Дела 17
17
Павле проповеда во Солун, Бер и Атина.
1Минејќи преку Амфипол и Аполонија, дојдоа во Солун, каде што имаше јудејска синагога.
2Павле, по својот обичај, влезе при Јудејците и три саботи по ред им зборуваше од Писмото,
3откривајќи им и докажувајќи дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека овој Исус, Кого тој им Го проповеда, е Христос.
4И некои од нив поверуваа и се присоединија кон Павла и Сила, – големо мнозинство богобојазливи Елини, а исто така и не малку видни жени.
5Но некои од Јудејците, што не поверуваа, завидоа и зедоа некои лоши луѓе, се собраа во групи и го разбунтуваа градот и, откако ја нападнаа Јасоновата куќа, ги бараа за да ги изведат пред народот.
6А кога не ги најдоа, го изведоа Јасона и некои браќа пред градските началници и викаа дека оние што ја побуниле вселената дошле и тука;
7дека нив ги прибрал Јасон и дека сите тие постапуваат против заповедите на ќесарот, изјавувајќи оти има друг цар – Исус.
8И го возбудија народот и градските началници, кои го слушаа тоа.
9Но тие, откако зедоа препорака од Јасона и од другите, ги пуштија.
10А браќата веднаш преку ноќта ги упатија кон Берија, Павла и Сила, кои кога пристигнаа, отидоа во јудејската синагога.
11Овие беа поблагородни од солуњаните: тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го испитуваа Писмото, дали е тоа така.
12И мнозина од нив поверуваа – и почитувани жени Елинки, а и од мажите не малку.
13Но солунските Јудејци, штом узнаа дека Павле и таму го проповеда словото Божјо, дојдоа и таму за да го возбудуваат и возмутуваат народот.
14Тогаш браќата го испратија Павла да оди кон морето, а Сила и Тимотеј останаа таму.
15Оние, што го придружуваа Павла, го одведоа во Атина и, откако добија од него заповед за Сила и Тимотеја, за да дојдат и тие поскоро при него, си отидоа.
16И додека ги чекаше нив во Атина, Павле се возмутуваше во духот, гледајќи во градот, полн со идоли.
17И тој беседеше во синагогата со Јудејците и побожните, и секој ден на плоштадот со кого ќе се сретнеше.
18А некои епикурејски и стоички филозофи почнаа да се препираат со него; едни велеа: »Што сака да каже овој празнословец?«, а други: »Се гледа, тој проповеда туѓи божества«, зашто им благовестеше за Исуса и за воскресението.
19И зедоа, та го одведоа во ареопагот, велејќи: »Ќе можеме ли да знаеме какво е тоа учење, што го проповедаш?
20Оти нешто непознато внесуваш во ушите наши. Затоа сакаме да знаеме што е тоа.«
21А, пак, сите атињани, како и туѓинците, кои живееја при нив, во ништо друго не сакаа да го поминуваат времето освен во тоа – да зборуваат или да слушаат за нешто ново.
22Тогаш Павле застана среде ареопагот и рече: »Луѓе атињани, по сѐ гледам дека сте побожни.
23Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жртвеник, на кој беше напишано: ‚На непознатиот Бог.‘ За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Него јас ви проповедам.
24Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него; Он, бидејќи Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворни храмови,
25ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, дишење и сѐ.
26Од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивното постоење,
27за да Го бараат Господа, та не би ли некако Го усетиле и нашле, иако Он не е далеку од секого меѓу нас;
28оти ние преку Него живееме, и се движиме, и постоиме, како што рекле и некои од вашите стихотворци: ‚Негов сме род.‘
29И така, бидејќи род Божји сме, не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегла од човечки ум и измислица.
30Бог, пак, откако ги презре времињата на незнаењето, сега редум им заповеда на сите луѓе да се покајат,
31зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите.«
32Кога чуја за воскресението од мртвите, едни се насмеаја, а други рекоа: »Другпат сакаме да послушаме за тоа.«
33И тогаш Павле си отиде од нив.
34А некои луѓе се присоединија кон него и поверуваа. Меѓу нив беше Дионисиј Ареопагит и една жена, по име Дамара, и други со нив.
ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖
Дела 17: MK1990
គំនូសចំណាំ
ចែករំលែក
ចម្លង
ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016