3 Макавејска 1
1
Филопатор, победникот на Антиох, го посетува Ерусалим
1Филопатор, кога разбра од оние што беа дошле кај него дека Антиох презел некои места кои беа под негова власт, им даде заповед на сите свои војски, пешаци и коњаници, па откако ја зеде со себе својата сестра Арсиноја, појде дури до пределите покрај Рафија каде што беа улогорени војските на Антиох. 2Тогаш некојси Теодот, откако одлучи да изврши една своја замисла, ги зеде со себе најдобро вооружените луѓе, кои му ги беше доверил Птоломеј, и ноќе влезе во шаторот на Птоломеј, за да го убие насамо и на тој начин да ја заврши војната, 3но него го излага Доситеј, Дримиловиот син, Јудеец по раѓање, кој го беше изневерил Законот и отпосле се отуѓил од верата на татковците, тој остави во шаторот еден обичен човек, кому му се падна да ја прими смртта определена за Птоломеј. 4А кога започна жестоката битка и Антиох победуваше, тогаш Арсиноја, со распуштени коси, плачејќи и со солзи, одеше по војската, убедувајќи ги борците да се борат похрабро за себе, за своите деца и жени, ветувајќи им дека, ако победат, на секого ќе му даде по две мини злато. 5Па се случи непријателите да бидат победени во битката гради в гради и многумина од нив беа заробени. 6Откако ја постигна својата цел, Филопатор намисли да помине низ блиските градови и да ги освои. 7Кога го направи и тоа, и им даде на паганските светилишта подароци, тој ги воодушеви своите поданици со својата храброст. 8А потоа, кога Јудејците ги испратија пратениците од советот и од народните старешини кај него за да го поздрават, да му предадат дарови, да ја искажат својата радост за победата, тој изјави желба да ги посети што е можно поскоро. 9Кога пристигна во Ерусалим, тој Му принесе жртва на Великиот Бог, Му благодари и направи сѐ друго што прилегаше за едно свето место. 10Тој се восхити од величествената убавина на храмот и од неговата украсеност и посака да влезе во самото светилиште, во Светињата над светињите. 11Му рекоа дека тоа не е можно, зашто и на луѓето од нивниот народ не им е дозволено да влегуваат таму, па дури и на свештениците и дека само првосвештеникот, кој е над сите, има право да влегува таму, и тоа само еднаш во годината; но тој никако не сакаше да ги послуша. 12Му го прочитаа Законот, но и тогаш не се откажа од својата намера и настојуваше да влезе, велејќи дека тој треба да влезе; ако се тие лишени од таа чест, тој не е. 13Тогаш ги праша зошто, кога влегол во храмот, никој од присутните не му забранил да го направи тоа. 14А кога еден човек непромислено му одговори дека не постапиле добро, тој тогаш им рече: 15„Штом ова е можно поради една или друга причина, јас ќе влезам сам, без оглед на тоа дали се согласувате или не се согласувате.“ 16Тогаш свештениците, облечени во свештеничките одежди, паднаа ничкум и Му се молеа на Великиот Бог да им помогне во неволјата и да го задржи оној кој сака да го направи тоа; храмот се исполни со пискот и солзи, 17а оние што беа во градот се насобраа збркани, помислувајќи дека станало нешто необично. 18И девојките, кои беа затворени во своите соби, излегоа, заедно со своите мајки, главите си ги посипуваа со пепел и прав и ги исполнуваа улиците со плач и лелек. 19А други, со сиот накит, ги оставаа одаите за брачно среќавање и заборавајќи на пристојноста, без ред трчаа по градот. 20Мајки и доилки, оставајќи ги своите новороденчиња, едни – дома, а други – по улиците, со брзање се собираа во светилиштето. 21Така разновидна беше молитвата на насобраниот народ поради обидот на царот за осквернување на светињата. 22Некои од жителите на градот се осмелија да не му дозволат да ја исполни својата намера на оној, кој сакаше со сила да го направи тоа. 23Тие почнаа да викаат дека треба да грабнат оружје и храбро да умрат за законот на татковците, така што таму направија големо безредие. 24Но свештениците и народните старешини успеаја со мака да ги задржат, па така тие останаа во молитвена состојба. Народот, како и пред тоа, продолжуваше да се моли. 25Дури и старешините, кои беа заедно со царот, многупати се обидоа да го оттргнат од неговата дрска намера, 26но тој, обземен од својата дрскост, ги одби сите, и веќе направи неколку чекори за да го изврши она што го беше рекол пред тоа. 27Кога го видоа тоа, и оние што беа со него почнаа да Го повикуваат Седржителот – да им помогне во неволјата и да не ја допушти таа незаконска и дрска постапка. 28Од силниот и тажен писок на насобраниот народ се крена шум што не може да се искаже; 29се чинеше дека не само луѓето, туку и ѕидовите и основите на храмот одекнуваа, бидејќи сите ја претпочитаа смртта, наместо осквернувањето на храмот.
ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖
3 Макавејска 1: MK2006D
គំនូសចំណាំ
ចែករំលែក
ចម្លង

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006