Галатјаните 6
MNT

Галатјаните 6

6
1Драги пријатели христијани, ако некој од вас заглиби во некаков грев, вие што сте подуховни треба да му помогнете да се извлече, но внимателно, чувајќи се и вие да не бидете завлечени.
2Помагајте си еден со друг кога имате проблеми. На тој начин ќе го извршувате Христовиот закон.
3Ако некој мисли дека е премногу важен за да им помага на другите, самиот се залажува. Со тоа само покажува дека е никој и ништо.
4Секој треба да си ги проценува сопствените постигања, без да се споредува со други луѓе. Ако некоја работа е добро извршена, тоа треба да биде за лично задоволство, а не за да се фали пред другите.
5Зашто секој од нас е одговорен за сопственото поведение.
6Оние што присуствуваат на поуки од Светото Писмо, нека ги делат сите свои добра со учителот што ги поучува.
7Не залажувајте се: никој не може да го измами Господ! Секој човек ќе си го жнее тоа што си го сее!
8Тој што живее само за сопственото тело, ќе ожнее смрт, а кој живее за Духот, од Него ќе добие вечен живот.
9Да бидеме неуморни во правење добро, зашто ако истраеме, ќе дојде време кога ќе го ожнееме посеаното.
10Затоа, секогаш кога ќе ни се укаже можност, треба да им правиме добро на сите луѓе, а особено на оние што се наше семејство по вера, на христијаните.
11Гледате со колкави големи букви ви пишувам кога пишувам со сопствена рака!
12Оние што се обидуваат да ве натераат да се обрежете го прават тоа само за да не бидат прогонувани поради проповедање дека спасението доаѓа само преку вера во Христовата жртва на крстот.
13Зашто ни самите тие, иако се обрежани, не се придржуваат кон целиот Закон. Тие сакаат да ве натераат да се обрежете, само за да се фалат дека ве придобиле.
14Што се однесува до мене, да не даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со придобивките од крстот на нашиот Господ Исус Христос. Поради тој крст, умре во мене интересот за овој свет, а умре и интересот на овој свет за мене.
15Не е важно дали е човек обрежан или не. Важно е да се промениме, да станеме нови луѓе.
16На сите што ќе се придржуваат кон ова правило им посакувам мир и милост од Господ. Тие се новиот Божји народ.
17Отсега натаму никој нека не ми додева со вакви обвинувања, зашто јас на сопственото тело носам лузни што покажуваат дека Му припаѓам на Христос.
18Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет, и духовно нека биде со вас, драги мои. Амин.

Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.


Learn More About Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик