Марко 5

5
Исусовото чудо над човек со нечист дух. Чудо со жената што болувала од крвотечение и чудо со Јаировата ќерка.
1Премина отаде море, во страната Гадаринска.
2И кога излезе Он од коработ, веднаш Го сретна еден човек од гробиштата со нечист дух.
3Тој живееше во гробовите, и дури со вериги никој не можеше да го врзе;
4оти многупати беше во окови и во вериги врзан, ама ги кршеше веригите и ги раскинуваше оковите, и никој не можеше да го скроти;
5и секогаш, ноќе и дење, по гробиштата и по ридиштата викаше и се удираше со камења.
6Штом Го виде Исуса оддалеку, притрча и Му се поклони.
7Па, како извика со висок глас, рече: »Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!«
8Зашто му беше рекол: »Дух нечисти, излези од човекот!«
9И го праша: »Како те викаат?« А тој одговори и рече: »Легион ми е името, оти сме многу.«
10И Го молеа многу да не ги пади од тој крај.
11А таму, по ридот пасеше голем број свињи.
12И сите бесови Го молеа и велеа: »Прати нѐ во свињине, да влеземе во нив.«
13И Исус веднаш им позволи. Па, како излегоа, нечистите духови – влегоа во свињите; и се гргнаа свињите по стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето.
14А оние, што ги пасеа свињите, побегнаа и известија во градот и по околијата. И мнозина излегоа да видат што станало.
15И дојдоа при Исуса, и го видоа бесниот како седи облечен, и со здрав ум, во кого имаше легион, и се уплашија.
16А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со бесниот и со свињите.
17И почнаа да Го молат да си отиде од нивните краишта.
18А кога влезе во коработ, оној, што беше порано бесен, Го помоли да биде со Него.
19Исус не му позволи, но му рече: »Оди дома при своите, па раскажи им што ти направи Господ и како те помилува.«
20Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа.
21А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, при Него со собра многу народ. И беше покрај морето.
22И ете, дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови
23и Го молеше многу, говорејќи: »Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!«
24И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа.
25Една жена, што страдаше од крвотечение дванаесет години,
26и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и никаква полза не видела, а ѝ станало дури уште полошо,
27штом чу за Исуса, се приближи одзади меѓу народот и се допре до облеката Негова;
28оти си велеше: »Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам!«
29И веднаш престана крвотечението, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста.
30А Исус одеднаш почувствува во Себе како излезе сила од Него и се сврте кон народот па рече: »Кој се допре до облеката Моја?«
31Учениците Негови Му рекоа: »Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: Кој се допре до Мене?«
32Но Он гледаше наоколу, за да ја види онаа, што го направи тоа.
33Жената, пак, се уплаши и трепереше; па, знаејќи што стана со неа, се приближи, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина.
34А Он ѝ рече: »Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!«
35Додека Он уште зборуваше, дојдоа од кај началникот на синагогата и рекоа: »Ќерка ти умре; што Му создаваш уште труд на Учителот?«
36Но Исус, откако ги чу тие зборови, му рече: »Не бој се, а само верувај!«
37И никому не му позволи да оди со Него, освен на Петра, на Јакова и на Јована, братот на Јакова.
38Дојде во куќата на началникот на синагогата и виде смут, плачење и силно врискање.
39И кога влезе, им рече: »Што сте се развикале и расплакале? Детето не е умрено, туку спие.«
40А тие Му се потсмеваа. Он, пак, откако ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на девојчето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше девојчето.
41И, кога ја фати раката на девојчето, рече: »Талита, куми!« – што значи: »Девојко, тебе ти велам, стани!«
42И девојката одеднаш стана, и почна да оди, бидејќи имаше дванаесет години. И сите се зачудија многу.
43А Он строго им заповеда, никој да не разбере за тоа, и рече: »Дајте ѝ да јаде!«

ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖

Марко 5: MK1990

គំនូស​ចំណាំ

ចែក​រំលែក

ចម្លង

None

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល