Марко 3

3
Исус исцелува во сабота сува рака, изгонува нечисти духови. Избор на дванаесетте. Ги казнува фарисеите што хулат на Духот Свети. Укажува кои се Неговите вистински роднини.
1И влезе пак во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака.
2И пазеа на Него, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат.
3А Он му рече на човекот со исушената рака: »Застани насреде!«
4Ним, пак, им кажа: »Во сабота позволено ли е да прави човек добро, или зло; да спаси една душа, или да ја погуби?«
5Па, кога ги изгледа со гнев, зашто Му беше тешко поради нивните скаменети срца, му рече на човекот: »Протегни ја раката своја!« Тој ја протегна, и таа му стана здрава, како и другата.
6Фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со иродовците на совет против Него, како да Го погубат.
7Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето, и по Него одеше многу народ од Галилеја, и од Јудеја,
8од Ерусалим, и од Идумеја и отаде Јордан. Па и од Тир и Сидон, откако чуја какви дела врши, во голем број дојдоа кај Него.
9И им порача на учениците Свои да Му приготват кораб, поради народот, за да не Му додева;
10зашто мнозина беше излекувал, така што сите, кои беа болни, навалуваа на Него за да се доближат до Него.
11И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него, викаа и говореа: »Ти си Син Божји!«
12Но он строго им забрануваше да разгласуваат за Него.
13Потоа се искачи на гората и ги повика при Себе оние, кои Сам ги одбра, и тие дојдоа при Него.
14Избра дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат;
15и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат бесови:
16првиот Симон, кого го нарече Петар;
17па Јаков Зеведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанергес, што значи: синови на громот;
18потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Кананит
19и Јуда Искариотски, кој и Го предаде.
20И дојдоа во една куќа; и пак се собра народ – така што и тие не можеа ни леб да јадат.
21И кога чуја Неговите домашни, отидоа да Го приберат, оти се говореше дека не бил на Себеси.
22А книжниците, што беа слегнале од Ерусалим, велеа дека во Него е Велзевул и дека бесовите ги истерува со силата на кнезот демонски.
23И кога ги повика, им говореше во параболи: »Како може сатаната да изгонува сатана?
24Ако едно царство се раздели на делови, еден против друг, тоа царство не може да се одржи;
25и, ако еден дом се раздели на делови, еден против друг, тој дом не може да опстане;
26ако и сатаната се дигнал против себеси, и се разделил, не ќе може да се одржи; му дошол крајот и нему.
27Никој не може, кога ќе влезе во куќата на силен човек, да му ја ограби покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот; и тогаш ќе му ја земе покуќнината.
28Вистина, ви велам: на човечките синови ќе им се простат сите гревови и хули, какви и да бидат тие;
29но, кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред вечниот суд.«
30Тоа го рече, оти велеа: »Нечист дух е во Него.«
31И дојдоа мајка Му и браќата Негови, па, стоејќи надвор, порачаа да Го викнат.
32А околу Него седеше народ. И Му рекоа: »Ете, мајка Ти и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат.«
33А Он им одговори, велејќи: »Која е мојата мајка, или кои се браќата Мои?«
34Па, како ги погледна оние што седеа околу Него, рече: »Еве ги Мојата мајка и Моите браќа.
35Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.«

ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖

Марко 3: MK1990

គំនូស​ចំណាំ

ចែក​រំលែក

ចម្លង

None

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល