YouVersion Logo
Search Icon

Матеј 21

21
Христовото влегување во Ерусалим. Чистење на храмот. Неплодна смоква. Христовиот говор во храмот. Парабола за лозарите.
1А кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Витфагија, при Елеонската Гора, Исус испрати двајца ученици
2и им рече: »Отидете во селоно, што е наспроти вас, и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете Ми ги!
3А, ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека Му се потребни на Господа, и веднаш ќе ги прати.«
4А сето тоа стана за да се искаже кажаното преку пророкот, кој вели:
5Кажете ѝ на ќерката Сионова: ете, твојот Цар иде при тебе кроток, качен на ослица и осле, син на подјаремница.
6Учениците отидоа и направија така, како што им беше заповедал Исус:
7ги дотераа ослицата и ослето и ги кладоа одозгора алиштата свои, и Он седна на нив.
8А мнозина од народот ги постилаа по патот облеките свои; други, пак, сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот;
9а народот, што врвеше пред Него и по Него, викаше велејќи: »Осана на Синот Давидов! Благословен е Кој иде во името Господово! Осана на висините!«
10И кога влезе во Ерусалим, целиот град се збуни, прашувајќи: »Кој е Овој?«
11А народот одговараше: »Овој е Исус, пророкот од Назарет Галилејски.«
12И влезе Исус во храмот Божји и ги истера сите, што продаваа и купуваа во храмот, ги растури масите на менувачите и столовите на оние, што продаваа гулаби,
13и им рече: »Напишано е: ‚Домот Мој, дом за молитва ќе се нарече‘, а вие го направивте како разбојничка пештера.«
14И дојдоа при Него во храмот слепи и хроми, и Он ги излекува.
15А првосвештениците и книжниците, гледајќи ги чудесата што ги направи Он, и слушајќи ги децата како викаа во храмот и велеа: »Осана на Давидовиот Син!«, се расрдија,
16и Му рекоа: »Слушаш ли што велат тие?« А Исус им рече: »Да! Зар никогаш не сте читале: ‚Од устата на младенците и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба‘?«
17И кога ги остави, отиде надвор од градот, во Витанија, каде што преноќева.
18А утредента, враќајќи се во градот огладне;
19и виде покрај патот смоква, отиде до неа; па како не најде на неа ништо освен лисја, рече: »Отсега да нема плод на тебе довека!« И смоквата веднаш се исуши.
20Штом го видоа тоа, учениците се зачудија и рекоа: »Како веднаш се исуши смоквата!«
21А Исус им одговори и рече: »Вистина, ви велам: ако имате вера и не се посомните, не само тоа што стана со смоквата ќе извршите, туку, ако и на оваа планина ѝ речете: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ ќе биде.
22И сѐ, што и да побарате во молитва со вера, ќе добиете«.
23И кога дојде Он во храмот и поучуваше, пристапија кон Него првосвештениците и старешините народни и рекоа: »Со каква власт го вршиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?«
24А Исус им одговори и рече: »И Јас ќе ве прашам нешто. Па, ако Ми одговорите, и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам тоа.
25Крштавањето Јованово од каде беше: од небото или од луѓето?« А тие размислуваа помеѓу себе и велеа: »Ако кажеме – ‚Од небото‘, ќе ни рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘
26А ако речеме: – ‚Од луѓето‘, се боиме од народот, оти сите го сметаа за пророк.«
27И, одговарајќи Му на Исуса, рекоа: »Не знаеме.« А Он им рече: »Ни Јас не ви кажувам со каква власт го вршам тоа.«
28»А како ви се чини ова? Еден човек имаше два сина; па отиде при првиот и му рече: ‚Сине, оди денес да работиш во моето лозје!‘
29Тој одговори и рече: ‚Нејќам!‘ Но потоа се покаја и отиде.
30Па како дојде и при вториот, му го рече истото. Тој одговори и рече: ‚Ќе отидам, господаре‘. Но не отиде.
31Кој од двајцата ја исполни татковата волја?« Му одговорија: »Првиот«. Тогаш Исус им рече: »Вистина ви велам, дека митниците и блудниците ќе ве испреварат во царството Божјо:
32зашто дојде при вас Јован по праведен пат и вие не му поверувавте, а митниците и блудниците му поверуваа; вие, пак, иако видовте, не се покајавте отпосле, за да му поверувате.«
33»Чујте друга парабола! Имаше еден човек домаќин, кој насади лозје, го загради со плот, ископа бунар, направи кула и, откако го предаде на лозарите, си отиде.
34И кога наближи времето за берење, тој ги испрати при лозарите своите слуги, за да му ги приберат плодовите.
35Но лозарите, кога ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа.
36Тој испрати сега други слуги, повеќе од првите; но и со нив направија исто.
37Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: ‚Ќе се засрамат од сина ми.‘
38Но лозарите, штом го видоа сина му, си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово.‘
39Па, како го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија.
40А кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?«
41Му одговорија: »Злочинците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари, што ќе му ги даваат плодовите навреме.«
42А Исус им рече: »Зар не сте читале во Книгите: ‚Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот: Тоа е од Господа и чудесно е во очите наши.‘
43Затоа ви велам дека царството Божјо ќе се земе од вас и ќе се даде на народ, што ги принесува неговите плодови.
44И кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а тој врз кого падне, ќе го здроби.«
45И слушајќи ги Неговите параболи, првосвештениците и фарисеите разбраа дека говори за нив,
46па гледаа да го фатат; но се плашеа од народот, зашто Го сметаа за пророк.

Currently Selected:

Матеј 21: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy