Дела 5
5
Ананија и Сапфира. Апостолите в затвор и нивното спасување. Гамалииловиот совет.
1А еден човек, по име Ананија, со својата жена Сапфира, ја продаде нивата
2и еден дел од добиените пари сокри, а со знаење на жена си, додека другиот дел го донесе и го кладе пред нозете на апостолите.
3Но Петар рече: »Ананија, зошто го исполни сатаната срцето твое да Го излажеш Светиот Дух и да утаиш дел од земените пари за нивата?
4Додека не беше продадена, не беше ли твоја? И, откако ја продаде, не беа ли парите во твоја власт? Зошто вложи во срцето свое таква работа? Ти не излага луѓе, туку Бога!«
5Кога ги чу Ананија тие зборови, падна и издивна; и голем страв ги обзеде сите што го чуја тоа.
6Станаа момчињата, го зедоа, го изнесоа и го погребаа.
7А кога поминаа околу три часа, влезе и жената негова, не знаејќи што станало.
8И Петар ја праша: »Кажи ми, за толку пари ли ја продадовте нивата?« Таа одговори: »Да, за толку.«
9Петар потоа ѝ рече: »Зошто сте се договориле да Го искушате Духот на Господа? Ете, пред вратата се нозете на оние што го закопаа твојот маж; и тебе ќе те изнесат.«
10И таа веднаш падна пред нозете негови и издивна. А момчињата, кога влегоа, ја најдоа мртва, ја изнесоа и ја погребаа до нејзиниот маж.
11И голем страв ја опфати целата Црква и сите оние што го чуја тоа.
12А преку рацете на апостолите се појавуваа знаци и стануваа многу чуда меѓу луѓето; и сите беа еднодушни во тремот Соломонов.
13Но од другите, пак, никој не смееше да се допре до нив; а народот ги величаше.
14И сѐ повеќе се зголемуваа оние, што веруваа во Господа, мноштво луѓе и жени,
15така што и по улиците изнесуваа болни и ги полагаа на постелки и носила, та кога ќе помине Петар, барем сенката негова да осени некого од нив.
16А доаѓаа во Ерусалим и многумина од околните градови, донесувајќи болни, мачени од нечисти духови, и сите се исцелуваа.
17Тогаш првосвештеникот и сите, што беа со него, припадници на садукејската ерес, станаа и се исполнија со завист,
18и ги кладоа рацете свои на апостолите и ги фрлија во општиот затвор.
19Но, преку ноќта ангел Господов ја отвори вратата од затворот, и, откако ги изведе, им рече:
20Отидете и застанете во црквата, и кажувајте му ги на народот сите зборови за овој благодатен живот!
21Штом го чуја тоа, апостолите влегоа утрината во храмот и поучуваа. А првосвештеникот и оние што беа со него, кога дојдоа, го свикаа Синедрионот и сите старешини меѓу Израилевите синови и пратија во затворот луѓе да ги доведат апостолите.
22Но, кога слугите отидоа, не ги најдоа, па, штом се вратија, изјавија,
23велејќи: »Затворот го најдовме заклучен како што треба и стражата да стои надвор пред портата. А кога отворивме, внатре никого не најдовме.«
24Штом ги чуја овие зборови, првосвештеникот и старешината на црквата и другите црковни старешини се најдоа во недоумение, што треба ова да значи.
25Но некој дојде, ги извести и им рече: »Ене, луѓето, што ги затворивте, стојат во црквата и го поучуваваат народот.«
26Тогаш управникот отиде со слугите и ги доведе, не на сила; зашто се боеја народот со камења да не ги убие нив самите.
27А кога ги доведоа, ги изведоа пред Синедрионот и првосвештеникот, прашувајќи ги, рече:
28Зарем не ви забранивме строго да не проповедате во тоа име? А вие пак го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сакате крвта на Оној човек да ја фрлите на нас.
29А Петар и апостолите одговорија и рекоа: »Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето.
30Бог на татковците наши Го воскресна Исуса, Кого вие Го убивте, приковувајќи Го на дрво.
31Бог со десницата Своја Го возвиси Него, Началникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израилот.
32За тие зборови сведоци Негови сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние, што Му се покоруваат.«
33Кога го чуја то, тие се разлутија и мислеа да ги убијат.
34Но во Синедрионот стана тогаш еден фарисеј, по име Гамалиил, учител по Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда за кратко време да ги изведат апостолите надвор,
35а ним им рече: »Луѓе Израилци, помислете си добро што ќе правите со овие луѓе!
36Зашто, пред извесно време се беше јавил Тевда, кој зборуваше за себеси, дека е тој нешто и се присоединија кон него околу четиристотини души; тој беше убиен, и сите, што му поверуваа, се разотидоа и исчезнаа.
37По него, во време на пребројувањето, се јави Јуда Галилеецот и повлече по себе доста народ; но и тој загина и сите, што го последуваа, се растурија.
38И сега ви велам – оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; зашто, ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши;
39а ако е, пак, од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не станете борци против Бога!«
40Тие го послушаа; и откако ги повикаа апостолите, ги биеја, и им заповедаа да не зборуваат за името Исусово, па ги пуштија.
41А тие излегоа од Синедрионот радосни, зашто се беа удостоиле да поднесат навреди за името на Господа Исуса.
42И секој ден во храмот и по куќите не престануваа да поучуваат и да го проповедаат Евангелието за Исуса Христа.
ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖
Дела 5: MK1990
គំនូសចំណាំ
ចែករំលែក
ចម្លង
ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016