Дела 28

28
Пријателски прием на Мелит. Павловото чудо. Доаѓањето во Рим и проповед.
1Откако се спасија оние, што беа со Павла, узнаа дека островот се вика Мелит.
2А домородците ни укажаа необична човекољубивост: нѐ примија сите и, бидејќи врнеше дожд, беше студено, та накладоа оган.
3А кога Павле насобра многу гранки и ги стави на огнот, една змија излезе од гранките поради горештината и се впи во неговата рака.
4Домородците, штом го видоа животното како виси на неговата рака, помеѓу себе си рекоа: »Овој човек е навистина убиец; па затоа, иако се избави од морето, судот Божји не го остави да живее.«
5Но тој ја истресе змијата во огнот и ништо лошо не му стана.
6А тие очекуваа да се појави оток, или, пак, веднаш да падне мртов; но, откако чекаа долго време и видоа дека не му стана никакво зло, тие си го изменија мислењето и велеа, дека е тој бог.
7Околу тоа место се наоѓаа имотите на првенецот на островот, по име Поплиј. Тој нѐ прими и три дни дружељубиво нѐ гоштеваше.
8А таткото на Поплиј се разболе и лежеше, страдајќи од треска и болки во стомакот. Павле влезе при него, се помоли и, откако ги положи рацете свои врз него, го исцели.
9Тогаш, и другите од островот, што страдаа од болести, идеа и се исцелуваа.
10Тие нѐ почитуваа многу и нѐ удостоија со големи почести, а пред заминување нѐ снабдија со сите потребни работи.
11По три месеци отпловивме со еден александриски кораб, што беше презимувал на тој остров и носеше знак Диоскури.
12И стигнавме во Сиракуза, каде што останавме три дена.
13Оттаму отпловивме и пристигнавме во Ригија; а по еден ден, бидејќи дувна југот, на идниот ден стасавме во Потиоли;
14таму најдовме браќа, по чија молба при нив останавме седум дена. И потоа тргнавме за Рим.
15Тамошните браќа, штом чуја за нас, излегоа да нѐ пресретнат до Апиевата ширина и до Трите крчми. Кога ги виде Павле, Му заблагодари на Бога и се ободри.
16Штом стигнавме во Рим, стотникот ги предаде затворениците на војводата, а на Павла му позволија да живее како што сака, но под стража на еден војник.
17По три дни Павле ги повика првенците јудејски и, кога се собраа, тој им зборуваше: »Мажи, браќа, иако не направив ништо против народот или татковските обичаи, од Ерусалим ме предадоа окован во рацете на Римјаните.
18И, откако ми судеа, сакаа да ме пуштат, зашто во мене не најдоа никаква вина за смрт;
19но, бидејќи Јудејците се противеа, бев принуден да барам суд пред ќесарот; но не за тоа да го обвинувам во нешто својот народ.
20Па поради тоа и ве повикав да се видиме и да позборуваме; зашто заради надежта на Израилот сум окован во овие вериги.«
21А тие му одговорија: »Ние ниту писма сме добиле за тебе од Јудеја, ниту, пак, некој од браќата дошол да нѐ извести или нешто лошо да каже за тебе.
22Но ние сакаме да чуеме од тебе лично што мислиш ти за тоа; зашто познато ни е дека на тоа учење насекаде се противречи.«
23И откако му определија ден, големо мнозинство дојде во определеното му живеалиште, и тој од утрото до вечерта со докази им го изложуваше учењето за царството Божјо и ги уверуваше за Исуса и од Законот Мојсеев и од Пророците.
24Едни се убедија од зборовите негови, а други не поверува.
25Бидејќи беа несложни помеѓу себе, тие почнаа да се разотидуваат; и во тоа време Павле им ги кажа овие зборови: »Добро им рекол Духот Свети и на отците наши преку пророкот Исаија, велејќи:
26‚Оди и кажи му на овој народ: со уши ќе чуете, и нема да разберете, со очи ќе гледате, и нема да видите,
27зашто срцето на овие луѓе закоравело, та со ушите мачно слушаат, а очите свои ги затвориле, па некако со очите да не видат и со ушите да не чујат, и со срцето да не разберат, и да не се обрнат, за да ги исцелам.‘
28И така, нека ви биде познато дека спасението од Бога им е испратено на незнабошците, тие и ќе чујат.«
29Кога го рече тоа, Јудејците се разотидоа со голема препирка помеѓу себеси.
30Павле остана таму цели две години во посебно најмена куќа и ги примаше сите, што доаѓаа при него,
31проповедајќи го царството Божјо и учејќи за Господа Исуса Христа наполно слободно, и никој во тоа не го спречуваше.

ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖

Дела 28: MK1990

គំនូស​ចំណាំ

ចែក​រំលែក

ចម្លង

None

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល