6првосвештеникот Ана и Кајафа, Јован и Александар, и сите што му припаѓаа на родот свештенички;
7и, откако ги поставија во средината, ги прашаа: »Со каква сила и во чие име го направивте ова?«
8Тогаш Петар, откако се исполни со Дух Свети, им рече: »Началници народни и старешини израилски,
9ако денес нѐ испитувате за доброто дело, што му го направивме на болниот човек, за да кажеме како е тој исцелен,
10тоа нека ви биде познато на сите вас и на сиот народ израилски, дека во името на Исуса Христа Назареецот, Кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, овој стои пред вас здрав.
11Овој камен, што вие како ѕидари го отфрливте, стана глава на аголот; и во никој друг нема спасение;
12зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме.«
13А кога ја видоа смелоста на Петра и Јована, и сфаќајќи дека се тоа луѓе неучени и прости, тие само се восхитуваа; а знаеја, пак, дека и тие беа со Исуса.
14Но, гледајќи го исцелениот човек како стои со нив, тие немаа што да возразат.
15И, откако им заповедаа да излезат надвор од Синедрионот, се посоветуваа, па се прашаа еден со друг,
16велејќи: »Што да правиме со овие луѓе? Оти големото чудо што стана преку нив познато им е на сите што живеат во Ерусалим, и ние не можеме тоа да го одречеме.
17Но, за да не се разгласува ова по народот уште повеќе, строго да ги заплашиме да не му зборуваат веќе за тоа име на ниеден човек.«
18И, кога ги повикаа, им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту пак да го учат народот во името на Исуса.
19Но Петар и Јован им одговорија и рекоа: »Судете дали е справедливо пред Бога – вас да ве слушаме повеќе отколку Бога;
20зашто ние не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле.«
21А тие, откако ги заплашија, ги пуштија, бидејќи не најдоа ништо за да ги мачат, поради народот; оти сите Го прославуваа Бога за она што беше станало.
22Човекот, пак, над кого се изврши тоа чудо и исцеление, имаше повеќе од четириесет години.
23И кога ги пуштија, тие отидоа при своите и им кажаа што им рекоа првосвештениците и старешините.
24А овие, штом ги ислушаа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: »Владико, Ти си Бог, Кој го создал небото и земјата, и морето и сѐ што се наоѓа во нив;
25Кој преку Светиот Дух со устата на нашиот татко Давида, Својот слуга, си рекол: ‚Зошто се бунат народите и луѓето измислуваат празни работи?
26Се дигнаа царевите земски, и кнезовите се собраа заедно против Господа, и против Неговиот Помазаник.‘
27И навистина, се собраа во тој град против Твојот Свет Син Исуса, Кого си Го помазал Ти – Ирод и Понтиј Пилат со незнабошците и со народот израилски,
28за да го направат она, што го беше определила однапред раката Твоја и советот Твој – да се збидне.
29И сега, Господи, погледај на нивните заплашувања и дај им на слугите Свои наполно слободно да го проповедаат Твоето слово,
30полагајќи ја раката Своја за исцеление, и да стануваат чудеса и знаци во името на Твојот Свет Син Исуса.«
31И откако се помолија, се затресе местото, каде што беа собрани, и сите се исполнија со Дух Свети и слободно го проповедаа словото Божјо.
32А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа: и никој ништо од својот имот не го наречуваше свое, туку сѐ им беше заедничко.
33Апостолите, пак, со голема сила сведочеа за воскресението на Господа Исуса Христа; и имаше голема благодат над сите нив.
34Не постоеше ниеден меѓу нив што имаше потреба за ништо, бидејќи оние, што имаа ниви или куќи, ги продаваа и парите земени за нив ги донесуваа,
35и ги клаваа пред нозете на апостолите: и секому му се даваше според неговите потреби.
36Така Јосија, наречен од апостолите Варнава, што значи син на утехата, левит, родум од Кипар,
37кој имаше нива, ја продаде, ги донесе парите и ги положи пред нозете на апостолите.
ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖
Дела 4: MK1990
គំនូសចំណាំ
ចែករំលែក
ចម្លង
ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016