Галатјаните 5
MNT

Галатјаните 5

5
1Значи, ние сме слободни! Христос не ослободи. Држете се цврсто до таа слобода и не дозволувајте повторно да ви го стават јаремот на ропството, односно Мојсеевиот Закон.
2Слушнете ме сега! Јас, Павле, ви тврдам дека ако се надевате преку обрежувањето да се спасите, тогаш Христос не може да ви помогне.
3Уште еднаш ќе ви нагласам дека секој што ќе се обреже е должен да го спроведува целиот Мојсеев Закон.
4Тие што се обидуваат да се помират со Бог преку придржување кон Мојсеевиот Закон, се одвојуваат од Христос и ја губат Неговата благонаклоност.
5А ние, христијаните, со нетрпение очекуваме да бидеме оправдани, но преку Светиот Дух и преку вера.
6За тој што верува во Исус Христос нема никакво значење дали е обрежан или не. Важно е да имате делотворна вера и таа да се искажува преку љубов.
7Добро напредувавте. Кој ве спречи да продолжите да ја следите вистината?
8Тоа сигурно не е Бог, зашто Тој ве избра.
9Малку квасец треба за да скисне целото тесто!
10Јас сепак верувам дека Господ ќе ве одржи за да не отстапите од вистината, а оние што ве збунуваат, кои и да се, ќе си ја добијат заслужената казна.
11Што се однесува до обвинувањата против мене, драги пријатели христијани, дека јас се уште проповедам оти обрежувањето е неопходно, зошто тогаш Евреите ме прогонуваат? Да е така, она што јас го проповедам за Христовиот крст не би претставувало камен на сопнување за нив.
12Би сакал оние што ве збунуваат терајќи ве да се обрежете, да не застанат на обрежувањето, туку самите себе и да се кастрираат!
13Што се однесува до вас, драги пријатели христијани, вие сте избрани да живеете во слобода. Немојте, меѓутоа, таа слобода да ви биде изговор за да дозволите телесното да завладее со вас. Напротив, со љубов служете си еден на друг.
14Зашто, целиот Закон може да се сведе само на една заповед: „Сакај го својот ближен како што се сакаш себеси.“
15Но, ако наместо да се сакате, се гризете и се растргнувате како диви ѕверови, внимавајте сосема да не се уништите!
16Сакам да ви го кажам следново: дозволете Светиот Дух да ве раководи и нема да им подлегнувате на грешните телесни похоти.
17Грешните телесни похоти се противат на дејствувањето на Светиот Дух, а Светиот Дух се противи на дејствувањето на грешните телесни похоти. Овие две сили се борат една против друга. Тоа значи дека нема да можете да правите се што ќе посакате.
18Но ако сте водени од Светиот Дух, значи дека вие веќе не сте под Законот.
19Делата на грешната телесна природа се видливи: блуд, погани работи, разврат,
20идолопоклонство, вражање, омрази, кавги, љубомора, гнев, себичност, поделби, ереси,
21завист, пијанство, развратни гозби и слични нешта за кои веќе порано ве предупредив. Како што веќе ви зборував, оние што прават такви нешта нема да го наследат Божјото царство.
22Од друга страна, ако ве раководи Светиот Дух, Тој ќе ги произведе во вас следниве плодови: љубов, радост, мир, трпеливост, љубезност, добрина, верност,
23кроткост и самоконтрола. Не постои закон што е против вакви нешта.
24Тие што Му припаѓаат на Исус Христос, ја имаат распнато својата грешна телесна природа, заедно со нејзините необуздани желби и страсти.
25Ако Светиот Дух ни дал живот, тогаш треба да живееме согласно Неговото водство.
26Не смееме да бидеме самобендисани, да се провоцираме еден со друг или да си завидуваме.

Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.

Learn More About Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик