YouVersion Logo
Search Icon

Марко 10

10
1Потоа Исус замина од Кафарнаум и дојде на југ, во Јудеја, од источната страна на реката Јордан. Повторно многуброен народ се слеваше кон Него и Тој го поучуваше, како и обично.
2Некои од фарисеите сакаа да Му постават замка, па дојдоа кај Него и Го прашаа: „Дозволено ли е мажот да се разведе од својата жена?“
3Исус ги праша: „Што вели Мојсеевиот Закон за тоа?“
4Тие одговорија: „Мојсеј дозволува да и се напише потврда за развод на жената и таа да се отпушти.“
5Исус им рече: „Мојсеј ви го допушти тоа бидејќи сте со закоравени срца.
6Во почетокот Бог создаде маж и жена.
7При стапување во брак човекот се одвојува од својот татко и од својата мајка и се присоединува кон својата жена.
8Тогаш двајцата стануваат едно тело. Значи, тие не се повеќе две тела, туку едно тело.
9Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак.“
10Кога се вратија во куќата, учениците повторно Го прашаа Исуса за тоа.
11Тој им рече: „Тој што се разведува од својата жена и се оженува со друга, извршува прељуба против првата.
12Така и жената што ќе се разведе од својот маж и ќе се омажи за друг, извршува прељуба.“
13Некои луѓе ги носеа своите деца кај Исус за да ги прегрне и да ги благослови. Учениците, пак, ги одвраќаа.
14Кога Исус го забележа тоа, ги прекори учениците и им рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај Мене! Не попречувајте им, зашто на таквите како нив им припаѓа Божјото царство!
15Ве уверувам дека нема да влезете во Божјото царство, доколку не го прифатите со вера каква што имаат малите деца!“
16Потоа Исус ги гушна децата и ги благослови, положувајќи ги Своите раце врз нивните глави.
17Кога Исус излегуваше кон патот, Му притрча еден човек, клекна на колена и Го праша: „Добар Учителе! Што треба да правам за да се здобијам со вечен живот?“
18Исус му одговори: „Зошто Ме нарекуваш ,добар‘? Само Бог е добар!
19Ги знаеш Божјите заповеди: Не убивај, не врши прељуби, не кради, не зборувај лаги за другите, не мами, почитувај ги мајка си и татка си ...“
20Човекот Му одговори: „Учителе! Кон сите овие заповеди се придржувам уште од детството!“
21Тогаш Исус милно го погледна и му рече: „Има уште едно нешто што треба да го направиш: оди, продај го сиот свој имот и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе добиеш имот на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“
22Кога го чу ова, човекот си замина разочаран и тажен, бидејќи поседуваше голем имот.
23Исус погледна наоколу и им се обрати на Своите ученици: „Колку им е тешко на богатите да влезат во Божјото царство!“
24Учениците се изненадија од овие зборови, но Исус продолжи: „Чеда! Тешко се влегува во Божјото царство!
25Полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во Божјото царство!“
26Учениците уште повеќе се збунија, па почнаа да си шепотат еден на друг: „Тогаш, кој може да се спаси!?“
27Исус впечатливо ги погледна и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“
28Петар Му рече: „Ете, ние оставивме сe и станавме Твои следбеници!“
29Исус му одговори: „Ве уверувам дека секој што заради Мене и Евангелието оставил куќа, или браќа, или сестри, или мајка, или татко, или деца, или земја,
30ќе биде награден. Веќе на овој свет, таквиот ќе добие стопати повеќе куќи, браќа, сестри, мајки, деца, земја ... иако ќе има и прогонства. А во идниот свет ќе има вечен живот.
31Но мнозина кои сега се први, ќе бидат последни, а мнозина кои сега се последни, ќе бидат први.“
32Учениците беа збунети кога Исус ги поведе кон Ерусалим, а останатите Негови следбеници беа исплашени. Уште еднаш, Исус ги повика кај Себе дванаесеттемина Свои ученици и почна да им објаснува што сe ќе Му се случи:
33„Сега се искачуваме кон Ерусалим. Таму Мене, Синот Човечки, ќе Ме предадат на свештеничките поглавари и на вероучителите. Тие ќе Ме осудат на смрт и ќе Ме предадат на Римјаните,
34кои ќе се подбиваат со Мене, ќе Ме плукаат, ќе Ме камшикуваат и ќе Ме погубат. Но по три дена, Јас ќе воскреснам!“
35Завдаевите синови Јаков и Јован дојдоа кај Исус и Му рекоа: „Учителе, сакаме да те замолиме да ни исполниш една желба!“
36„Што сакате да сторам за вас?“ - ги праша Исус.
37Тие Му одговорија: „Кога ќе седнеш на престолот во Твоето славно Царство, ние би сакале почесни места: едниот од нас да седи од Твојата десна страна, а другиот од левата!“
38Исус им рече: „Не знаете што барате! Можете ли вие да пиете од чашата на Моите страдања од која Јас наскоро ќе морам да пијам, и да се крстите со страдалничкото крштавање со кое Јас ќе се крстам!?“
39„Можеме!“ - одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Ќе пиете од чашата од која Јас ќе пијам и ќе бидете крстени како и Јас.
40Но не Сум Јас Тој што решава кој ќе седи од Мојата десна, а кој од Мојата лева страна. Тие места ќе им припаднат на оние за кои Бог ги приготвил.“
41Кога останатите десетмина слушнаа за ова, им се налутија на Јаков и на Јован.
42Затоа Исус ги повика сите заедно, и им рече: „Знаете дека оние што се прогласуваат за цареви владеат сурово над народите, а поставуваат и свои високи службеници кои ја користат својата власт над луѓето.
43Но меѓу вас не треба да биде така! Тој што сака да биде најголем меѓу вас, нека им служи на сите!
44Тој што сака да биде прв меѓу вас, нека им биде на услуга на сите,
45зашто и Јас, Синот Човечки, не дојдов на светот за да Ми служат, туку да им служам на луѓето и да го дадам Својот живот како откупнина за мнозина!“
46Исус и Неговите ученици пристигнаа во градот Јерихо. На излегување од градот многуброен народ одеше по нив. Покрај патот седеше еден слеп питач, по име Бартимеј - син на Тимеј.
47Кога слушна дека овде минува Исус Назареќанецот, тој почна да вика: „Исусе, Сине Давидов, покажи милост спрема мене!“
48Мнозина се обидуваа да го замолкнат, но тој уште погласно викаше: „Сине Давидов, покажи милост спрема мене!“
49Исус застана и рече: „Викнете го овде!“ Луѓето го повикаа слепиот и му говореа: „Не плаши се, дојди, Тој те вика!“
50Човекот го фрли своето палто, рипна и потрча кон Исус.
51„Што сакаш да сторам за тебе?“ - го праша Исус. Слепиот одговори: „Учителе, сакам да прогледам!“
52Исус му рече: „В ред; твојата вера те исцели!“ Човекот веднаш прогледа и Му се придружи на Исус.

Currently Selected:

Марко 10: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy