YouVersion Logo
Search Icon

Јеремија 52

52
Пропаста на Ерусалим.
1Седекија беше на двесет и една година, кога почна да царува, и царуваше во Ерусалим единаесет години; името на неговата мајка беше Хамутал, ќерка на Јеремија од Ливна.
2И тој вршеше зло пред очите на Господа, сето она што го изврши Јоаким;
3заради тоа гневот Господен се нафрли над Ерусалим и над Јуда, додека ги отфрли од лицето Свое. А Седекија се одметна од вавилонскиот цар.
4И во деветтата година од царувањето негово, во десеттиот месец, во десеттиот ден од месецот, дојде Навуходоносор, вавилонскиот цар, тој и сета негова војска против Ерусалим, го опседна и подигна околу него насипи.
5И остана градот опсаден до единаесеттата година на царот Седекија.
6Во четвртиот месец, во деветтиот ден од месецот, се засили гладот во градот, и народот во земјата немаше леб.
7Се направи пролом во градот и сите војници избегаа од градот ноќе низ портите, што се наоѓаа меѓу двата ѕида до царската градина, па отидоа по патот кон пустелијата; а Халдејците беа околу градот.
8Но халдејската војска изврши потера по царот, и го стигна Седекија во јерихонските рамнини, и сета војска негова се разбега од него.
9И го фатија царот и го доведоа пред вавилонскиот цар во Ривла, во земјата Емат, каде што му беше судено.
10И така ги закла вавилонскиот цар синовите на Седекија пред очите негови, ги закла и сите кнезови јудејски во Ривла;
11а на Седекија му ги извади очите и заповеда да го оковат во бакарни окови; па го одведе вавилонскиот цар во Вавилон и го стави во стражарницата до денот на неговата смрт.
12Во петтиот месец, во десеттиот ден од месецот, тоа беше деветнаесеттата година на вавилонскиот цар Навуходоносор, дојде во Ерусалим Навузардан, началникот на телохранителите, кој му служеше на царот вавилонски,
13и го запали домот Господен, царскиот дом и сите куќи во Ерусалим, и сите големи куќи со оган ги изгори.
14И сета војска халдејска, која беше со началникот на телохранителите, ги урна сите ѕидови околу Ерусалим.
15Навузардан, началникот на телохранителите, ги исели бедните и другиот народ, што беше останал во градот, и одметниците, што му се предадоа на вавилонскиот цар, и воопшто сиот прост народ.
16Само неколкумина од бедните во земјата Навузардан, началникот на телохранителите, ги остави како лозари и земјоделци.
17Халдејците ги испокршија и бакарните столбови, што беа во домот Господен, и подножјата, и бакарното море, кое беше во домот Господен, па го однесоа сиот бакар во Вавилон.
18И ги зедоа котлите, лопатките, ножевите, чашите, лажиците и сите бакарни садови што се употребуваа при богослужбата;
19началникот на телохранителите ги зеде и умивалниците и машичките и чашите и котлињата и кандилцата и кадилниците секачите, сѐ што беше од злато и што беше од сребро;
20исто така, и двата столба, едно море, дванаесет бакарни волови кои служеа како подножја, што царот Соломон ги направи во домот Господен; бакарот на сите тие предмети не можеше да се процени.
21Секој од тие столбови беше висок по осумнаесет лакти, а врв од дванаесет лакти ги опкружуваше, одвнатре беше шуплив, а страните му беа дебели четири прсти.
22И имаше над него бакарна глава, а главата беше висока пет лакти; и мрежичката на наровите наоколу беа сите од бакар; исто така беше и другиот столб со нарови.
23Наровите од сите страни беа деведесет и шест; а сите нарови околу мрежичката – сто.
24Началникот на телохранителите го зеде исто така Сераија, првосвештеникот, и Софонија, вториот свештеник, и трите чувари на прагот.
25А од градот зеде еден дворјанин, кој беше началник над војниците, и седум мажи, што му служеа на царот, кои се наоѓаа во градот, и главниот писар во војската, кој го запишуваше народот од земјата за војска, како и шеесет мажи, од народот во земјата, најдени во градот.
26И ги зеде Навузардан, началникот на телохранителите, и ги одведе при вавилонскиот цар во Ривла.
27И ги уби вавилонскито цар и ги погуби во Ривла, во земјата Емат; и така иселен беше Јуда од земјата своја.
28Еве го народот, кој Навуходоносор го исели: во седмата година – три илјади и дваесет и тројца Јудејци.
29Во осумнаесеттата година на Навуходоносора од Ерусалим беа иселени осумстотини триесет и две души;
30Во дваесет и третата година на Навуходоносора, Навузардан, началникот на телохранителите, иссели седумстотини четириесет и пет души Јудејци; сѐ на сѐ – четири илјади и шестотини души.
31Во триесет и седмата година по преселувањето на јудејскиот цар Јоаким, во дванаесеттиот месец, во дваесет и петтиот ден од месецот, Евилмеродах, цар вавилонски, во првата година од своето царување, го подигна јудејскиот цар Јоаким и го изведе од затвор.
32И откако пријателски си поразговараа, го постави престолот негов повисоко до престолите на другите цареви, што беа при него во Вавилон;
33и му ги смени затворските облеки, па тој секогаш со него јадеше во сите дни од животот свој.
34И трошоците негови, разните потреби, му се даваа од царот секој ден до денот на неговата смрт, во текот на сите денови од неговиот живот.

Currently Selected:

Јеремија 52: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy