Дела 10

10
Корнилија и неговата куќа ги обрнува и крштава Петар.
1Во Ќесарија имаше еден човек, по име Корнилиј, стотник од полкот наречен Италиски;
2маж благочестив и богобојазлив со целиот свој дом; и даваше милостина на многу луѓе и секогаш Му се молеше на Бога.
3Околу деветтиот час од денот, тој виде најаве како му се прикажа ангел Божји, кој влезе при него и му рече: »Корнилиј!«
4А тој се вгледа во него и уплашен рече: »Што, Господи?« Тој му рече: »Бог си спомна за молитвите твои и милостините твои.
5И сега, прати луѓе во Јопија и повикај го Симона, наречен Петар.
6Тој е таму кај некој си Симон кожарот, чија куќа се наоѓа покрај морето; тој ќе ти каже зборови преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.«
7Откако си отиде ангелот, што му зборуваше, Корнилиј повика двајца од своите слуги и еден благочестив војник, кои постојано се наоѓаа при него;
8па, откако им кажа сѐ, ги прати во Јопија.
9На другиот ден, кога тие патуваа и наближуваа до градот, Петар околу шестиот час се качи на рамниот покрив од куќата, да се помоли.
10И бидејќи беше огладнел, сакаше нешто да јаде; а додека му приготвуваа, тој падна во занес,
11и го виде небото отворено и некаков сад да слегува кон него, како некое големо платниште, врзано за четирите краишта, и се спушташе на земјата,
12во кое ги имаше сите четвороножни животни, ѕверови, лазачи и птици небески.
13И се чу глас кон него: »Петре, стани, заколи и јади!«
14А Петар рече: »Никако, Господи, оти никогаш не сум јал погано или нечисто.«
15И повторно се чу глас кон него: »Она, што Бог го очистил, ти не го сметај за нечисто!«
16Тоа се повтори трипати, а садот пак се крена кон небото.
17И додека Петар беше во недоумение, што значи тоа видение, што го виде, ете ги луѓето, испратени од Корнилиј, кои, откако се распрашуваа и го најдоа домот на Симона, застанаа пред портата.
18И, откако повикаа, прашаа: »Овде ли гостува Симон, наречен Петар?«
19И дури Петар размислуваше за видението, Духот му рече: »Ете, те бараат три човека.
20Туку стани, слегни и оди со нив, не размислувајќи ништо; зашто Јас ги пратив!«
21Штом слегна при луѓето, испратени од Корнилиј при него, Петар рече: »Јас сум тој, кого го барате. Зошто сте дошле?«
22А тие му одговорија: »Стотникот Корнилиј, човек праведен и богобојазлив, познат по своите добрини меѓу јудејскиот народ, прими заповед од светиот ангел да те повика во својот дом и да ги послуша твоите зборови.«
23Тогаш Петар ги повика внатре и ги нагости. А утрината стана и отиде со нив; и некои од јописките браќа заминаа со него.
24На вториот ден тие влегоа во Ќесарија. А Корнилиј ги чекаше, откако ги беше повикал роднините свои и пријателите блиски.
25Кога Петар влегуваше, Корнилиј го пресретна, падна пред нозете негови и му се поклони.
26А Петар го подигна и му рече: »Стани и јас сум човек.«
27И разговарајќи со него, влезе и најде мнозина собрани.
28И им рече: »Вие знаете дека не му прилега на човек Јудеец да се дружи или да оди кај човек од друг род. Но мене Бог ми покажа ниеден човек да не го наречувам поган или нечист.
29Затоа, а и бидејќи поканет, дојдов без двоумење. Сега ве прашувам за што пративте по мене?«
30И Корнилиј одговори: »Пред четири дена до овој час постев, а во деветтиот час се молев во својот дом; и одеднаш, пред мене застана човек во светла облека,
31и ми рече: ‚Корнилиј, твојата молитва е услишена, и за твоите милостини Бог Си спомна.
32Затоа прати во Јопија и повикај го Симона, наречен Петар; тој се наоѓа сега кај Симона кожарот, покрај морето; тој ќе дојде и ќе ти зборува.‘
33И веднаш пратив по тебе, и ти добро направи што дојде. Сега, пак, ние сите стоиме пред Бога за да чуеме сѐ што ти е од Бога заповедано.«
34Тогаш Петар ја отвори устата и рече: »Навистина признавам дека Бог не гледа на лице;
35туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е.
36Он им го прати на синовите Израилеви словото, благовестувајќи мир преку Исуса Христа, Кој им е Господ на сите.
37Вие знаете за сето она што се изврши по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштавањето, што го проповедаше Јован:
38како Го помаза Бог со Дух Свети и сила Исуса од Назарет, и како Он одеше вршејќи добри дела и исцелувајќи ги сите што беше ги нападнал ѓаволот, зашто Бог беше со Него.
39И ние сме сведоци за сѐ, што направи Он во земјата Јудејска и во Ерусалим. Како Го убија, распнувајќи Го на дрво.
40Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се појавува,
41но не на сиот народ, туку само нам, предизбрани од Бога сведоци, кои јадевме и пиевме со Него по Неговото воскресение од мртвите.
42И ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме, дека Он е од Бога определениот Судија над живите и мртвите.
43Сите пророци сведочат за тоа, дека секој, што ќе поверува во Него, ќе добие простување на гревовите преку Неговото име.«
44Додека Петар уште ги зборуваше тие зборови, Дух Свети слезе над сите што го слушаа словото.
45А обрезаните верници, што беа дошле со Петра, се зачудија дека и над незнабошците се излеа дарот на Светиот Дух,
46зашто ги слушаа да зборуваат на разни јазици и да Го величаат Бога. Тогаш Петар рече:
47Може ли некој да забрани да се крстат со вода оние, кои Го примија Духот Свети како ние?
48И им заповеда да се крстат во името на Исуса Христа. Потоа тие го замолија да остане при нив неколку дена.

ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖

Дела 10: MK1990

គំនូស​ចំណាំ

ចែក​រំលែក

ចម្លង

None

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល