1. Петар 2

2
Христијаните како новозаветен Божји народ треба да се чуваат од телесни желби, да ѝ се покоруваат на власта и да врват по трагите на Христа. Должностите на слугата.
1Отфрлете, пак, од себеси секаква пакост и секаква измама и лицемерство и завист и секакво напаѓање,
2и како новородените деца, бидете желни за вистинско и разумно млеко, та во него да пораснете за спасение,
3бидејќи вкусивте дека е Господ благ.
4Кога пристапувате кон Него, живиот камен, од луѓето отфрлен, но од Бога избран, драгоцен,
5и вие сами, како живи камења, изградувајте од себе духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви, кои Му се на Бога пријатни преку Исуса Христа.
6Зашто во Писмото стои напишано: »Еве, на Сион клавам аголен Камен, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами!«
7Вам, пак, кои верувате, Он ви е чест, а за неверниците – »камен, кого го отфрлија ѕидарите, но кој стана глава на аголот« и »камен за сопнување и камен за соблазнување«,
8на кој тие се сопнуваат, не покорувајќи му се на словото; за тоа се тие и одредени.
9Но вие сте род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени, за да ги возвестите совршенствата на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина;
10вие, кои некогаш не бевте народ, а сега сте народ Божји; кои не бевте помилувани, а сега сте помилувани.
11Возљубени, ве молам, како придојдени и гости, да се пазите од телесните желби, што војуваат против душата,
12имајќи помеѓу себе добри односи среде незнабошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата.
13И така, покорувајте се на секое човечко началство, поради Господа: било на цар, како на врховна власт,
14било на намесници, како негови пратеници за казнување на злочинците, а за пофалба на добротворците!
15Оти, таква е волјата Божја, – со добротворство да го задржуваме незнаењето на безумните луѓе,
16како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покрив за злобата, туку – како слуги Божји.
17Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, од Бога бојте се, царот почитувајте го!
18Слуги, покорувајте се на господарите свои, не само на добрите и кротките, туку и на лошите!
19Оти тоа Му е угодно на Бога, ако некој, од сознание за Бога, поднесува скрб, страдајќи несправедливо.
20Зашто, каква е пофалбата, ако трпите, кога ве бијат поради престапи? Но, ако трпите, кога правите добро и страдате, тоа Му е угодно на Бога.
21Бидејќи вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи на пример, за да врвиме по Неговите стапки:
22Он не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама;
23кога на Него хулеа, Он не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не заплашуваше, туку се потпираше на Оној, Кој праведно суди.
24Он сам ги изнесе нашите гревови на дрвото со телото Свое, та за гревовите да умреме, а да живееме за правдата: »преку Неговата рана се исцеливте«.
25Зашто бевте како овци изгубени, кои немаат пастир, но сега се обрнавте кон Пастирот и Владиката на вашите души.

ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖

1. Петар 2: MK1990

គំនូស​ចំណាំ

ចែក​រំលែក

ចម្លង

None

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល