Дела 23

23
Павле пред големиот суд. Фарисеите и садукеите се препираат поради него. Му зборува Господ. Павла го одведуваат во Ќесарија и затоа не се постигнува целта тој да биде убиен.
1Павле го впери својот поглед кој Синедрионот и рече: »Луѓе, браќа! До оној ден со најдобра совест пред Бога живеев!«
2А првосвештеникот Ананиј на оние, што стоеја пред него, им заповеда да го удрат по устата.
3Тогаш Павле му рече: »Бог тебе ќе те удри, ѕиду варосан! Ти седиш, за да ме осудиш според Законот, а заповедаш да ме бијат против Законот.«
4А оние што стоеја пред него, рекоа: »Божјиот првосвештеник ли го хулиш?«
5Павле одговори: »Не знаев, браќа, дека тој е првосвештеник; бидејќи е напишано: ‚Началникот на твојот народ да не го злословуваш‘.«
6А кога узна Павле дека еден дел од нив се садукеи, а другиот – фарисеи, извика во Синедрионот: »Луѓе, браќа! Јас сум фарисеј, син на фарисеј; за надеж, и за воскресение на мртвите ме судат!«
7Кога го кажа тоа, настана расправија меѓу фарисеите и садукеите, и мнозина од народот се раздвоија.
8Зашто садукеите велат дека нема ни воскресение, ни ангел, ни дух; а фарисеите го признаваа и едното и другото.
9Настана голема врева; и станаа книжниците од фарисејската страна и почнаа да се препираат, велејќи: »Ништо лошо не наоѓаме во овој човек; ако, пак, нему му зборувал дух или ангел, тогаш да не му се противиме на Бога.«
10И бидејќи стана голем смут, заповедникот, уплашен да не би Павла да го раскинат, им заповеда на војниците да слегнат и да го грабнат од помеѓу нив и да го одведат во тврдината.
11Ноќта му се јави Господ и му рече: »Не плаши се, Павле! И како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така ќе треба да сведочиш и во Рим.«
12А кога се осамна, некои од Јудејците се договорија, зедоа клетва и си рекоа да не јадат, ниту да пијат додека не го убијат Павла.
13Тие, што зедоа таква клетва, беа повеќе од четириесет души.
14Па отидоа при првосвештениците и старешините и рекоа: »Клетва си кладовме ништо да не каснеме додека не го убиеме Павла.
15Затоа вие од Синедрионот соопштете му сега на заповедникот утре да го доведе долу пред нас, ѓоа ќе сакате поточно да го разгледате неговото дело; а ние, пред да наближи, ќе бидеме готови да го убиеме.«
16Кога чу за таа заседа Павловиот сестрин син, отиде, влезе во тврдината и му кажа на Павла.
17А Павле повика еден стотник и му рече: »Одведи го ова момче при заповедникот, зашто има нешто да му каже.«
18И тој го зеде, го одведе при заповедникот и рече: »Затвореникот Павле ме повика и замоли ова момче да го доведам при тебе, зашто имало нешто да ти каже.«
19Заповедникот го фати за рака, застана со него на страна и го праша: »Што има да ми кажеш?«
20А тоа рече: »Јудејците се договорија да те молат утре да го одведеш Павла долу пред Синедрионот, ѓоа ќе сакаат поточно да го испитуваат нешто во врска со неговото дело.
21Но ти не им верувај, бидејќи ќе го чекаат четириесет, а и повеќе души од нив, што се заколнале да не јадат, ниту да пијат, сѐ додека не го убијат; и сега се веќе готови, чекаат само да им ветиш.«
22Тогаш заповедникот го испрати момчето, откако му порача: »Никому не кажувај оти си ми го кажал ова!«
23Потоа повика двајца стотници и рече: »Пригответе ми двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Ќесарија во третиот час ноќеска;
24и пригответе добици, за да го качат Павла и да го одведат до намесникот Феликс!«
25Напиша и писмо со оваа содржина:
26Клаудиј Лисиј испраќа поздрав до многупочитуваниот намесник Феликс.
27Овој човек беа го фатиле Јудејците и сакаа да го убијат; јас се јавив со војска и го одзедов, бидејќи разбрав дека е римски граѓанин.
28И сакајќи да ја узнаам причината, поради која го обвинуваат, го изведов пред нивниот Синедрион,
29и дознав дека го обвинуваат по прашања од нивниот Закон, но дека нема никаква вина, поради која би заслужувал смрт или окови.
30И бидејќи ми беше соопштено дека Јудејците намислиле лошо против тој човек, јас го пратив веднаш при тебе, откако им порачав и на обвинителите да кажат пред тебе што имаат против него. Биди здрав!
31И така, војниците, онака како им беше повелано, го зедоа Павла и го одведоа ноќе во Антипатрида.
32А на вториот ден се вратија во станот, откако ги оставија коњаниците да одат со него.
33Оние што влегоа во Ќесарија и му го предадоа писмото на намесникот, му го претставија и Павла.
34Намесникот го прочита писмото и праша од кој крај е тој, и откако разбра дека е од Киликија, рече:
35Ќе те ислушам, кога ќе дојдат и твоите обвинители. И заповеда да го држат под стража во дворот Иродов.

ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖

Дела 23: MK1990

គំនូស​ចំណាំ

ចែក​រំលែក

ចម្លង

None

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល