Марко 10

10
За разводот на бракот. Христос ги благословува децата. Богатиот младич. Третото пророкување за страдањата. Синовите Заведееви. Вартимеј.
1И кога стана Исус оттаму, премина во пределите Јудејски, преку страната што е отаде Јордан. И пак приоѓаше народ кон Него; а Он, по Својот обичај, ги поучуваше.
2И пристапија фарисеите и Го прашаа, искушувајќи Го: »Допуштено ли е да ја остави човек својата жена?«
3А Он им одговори и рече: »Како ви заповеда Мојсеј?«
4Тие рекоа: »Мојсеј позволи да се напише разводно писмо и да се отпушти.«
5Одговори Исус и им рече: »Заради вашето жестоко срце ви ја напишал таа заповед.
6Во почетокот на светот, пак, Бог ги создаде маж и жена.
7Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си,
8и ќе се прилепи до жената своја, и обата ќе бидат едно тело; и така, тие веќе не се двајца, а едно тело.
9А Бог што составил, човек да не разделува.«
10И во домот, учениците Негови пак Го прашаа за тоа.
11И им рече: »Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува спрема неа;
12а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодејствува.«
13И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа на оние што ги носеа.
14Кога го виде тоа Исус, негодуваше и рече: »Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо.
15Вистина ви велам: кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.«
16И кога ги прегрна, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше.
17А кога излегуваше на пат, притрча некој, падна на колена пред Него и Го праша: »Учителе добар, што треба да направам, за да наследам живот вечен?«
18Исус му рече: »Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен единиот Бог!
19Заповедите ги знаеш: не прељубодејствувај; не кради; не сведочи лажно; не навредувај; почитувај ги татка си и мајка си.«
20А тој Му одговори и рече: »Учителе, сето тоа сум го запазил од младини.«
21Кога го погледна Исус, му омиле, па рече: »Едно не ти достига: оди и продај сѐ што имаш, и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; дојди и врви по Мене, кога ќе го земеш крстот.«
22Тој, пак, кога се смути од тие зборови, си отиде нажален, зашто имаше големо богатство.
23И кога погледна Исус, им рече на учениците Свои: »Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!«
24А учениците се уплашија од зборовите Негови. Но Исус пак им одговори и рече: »Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо!
25Полесно ѝ е на камила да влезе низ иглени уши, отколку на богат – да влезе во царството Божјо.«
26А тие се чудеа многу и си велеа помеѓу себе: »Тогаш кој може да се спаси?«
27Кога ги погледна Исус, им рече: »За луѓето тоа не е можно, но не и за Бога; зашто за Бога сѐ е можно!«
28И Петар почна да му говори: »Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме.«
29А Исус одговори и рече: »Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието,
30а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век – и живот вечен.
31И мнозина први ќе бидат последни, а последните – први.«
32Кога беа на пат, искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа уплашени, па, врвејќи по Него, се боеја. И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него.
33Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците.
34И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.
35Тогаш пристапија кон Него Зеведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: »Учителе, сакаме да ни направиш она, што ќе побараме.«
36Он ги праша: »Што сакате да ви направам?«
37А тие Му одговорија: »Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.«
38Но Он им рече: »Не знаете што барате. Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?«
39Тие одговорија: »Можеме.« А Исус им рече: »Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите;
40но, да позволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено.«
41Десетте, пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јакова и Јована.
42А Исус, кога ги повика, им рече: »Знаете дека оние, што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив.
43Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;
44и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите.
45Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.«
46Потоа пристигнаа во Ерихон. И кога излегуваше Исус од Ерихон со учениците Свои, и со многу народ, Тимеевиот син, Вартимеј, кој беше слеп, седеше покрај патот и просеше.
47Па, како чу оти е тоа Исус Назареецот, почна да вика и да вели: »Исусе, сине Давидов, помилуј ме!«
48И мнозина му велеа да молчи, но тој уште повеќе викаше: »Сине Давидов, помилуј ме!«
49Исус застана и рече да го викнат. И го повикаа слепиот, говорејќи му: »Не бој се, стани, те вика!«
50Тој, кога ја фрли горната облека, стана и дојде при Исуса.
51А Исус, одговарајќи му, го запраша: »Што сакаш да ти направам?« Слепиот Му рече: »Да прогледам, Учителе!«
52Исус му рече: »Оди си, верата твоја те спаси!« И тој веднаш прогледа, па тргна патем по Исуса.

ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖

Марко 10: MK1990

គំនូស​ចំណាំ

ចែក​រំលែក

ចម្លង

None

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល