YouVersion Logo
Search Icon

Мудрост Сирахова 50

50
Великиот свештеник Шимон. Поука. Заклучок.
1Великиот свештеник Шимон, син на Онија, за време на својот живот го поправи Божјиот дом, го зацврсти храмот.
2Тој ја стави основата за двојното издигнување – на високата ограда околу храмот.
3Во негово време беше се намалил водостојот, опкружен со ископ, слично на море.
4За да го укрепи градот против опсада, тој ги зајакна градските ѕидови.
5Колку величествен стануваше меѓу народот кога излегуваше од зад храмовата завеса!
6Тој беше како ѕвезда Деница сред облаци, како месечина кога е полна;
7како сонце што грее над храмот на Севишниот и како виножито што светлее меѓу величествени облаци;
8како роза во пролетни дни, како кринови покрај водни извори и како ливаново гранче во летни дни;
9како оган со кадиво во кадилница;
10како искован златен сад, укрсен со секакви скапоцени камења;
11како маслина со плодови и како кипарис извишен до облаци.
12Кога се облекуваше во великолепни одежди, кога ги ставаше сите украси, качувајќи се кон светиот жртвеник, целото светилиште со блесок го исполнуваше.
13И кога ги земаше жртвените делови од рацете на свештениците, стоејќи кај огнот на жртвеникот,
14окружен како со венец од своите браќа свештеници, како леванонски кедрови фиданки и како гранки палмови,
15и сите Аронови синови во сета своја слава со приноси за Господа на рацете пред целиот собир на Израел.
16Завршувајќи ја на жртвеникот службата, за да го овенча приносот на севишниот Седржител,
17ја пружаше раката своја кон жртвената чаша, истураше во неа гроздов сок, го поливаше подножјето од жртвеникот за благопријатен мирис на Царот Севишен.
18Тогаш синовите Аронови трубеа во труби метални и викаа со силен глас за спомен пред Севишниот.
19И тогаш сиот народ ничкум на земја паѓаше, за да се поклони пред својот Господ, Седржителот и Севишен Бог.
20А певците со своите гласови Го прославуваа; во огромниот храм умилна песна се огласуваше;
21народот на Милостивиот и Севишниот Господ се молеше додека славословието се пееше, и така Божјата служба ја завршуваа.
22Тогаш, слегуваќи, рацете свои ги подигаше врз целиот собир од синовите Израелски, благословот Господов со устата своја го искажуваше и името Негово да се пофали.
23А народот уште еднаш ничкум паѓаше, за да го прими благословот на Севишниот.
24И денес, благословувајте Го Бога сите, Кој насекаде големи чуда прави, Кој ги продолжува нашите денови уште од утробата и со нас постапува според Својата милост.
25Тој нека ни даде весело срце и во деновите наши мир да ни подари во Израел од век до век.
26Милоста Негова секогаш да биде со нас и навреме да нѐ избави!
27Од два народа душата моја се обраќа, а третиот и не е народ:
28тоа се оние што живеат на планината Сеир, Филистејците и глупавиот народ што живее во Сиким.
29Оваа мудрост за поука и знаење ја напишав во книга јас, Исус Сираховиот син, од Ерусалим, кој ја изли мудроста на своето срце.
30Блазе му на оној којшто ќе размислува за овие поуки; кој ќе ги стави во своето срце, тој мудар ќе биде,
31а кој ги извршува – ќе успее во сѐ зашто Господовата светлина е неговиот пат.

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy