Марко 6
6
Исус презрен во Својот роден крај. Испраќање на дванаесетте. На Јована Крстител му се отсекува главата. Нахрането пет илјади луѓе. Исус на морето. Исцелување на болни.
1Па излезе оттаму и дојде во Својот крај; а по Него одеа и учениците Негови.
2И кога дојде саботата, Он почна да поучува, во синагогата, и мнозина, што слушаа, се чудеа и говореа: »Од каде во Него ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чудеса стануваат преку Неговите раце?
3Не е ли Он дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јакова, Јосија, Јуда и Симона? И не се ли овде меѓу нас сестрите Негови?« И се соблазнија заради Него.
4А Исус им рече: »Пророкот никаде не останува без почест, освен во својата земја, меѓу роднините, и во својот дом.«
5И не можеше таму да изврши никакво чудо; само многу малку болни излекува, полагајќи ги рацете врз нив.
6И се чудеше на нивното неверие. Па одеше по околните села и поучуваше.
7И ги повика дванаесетте, и почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови.
8Па им заповеда да не земаат ништо за по пат, освен по еден стап; ни торба, ни леб, ни пари во појасот,
9но да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки.
10И им рече: »Ако влезете негде во куќа, останете во неа, дури не си отидете оттаму.
11А ако негде не ве примат, ниту ве послушаат, штом излезете оттаму, истресете го правот од нозете свои, ним за сведоштво. Вистина ви велам: полесно ќе им биде на Содом и Гомор во судниот ден, отколку на тој град.«
12Тие појдоа и проповедаа покајание;
13и изгонуваа многу демони, и многумина болни помазуваа со елеј, и лекуваа.
14И цар Ирод разбра за Исуса, оти името Негово беше прочуено, па рече: »Јован Крстител воскреснал од мртвите и затоа стануваат чудеса преку него.«
15Едни велеа: »Илија е!«, а други: »Пророк е, или како еден од пророците.«
16А Ирод, штом чу, рече: »Тоа е Јован, на кого јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите.«
17Зашто сам Ирод прати да го фатат Јована, го врза и го фрли во затвор, заради Иродијада, жената на брата му Филипа, оти се ожени со неа.
18Бидејќи Јован му велеше да Ирода: »Не ти е позволено да ја водиш жената на твојот брат!«
19А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше.
20Оти Ирод се плашеше од Јована, знаејќи дека е тој човек праведен и свет, и го пазеше; многу работи вршеше од послушност кон него, и со пријатност го слушаше.
21И настана погоден ден, кога Ирод, по повод на својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, војводи и старешини галилејски;
22и влезе ќерката на Иродијада, играше и им угоди на гостите и на Ирода. Тогаш ѝ рече царот на девојката: »Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!«
23И ѝ се заколна: »Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.«
24А таа излезе и ја праша мајка си: »Што да побарам?« Таа ѝ одговори: »Главата на Јована Крстител!«
25И одеднаш, кога влезе при царот со брзина, се помоли, говорејќи: »Сакам уште сега да ми ја дадеш на табла главата на Јована Крстител!«
26Царот се загрижи, но заради клетвата и гостите свои нејќеше да откаже.
27И веднаш, откако испрати џелат, царот нареди да ја донесат главата негова.
28А тој отиде, му ја отсече главата во затворот и ја донесе на табла, па ѝ ја предаде на девојката, а девојката ја даде на мајка си.
29Учениците, пак, негови, кога разбраа, дојдоа и го зедоа телото негово и го погребаа.
30И се собраа апостолите при Исуса, па Го известија за сѐ, и што направиле, и на што поучувале.
31А Он им рече: »Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.« Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат.
32И отидоа со кораб сами во осамено место.
33И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; ги испреварија и се собраа при Него.
34А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу.
35И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: »Овде е местово пусто, а и доцна е;
36распушти ги за да отидат по околните села и колиби и да си купат леб, оти нема што да јадат.«
37Он им одговори и рече: »Дајте им вие да јадат!« А тие Му рекоа: »Освен да отидеме и да купиме за двесте динарии леб, па да им дадеме да јадат?«
38Потоа Он ги праша: »Колку лебови имате? Отидете и видете!« И кога видоа, рекоа: »Пет лебови и две риби.«
39Тогаш Исус им рече на сите да поседнат на купчиња по зелената трева.
40И поседнаа на редици по сто и по педесет.
41Он ги зеде петте лебови и двете риби, па, како погледна кон небото, ги благослови лебовите и ги прекрши, и им ги даде на учениците Свои, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете риби на сите.
42И јадеа сите и се наситија.
43И кренаа парчиња, од лебот и од рибите, полни дванаесет кошеви.
44А оние, што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи.
45И веднаш ги натера учениците Свои да влезат во кораб и да отидат порано од Него на другата страна кон Витсаида, дури Он не го распушти народот.
46И како се оддели од нив, отиде во гората за да се помоли.
47Приквечер коработ беше среде морето, а Он на суво.
48И ги виде како се мачат при пловењето, оти ветрот им беше спротивен; а околу четвртата стража ноќта се приближи до нив и, одејќи по морето, сакаше само да помине покрај нив.
49А тие, штом Го видоа како оди по морето, помислија дека е тоа привидение, па извикаа;
50оти сите Го видоа и се уплашија. Он веднаш почна да говори со нив и им рече: »Не плашете се! Јас сум, не бојте се!«
51И влезе при нив во коработ и ветрот стивна. А тие многу се уплашија и се чудеа во себе;
52зашто не се вразумија со лебовите, бидејќи срцето им беше скаменето.
53И кога преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска и се задржаа таму.
54А штом излегоа од коработ, веднаш го познаа.
55Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на носилки да носат болни таму, каде што слушнаа дека се наоѓа Он.
56И каде и да влегуваше: во села, во градови или населби – на раскрсниците полагаа болни и Го молеа да се допрат барем до полата од облеката Негова. И сите, што се допираа до Него, се спасуваа.
ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖
Марко 6: MK1990
គំនូសចំណាំ
ចែករំលែក
ចម្លង

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016