Лука 15
MNT

Лука 15

15
1Голем број наплатувачи на данок и други отпадници доаѓаа да Го слушаат Исус.
2А фарисеите и учителите по верски Закон почнаа да негодуваат, велејќи: „Овој човек се спријателува со отпадници, па и заедно со нив јаде!“
3Тогаш Исус им ја кажа оваа споредба:
4„Ако некој од вас има сто овци и една од нив се загуби во пустината, нема ли да ги остави деведесет и деветте и да тргне по загубената, сe додека не ја најде?
5А кога ќе ја најде, целиот радосен ја качува на рамото,
6и ја носи дома. Потоа ги повикува пријателите и соседите и им вели: ,Радосен сум што си ја најдов загубената овца! Ајде да го прославиме тоа заедно!‘
7Ве уверувам, дека, на сличен начин, поголема е веселбата на небото за еден грешник кој преку покајание се враќа кај Бог, одошто за деведесет и девет праведници на кои не им е потребно покајание!“
8„Ако една жена има низа од десет сребреници и загуби еден од нив, нема ли да запали светло, да ја измете целата куќа и да го бара сребреникот, сe додека не го најде?
9Па кога ќе го најде, ги повикува пријателките и сосетките и им вели: ,Радосна сум што си го најдов сребреникот! Ајде да го прославиме тоа заедно!‘
10Ве уверувам, дека, на сличен начин, Божјите ангели се веселат за еден грешник кој преку покајание се враќа кај Бог.“
11Исус продолжи: „Еден човек имаше два сина.
12Дојде кај него помладиот син и му рече: ,Татко, дај ми го мојот дел од имотот, сега!‘ И таткото им го раздели имотот.
13По неколку дни помладиот син го продаде својот дел и замина со парите во далечна земја. Таму ги потроши сите пари, живеејќи во разврат.
14Кога потроши сe што имаше, земјата ја зафати голем глад и тој се најде во немаштија.
15Отиде како наемник кај еден тамошен човек, кој го прати в поле да му ги чува свињите.
16Страден беше да си го наполни стомакот со желадите што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
17Конечно, тој се свести и рече: ,Сите наемници кај татко ми имаат храна во изобилство, а јас овде гладувам!
18Ќе станам, ќе појдам кај татко ми, и ќе му речам: ,Татко, ви згрешив и на Бог и тебе!
19Повеќе не сум достоен да се нарекувам твој син. Прими ме кај тебе како наемник!‘
20Така тој стана и се упати кај татка си. Додека тој беше уште далеку, таткото го здогледа како доаѓа. Му падна жал и му притрча во пресрет, го гушна и го бакна.
21Синот почна да му зборува, велејќи: ,Татко, ви згрешив и на Бог и тебе! Повеќе не сум достоен да се нарекувам твој син ...‘
22Но таткото го прекина, заповедајќи им на своите слуги: ,Донесете ја бргу најдобрата облека и облечете го! Ставете му и прстен на раката и обувки на нозете!
23Доведете го најдоброто теле, заколете го - да јадеме и да го прославиме ова,
24зашто, овој син беше мртов за мене, а сега оживе; беше загубен, а сега е најден!‘ И така започна прославата.
25Постариот син, пак, беше на нива. Враќајќи се дома, тој уште оддалеку слушна песни и игри,
26па, повикувајќи еден од слугите, го праша што се случува.
27,Брат ти се врати‘ - му одговори слугата, ,па татко ти го закла најдоброто теле, радосен што го виде здрав.‘
28Постариот брат се налути и не сакаше да влезе дома. Излезе татко му и почна да го моли.
29Но тој му рече на татка си: ,Јас ти работев како роб сиве овие години и никогаш не ти бев непослушен, а ти ниеднаш не ми даде ни едно јаре за да се провеселам со пријателите.
30А кога се врати овој твој син, кој по блудници го потроши сиот свој имот, за него го закла најдоброто теле!‘
31Таткото му одговори: ,Сине, ти си секогаш овде, со мене, и сe што е мое е и твое.
32Но треба да се радуваме и да прославиме, зашто брат ти беше мртов и оживе; беше загубен, но сега е најден.‘“

Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.


Learn More About Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик