Јаков 3
3
Грешен јазик. Премудроста одозгора.
1Не барајте, браќа мои, мнозина да станувате учители, знаејќи дека поголемо осудување ќе добиеме,
2оти сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело.
3Ете, и на коњите им клаваме узда, за да ни се покоруваат, и да управуваме со целото нивно тело.
4Па, ете, и лаѓите, иако се толку големи и силно гонети од бурни ветрови, со мала крмичка се управуваат онаму каде што кормиларот сака;
5а така и јазикот е мал орган, но големи работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува;
6и јазикот е оган, свет полн со неправда; јазикот се наоѓа во таква положба меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот.
7Зашто секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротува и се припитомува од човечкиот род,
8а јазикот никој не може да го скроти: тој е немирно зло и полн со смртоносен отров.
9Со него Го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето, создадени според подобието Божјо.
10Од истата уста излегува и благословот и клетвата. Не треба, браќа мои, тоа така да биде.
11А тече ли од еден ист извор слатка и горчлива вода?
12Може ли, браќа мои, смоквата да раѓа маслинки, или лозата смокви? Така, од еден ист извор не може да тече солена и слатка вода.
13Кој е меѓу вас мудар и умен, нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост.
14Но, ако во срцата свои имате горчлива завист и карање, не фалете се и не лажете против вистината:
15тоа не е мудрост, која доаѓа одозгора, туку земна, душевна, бесовска;
16оти, каде што има завист и карање, таму има неслога и сѐ е лошо.
17А мудроста, што иде одозгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и нелицемерна.
18Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротворците.
ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖
Јаков 3: MK1990
គំនូសចំណាំ
ចែករំលែក
ចម្លង
ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016