Дела 25
25
Павле пред судијата Фест се повикува на ќесарот. Го претставуваат пред царот Агрипа.
1А Фест, откако по три дена прими власт, излезе од Ќесарија и дојде во Ерусалим.
2Тогаш првосвештеникот и старешините јудејски му се пожалија против Павла, и го молеа,
3барајќи милост за себе против него, да го прати во Ерусалим; и редеа заседа за да го убијат патем.
4Но Фест одговори дека Павле се чува под стража во Ќесарија, а и дека тој сам скоро ќе отпатува таму.
5Кои, пак, од вас можат, нека дојдат со мене, и ако има некаква вина на овој човек, тогаш нека го обвинат.
6И откако беше кај нив, не повеќе од десет дена, слезе во Ќесарија, и утредента седна на судискиот стол и заповеда да го доведат Павла.
7А кога го доведоа, Јудејците што беа дошле од Ерусалим, застанаа наоколу, и многу и тешки вини изнесуваа против Павла, кои не можеа да ги докажат.
8А тој, бранејќи се, рече: »Со ништо не се огрешив ни против Законот јудејски, ни против црквата, ниту, пак, против ќесарот.«
9Но Фест, сакајќи да им угоди на Јудејците, му одговори на Павла и рече: »Сакаш ли да одиш горе во Ерусалим и таму да ти се суди за тоа од мене?«
10А Павле одговори: »Стојам пред ќесаревиот суд, каде што и треба да бидам суден. Јудејците не сум ги навредил со ништо, како што и ти тоа многу добро го знаеш.
11Оти, ако сум виновен и сум направил нешто што заслужува смрт, јас не се откажувам да умрам; но, ако од сето тоа нема ништо, во што ме обвинуваат тие, тогаш никој не може да ме предаде на нив. Ќесарев суд сакам.«
12Тогаш Фест, откако се посоветува со свештениците, одговори: »Кај ќесарот, – рече, – сакаш да појдеш – кај ќесарот ќе појдеш.«
13А откако минаа неколку дена, царот Агрипа и Верникиј слегна во Ќесарија за да го поздрават Феста.
14И бидејќи таму останаа повеќе денови, Фест му рече на царот за Павла, велејќи: »Еден човек остави Феликс во затворот.
15Кога бев во Ерусалим, за него излегоа првосвештениците и старешините јудејски и ме молеа да го осудам.
16Јас им одговорив дека кај Римјаните не е вообичаено човек да се осудува на смрт пред обвинетиот да се соочи со обвинителите и му се позволи да се брани од обвинувањето.
17И кога се собраа овде, на другиот ден, без никакво одлагање јас седнав на судискиот стол и заповедав да го доведат човекот;
18и кога застанаа околу него обвинителите, не изнесоа никаква вина против него, како што претполагав;
19туку против него имаа некакви препирки по прашањето за нивното суеверје и за некој си Исус, Кој умрел и за Кого Павле вели дека е жив.
20А јас, не знаејќи што да правам со овој, му реков: сака ли тој да оди во Ерусалим и таму да биде суден за тоа?
21Но, бидејќи Павле посака да биде оставен за Августовото судење, заповедав да го држат под стража, додека го пратам при ќесарот.«
22Тогаш Агрипа му рече на Фест: »Би сакал и јас да го ислушам тој човек.« А тој одговори: »Утре ќе го ислушаш.«
23Утредента, кога Агрипа и Верникиј дојдоа со голем блесок и влегоа во судницата заедно со војводите и првите граѓани, по заповед на Фест, го доведоа Павла.
24И Фест рече: »Царе Агрипа и сите вие мажи, кои сте со нас овде! Го гледате овој, за кого целото мнозинство Јудејци дојдоа при мене, и во Ерусалим и овде, и викаа дека тој повеќе не треба да живее.
25Но јас, кога разбрав дека тој не направил ништо достојно за смрт, и бидејќи тој сам посака суд пред Августа, решив да го пратам при него.
26За него, пак, немав поправо што да му напишам на Господарот; затоа го изведов пред вас, и особено пред тебе, царе Агрипа, за да можам, откако ќе се сврши испитувањето, нешто да напишам.
27Оти, бесмислено е, ми се чини, да пратам затвореник, а вината негова да не ја соопштам.«
ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖
Дела 25: MK1990
គំនូសចំណាំ
ចែករំលែក
ចម្លង
ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016