YouVersion Logo
Search Icon

ВтЗакон. (5 Moj.) 2

2
1„Тогаш се свртивме и тргнавме во пустината кон Црвеното Море, како што ми нареди Господ. Долго се вртевме околу гората Сир.
2И Господ ми рече:
3‘Доста се вртевте околу оваа гора. Завртете кон север!
4И на народот наложи му вака: „Сега ќе поминете преку подрачјето на своите браќа, Исавовите потомци, кои живеат во Сир. Тие се бојат од вас; ама и вие припазете добро;
5не зафаќајте бој со нив, зашто нема да ви дадам ни стапка од нивната земја: гората Сир му ја дадов на Исава во наследство.
6Купувајте од нив храна, со платежни средства, за да имате што да јадете; и водата за пиење купувајте ја од нив со платежни средства.
7Па Господ, твојот Бог, те благослови во сите дела на твоите раце; Тој бдееше над твоите патувања низ оваа голема пустина; овие четириесет години Господ, твојот Бог, беше со тебе и ништо не ти недостасуваше.”‘
8Така, своите браќа, Исавовите потомци, кои живеат во Сир, ги заобиколивме по патот што води во Араб, Елат и во Есион-Гавер, а тогаш се запативме кон Моавската Пустина.
9Тогаш Господ ми рече: ‘Не ги вознемирувај Моавците ниту војувај со нив, зашто ништо од нивната земја нема да ти дадам во твое наследство: на Лотовите синови им го предадов Ар во сопственост.’
10(Порано таму живееја Омините. Беше тоа силен и броен народ; со крупен раст како и Енаковците.
11Како Енаковците, и нив ги сметаат за Енакимци, ама Моавците ги наречуваат Емими.
12Исто така во Сир живееја порано Хорејците, ама Исавовите потомци ги истераа, ги истребија, и се населија на нивното место, како што направи и Израел со земјата - со своето наследство - што Господ му ја предаде.)
13‘А сега станете и преминете преку потокот Заред!’ И поминавме преку потокот Заред.
14Времето што го поминавме одејќи од Кадис-Варниј па додека поминавме преку потокот Заред, изнесуваше триесет и осум години - сè додека не изумре во логорот сето она поколение на луѓето способни за борба, како што Господ и им се заколна.
15И навистина! Господовата рака беше против нив: ги истребуваше од средината на логорот додека ги снема.”
16„И така, кога смртта ги истреби од народот сите луѓе способни за борба,
17Господ им рече:
18‘Денес го преминуваш моавскиот предел Ар.
19А тогаш ќе им се приближиш на Амонците. Не ги вознемирувај ниту зафаќај бој со нив. Имено, ништо од земјата на Амонците нема да ти отстапам тебе во наследство, зашто веќе ја предадов во сопственост на Лотовите потомци.’
20(И неа ја сметаат за рефаимска земја. Во неа порано живееја Рефаимите, кои Амонците ги викаа Замзуми.
21Тоа беше силен и многуброен народ; со крупен раст како и Енаковите синови. Но Господ ги уништи пред Амонците - кои ги избркаа и се населија на нивното место,
22како што, впрочем, им направи и на Исавовите потомци, кои се населени во Сир, кога ги уништи пред нив Хорејците, што тие ги истераа од недвижниот имот и живеат на нивните места до денес.
23И Авејците, кои живееја во селцата сè до Газа, беа истребени од Кафторците, кои излегоа од Кафтор и се населија на нивното место.)
24‘Станете! Тргнете на пат и преминете преку потокот Арнон. Ете, ти ги предавам во рацете на Амореецот Сион, есевонскиот цар, и неговата земја. Почни со освојувањето; предизвикај го на бој!
25Од денес почнувам да сеам страв и трепет пред тебе во народите, кои се под сите небеса, така што ќе треперат и ќе се тресат пред тебе кога ќе чујат глас за тебе.’”
26„Тогаш испратив, од пустината Кедемот, гласници при есевонскиот цар Сион со мирољубиви зборови:
27‘Пушти ме да поминеме преку твојата земја. Само ќе поминам по патот, не свртувајќи ни десно ни лево.
28Продај ми храна за сребреници за да можам да јадам; и вода за пиење давај ми за сребреници. Пушти ме само да поминам пеш,
29да поминам преку Јордан во земјата што ни ја дава Господ, нашиот Бог - како што ми дозволија Исавовите потомци, настанети во Сир, и Моавците, кои живеат во Ар.’
30Ама есевонскиот цар Сион не сакаше да нè пушти преку своето; зашто Господ, твојот Бог, му го заслепи духот, а срцето му го закорави, за да го предаде во твоите раце.
31Тогаш Господ ми рече: ‘Ете почнав да ти ги предавам Сион и неговата земја. Почни со освојувањето за да загосподариш со неговата земја.’
32Сион нè пресретна при Јаса.
33Тој се нафрли и сиот негов народ. Но Господ, нашиот Бог, ни го предаде, така што ги поразивме него, неговите синови и сиот негов народ.
34Тогаш ги освоивме сите негови градови и ги предадовме на проклетство сите негови градови со мажите, жените и децата, не штедејќи ништо,
35освен добитокот, што го зедовме како плен, заедно со пленот од градовите што ги освоивме.
36Од Ароир, што се наоѓа на брегот на потокот Арнон, и од градот што е во неговата долина, па до Галад немаше град што би ни се спротивил: Господ, нашиот Бог, ни ги предаде сите.
37Единствено не се доближувавме кон земјата на Амонците, кон крајот покрај потокот Јавок, и кон градовите во подгорјето, како што одреди Господ, нашиот Бог.”

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy