YouVersion Logo
Search Icon

ВтЗакон. (5 Moj.) 1

1
1Ова се зборовите што Мојсеј му ги упати на сиот Израел отаде Јордан, во пустината, во Араб спроти Суф, меѓу Фаран и Тофел, Лавон, Асирот и Дизав -
2од Хорив до Кадис-Варниј, преку Синајската Гора, на единаесет денови одење.
3Тоа беше во четириесеттата година, во првиот ден на единаесеттиот месец, кога Мојсеј им кажа на Израелците сè што му нареди Господ за нив.
4Откако ги порази аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон, и васанскиот цар Ог, кој живееше во Астарот и во Едраи,
5значи од онаа страна на Јордан, во Моавската Земја, Мојсеј почна да го кажува овој Закон, и рече:
6„Господ, нашиот Бог, ни рече на Хорив: ‘Доста престојувавте на оваа гора.
7Тргнете на пат! Отидете во планинскиот крај на Аморејците и на сите нивни соседи, во Араб, во Горјето, во Долините и во Негев, на морскиот брег, и во Ханаанската Земја и во Ливан, сè до Големата Река, до реката Еуфрат.
8Ете, пред вас ја ставам оваа земја. И така, отидете и заземете ја земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци, на Авраама, на Исака и на Јакова, дека ќе им ја даде ним и на нивното потомство по нив.’
9Тогаш ви реков: ‘Не можам да ве водам сам.
10Господ, вашиот Бог, толку ве размножи што денес ве има колку и ѕвезди на небото.
11Господ, вашиот Бог, нека ве умножи уште илјадапати! Нека ве благословува како што вети!
12Ама, како би можел јас да го носам сам вашиот товар, вашето бреме и вашите спорови?
13Заради тоа изберете од вашите племиња умни, искусни и угледни луѓе, за да ви ги поставам за главатари.’
14Вие ми одговоривте: ‘Добро е тоа што го предлагаш.’
15Затоа ги зедов првенците од вашите племиња, умни и угледни луѓе, па ги поставив за главатари: за илјадници стотници, педесетници, десетници и за ваши племенски надгледувачи.
16Во тоа време им наложив и на вашите судии: ‘Сослушајте ги своите браќа; судете праведно меѓу човекот и неговиот брат или придојденикот.
17Немојте да бидете пристрастни во судењето; сослушувајте го малиот како и големиот. Не бојте се од никого! Па судот е Божји! Ако некој случај ви биде претежок, изнесете го пред мене, за да го разгледам јас.’
18Така тогаш ви наложив сè што треба да правите.”
19„Тргнавме од Хорив и, на патот кон горските краеви на Аморејците, како што ни нареди Господ, нашиот Бог, ја поминавме сета онаа голема и страшна пустина што ја видовте. Стигнавме во Кадис-Варниј.
20Тогаш ви реков: ‘Дојдовте во горскиот крај на Аморејците, што Господ, нашиот Бог, ни го дава.
21Ете, Господ, твојот Бог, ја стави пред тебе таа земја. Стани! Заземи ја, како што им рече Господ, Бог на твоите татковци. Не бој се! Не стравувај!’
22Тогаш сите дојдовте кон мене и рековте: ‘Да испратиме пред себе луѓе за да ја согледаат земјата и за да ни јават за патот по кој ќе одиме и за градовите во кои ќе дојдеме.’
23Ми се видоа добри зборовите што ги рековте. Затоа зедов дванаесет луѓе од меѓу вас, по еден од секое племе.
24Тргнаа кон гората, стигнаа до Есхолската Долина па го извидија крајот.
25И набраа плодови од онаа земја, ги донесоа кај нас и јавија: ‘Земјата што ни ја дава Господ, нашиот Бог, е добра.’
26Ама вие не сакавте натаму; се побунивте против наредбите на Господа, својот Бог.
27Викавте во своите шатори и велевте: ‘Во својата омраза кон нас, Господ нè изведе од Египетската Земја за да нè предаде во рацете на Аморејците, за да нè уништат.
28Каде да одиме? Нашите браќа нè обесхрабрија, кога рекоа: „Народот е и поголем и посилен отколку ние; градовите се големи и нивните ѕидови стигаат до небесата. А видовме таму и Енакови потомци.”‘
29‘Не бојте се! - ви реков. Не плашете се од нив!
30Господ, нашиот Бог, Кој оди пред вас, ќе се бори за вас како што го направи пред вашите очи во Египет.
31Освен тоа, виде и во пустината, каде Господ, твојот Бог, за време на целиот пат што го поминавте додека не стигнавте на ова место, ве носеше како што човек го носи своето синче.’
32Но, и покрај тоа, вие не Му поверувавте на Господа, својот Бог,
33во Оној, Кој, при патувањето, одеше пред вас за да ви побара место за оптегање на шаторите - цела ноќ во оган за да ви го осветлува патот по кој ќе одите, а цел ден во облак.”
34„Господ ја чу вашата врева и се заколна во Својот гнев:
35‘Ниеден единствен од овие луѓе, од ова опако поколение, не ќе ја види оваа добра земја за која се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци.
36Освен Халев, синот Ефониев. Тој ќе ја види; нему и на неговите потомци ќе им ја дадам земјата низ која одеше, зашто верно го следеше Господа.’
37Заради вас Господ се налути и на мене па ми рече: ‘Ни ти нема да влезеш онаму.
38Онаму ќе влезе само Исус, синот Навинов, кој ти служи. Охрабри го ти него, зашто тој ќе го воведе Израел во неговото наследство.
39А и вашите мали деда, за кои рековте дека ќе станат робови, вашите синови кои не знаат да го разликуваат доброто и злото, тие ќе влезат во неа; ќе им ја дадам ним во сопственост.
40А вие завртете се и запатете се во пустината, кон Црвеното Море!’
41Вие тогаш ми одговоривте со зборовите: ‘Согрешивме против Господа. Ќе тргнеме горе и ќе се бориме како што ни заповеда Господ, нашиот Бог.’ Секој од вас го грабна своето оружје и непромислено тргна горе во планините.
42Тогаш Господ ми рече: ‘Кажи им: „Не одете горе и не стапувајте во борба, за да не ве поразат вашите непријатели, зашто Јас не Сум меѓу вас.”‘
43Така и ви зборував, но не послушавте. Вие и се спротививте на Господовата заповед и, полни со дрскост, тргнавте кон планината.
44Но Аморејците, кои живееја во гората, удрија на вас, ве збркаа, по вас се нафрлија како пчели, па ве поразуваа од Сир до Орма.
45Откако се вративте, плачевте пред Господа, ама Господ не го слушаше вашето лелекање, ниту го сврте Своето уво кон вас.
46Во Кадис требаше да останете долго време, онолку колку што веќе останавте таму.”

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy