YouVersion Logo
Search Icon

Лука 16

16
1На Своите ученици, Исус им ја раскажа и следнава приказна: „Еден богат човек имаше свој куќен настојник за кој слушал гласови дека му го растура имотот.
2Го повика кај себе и му рече: ,Што е ова што го слушам за тебе? Поднеси ми завршен извештај за управувањето со мојот имот, зашто повеќе не си мој настојник!‘
3Тогаш настојникот си рече: ,Господарот ќе ме отпушти од работа; што да правам? Да копам не можам, а се срамам да просам.
4Сега знам што треба да сторам, за да си стекнам пријатели кои ќе ме примаат во своите домови, кога ќе бидам отпуштен од работа.‘
5Па ги повика сите должници на неговиот господар и го праша првиот: ,Што и колку му должиш ти на мојот господар?‘
6,Сто буриња маслиново масло‘ - му одговори тој. ,Еве ти нова потврда и напиши дека должиш педесет буриња‘ - му рече настојникот.
7Потоа го праша вториот: ,Колку должиш ти?‘ Овој одговори: ,Сто вреќи пченица.‘ Настојникот му рече: ,Еве ти нова потврда и напиши осумдесет.‘
8И господарот го пофали неправедниот настојник, зашто постапил снаодливо. Бездруго, световните луѓе се многу поитри во вршењето на своите работи во споредба со побожните луѓе.“
9Потоа Исус продолжи: „Јас ви порачувам: стекнувајте си пријатели со световното богатство, па кога него ќе го снема, ќе бидете примени во вечните домови.
10Тој што е верен во мали работи, ќе биде верен и во големи, а тој што е нечесен во мали работи, ќе биде нечесен и во големи.
11Ако не се покажете верни со земното богатство, кое не е вистинско богатство, не очекувајте да ви биде доверено вистинското, небесно богатство.
12Ако не сте верни со она што не е ваше, не очекувајте дека ќе ви биде дадено вашето!“
13„Ниеден слуга не може верно да им служи на двајца господари: или едниот ќе го сака, а другиот ќе го мрази, или едниот ќе го почитува, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите и на Бог и на парите!“
14Сето ова го слушаа фарисеите и Му се подбиваа на Исус, зашто тие беа лакоми за пари.
15А Исус им рече: „Вие се правите праведни пред луѓето, но Бог ви ги познава срцата: во очите на луѓето сте големи, но пред Бога сте гнасни!
16Мојсеевиот Закон и учењата на пророците беа на сила до времето на Јован Крстител. Оттогаш наваму се проповеда Радосната вест за Божјото царство и секој навалува да влезе во него.
17Но попрво ќе исчезнат небото и Земјата, отколку еден ситен детаљ од Божјиот Закон.“
18„Тој што ќе се разведе од својата жена и ќе се ожени за друга - врши прељуба. Тој што ќе се ожени со разведена жена - исто така врши прељуба.“
19„Си беше еднаш еден многу богат човек, кој се облекуваше во скапоцена и модерна облека, секој ден се гоштаваше и живееше раскошно.
20А имаше и еден сиромашен човек, по име Лазар, целиот во рани, кој просеше пред портите на богатиот,
21копнеејќи да се прехрани од она што се фрлаше од трпезата на богатиот, таму, каде што и пците доаѓаа да му ги лижат раните.
22Кога почина сиромавиот, ангелите го одведоа на небото, каде што е Авраам. Почина и богатиот и беше погребан.
23Тој заврши во адот, во страшни маки, од каде што во далечините го забележа Авраама, а до него и Лазара,
24па извика: ,Татко Аврааме! Имај милост спрема мене и испрати ми го Лазар со намокрен прст да ми го разлади јазикот, зашто страшно се измачувам во овој оган!‘
25А Авраам му рече: ,Сети се, синко, дека во твојот живот ти ги имаше сите добри работи, а Лазар сите лоши. Сега, тој ужива овде, а ти се мачиш.
26Освен тоа, меѓу нас и вас има длабока бездна преку која никој не може да помине ни одовде таму, ни оттаму ваму.‘
27А бившиот богатник рече: ,Тогаш, те молам, татко Аврааме, испрати го Лазар во домот на татко ми,
28каде што имам петмина браќа; нека ги предупреди сериозно, за да не втасаат и тие на ова страшно место на измачување!‘
29А Авраам му одговори: ,Тие ги имаат светите писма на Мојсеј и на пророците за да ги предупредуваат; нив нека ги почитуваат.‘
30Но тој пак продолжи: ,Не, татко Аврааме, тоа нема да ги обрати; само ако им дојде некој од мртвите, тие ќе се обратат!‘
31Во заклучок, Авраам му одговори: ,Ако не ги слушаат учењата на Мојсеј и на пророците нема да поверуваат дури ни ако некој воскресне од мртвите!‘“

Currently Selected:

Лука 16: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy