YouVersion Logo
Search Icon

Maтеј 27

27
1На разденување, се состанаа сите свештенички поглавари и народни старешини и решија да побараат од римските власти Исус да биде погубен.
2Го врзаа и Го одведоа кај римскиот гувернер Пилат.
3Кога предавникот Јуда разбра дека Исус е осуден на смрт, кај него се јави грижа на совеста, па им ги врати триесетте сребреници на свештеничките поглавари и на старешините, изјавувајќи:
4„Згрешив, бидејќи предадов невин човек!“ Но тие му одговорија: „Што имаме ние со тоа? Тоа си е твоја работа!“
5Тогаш Јуда ги фрли сребрениците во храмот, си замина оттаму и се обеси.
6Свештеничките поглавари ги собраа парите и рекоа: „Овие пари беа дадени за да се погуби човек; затоа не смеат да се стават во црковната каса!“
7Одржаа состанок на кој решија да се купи ,грнчаревата нива‘ и да се користи како гробишта за туѓинци.
8Поради ова, таа нива до денес се вика ,Крвна нива‘.
9На тој начин се исполнија зборовите на пророкот Еремија: „Ги зедоа триесетте сребреници, цена што за Непроценливиот ја определија Израелците.
10Ги платија за нивата на грнчарот, како што Господ ми објави.“
11Исус беше доведен пред римскиот гувернер Пилат, кој Го запраша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“
12А кога свештеничките поглавари и старешините почнаа да ги изнесуваат своите обвинувања против Него, Исус молчеше.
13Тогаш Пилат Му рече: „Зар не ги слушаш овие тешки обвиненија против Тебе?“
14Но Исус воопшто не му одговараше, на што гувернерот многу се чудеше.
15А на секој празник, гувернерот пушташе од затвор по еден затвореник, по избор на народот.
16Во тоа време в затвор беше еден озлогласен разбојник, по име Бараба.
17Пилат го запраша насобраниот народ: „Кого сакате да ви го ослободам: (Исус) Бараба или Исус, наречен ,Месијата‘?“
18Пилат знаеше дека еврејските водачи му Го предадоа Исуса од завист.
19Додека Пилат го водеше судењето, му ја донесоа следната порака од неговата сопруга: „Не учествувај во осудувањето на Тој праведен човек, зашто ноќва имав морничави соништа поради Него!“
20Но свештеничките поглавари и народните старешини го наговорија народот да бара ослободување за Бараба, а погубување за Исус.
21Гувернерот повторно го праша насобраниот народ: „Кој од овие двајца сакате да ви го ослободам?“ А тие извикаа: „Бараба!“
22Тогаш Пилат ги праша: „А што да правам со Исус, наречен ,Месијата‘?“ Тие на сиот глас викаа: „Распни Го на крст!“
23„Какво злосторство извршил?“ ги праша Пилат. Но тие уште погласно викаа: „Распни Го на крст!“
24Пилат виде дека ништо не може да постигне и дека викањето станува си погласно, па зеде вода, си ги изми рацете пред народот и рече: „Јас сум невин за смртта на овој човек! Ова е ваше дело!“
25„Ние и нашите деца ја преземаме одговорноста за Неговата смрт!“ викаше целиот насобран народ.
26Тогаш Пилат им го ослободи Бараба, а на своите војници им нареди да Го камшикуваат Исуса и потоа да Го распнат на крст.
27Тогаш војниците на гувернерот Го воведоа Исуса во дворот и околу Него се насобра цела чета војници.
28Тие Му ја соблекоа горната облека и Му облекоа црвена наметка.
29Исплетоа венец од трње и Му го ставија на главата, а во десната рака Му ставија една трска. Потоа паѓаа пред Него на колена и Му се подбиваа, велејќи Му: „Здраво, еврејски царе!“
30Го плукаа и со трската Го удираа по главата.
31Откако доволно се изнашегуваа со Исус, Му ја симнаа црвената наметка и повторно Му ја облекоа Неговата горна облека. Потоа Го поведоа на распнување.
32По пат сретнаа еден човек по име Симон, од градот Кирена, и го натераа да го носи крстот за распнувањето на Исус.
33Стигнаа на местото наречено Голгота, што во превод значи „Череп“.
34Му понудија на Исус пијалак од вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но кога Тој вкуси не сакаше да го пие.
35Војниците Го распнаа Исуса на крстот и со жрепка си ги поделија меѓу себе Неговите алишта.
36Потоа седнаа и стражареа околу Него.
37Над главата Му ставија натпис за Неговата вина. Натписот гласеше: „Ова е Исус, царот на Евреите.“
38Заедно со Него распнаа и двајца злосторници: едниот оддесно, другиот одлево на Исус.
39Минувачите покрај крстот Го навредуваа Исуса, вртејќи со главите и
40извикувајќи: „Ти, што тврдеше дека ќе ни го разурнеш храмот и за три дена повторно ќе го подигнеш, спаси се сега! Ако си Ти Божјиот Син, ајде симни се од крстот!“
41На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари, старешините и вероучителите. Тие говореа:
42„Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси! Тој ми бил цар на Израел! Нека се симне сега од крстот, па ќе Му веруваме!
43На Бога се повикуваше, сега Тој нека Го избави, ако Му е навистина мил! Нели Самиот тврдеше дека е Божји Син!?“
44На ист начин Го навредуваа и со Него распнатите злосторници.
45Меѓу дванаесет и петнаесет часот над целата земја се спушти густа темнина.
46Околу петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, л’ма ш’вактани?“ што во превод значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!?“
47Некои од присутните Го слушнаа ова и рекоа: „Го довикува пророкот Илија!“
48Еден од нив веднаш истрча, накваси сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие.
49Другите, пак, говореа: „Чекајте, да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!“
50Исус уште еднаш извика со силен глас и умре.
51Во тој миг, завесата во храмот се расцепи на два дела озгора додолу. Земјата се тресеше и карпите распукнуваа!
52Гробници се отворија и телата на голем број починати праведници воскреснаа!
53Тие излегоа од гробниците и по Исусовото воскресение дојдоа во светиот град и им се покажаа на многу луѓе.
54Римскиот офицер и војниците кои стражареа крај Исус го почувствуваа земјотресот, а ги забележаа и останатите случки. Од тоа многу се исплашија и говореа: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“
55Тука беа присутни и голем број жени, кои уште од Галилеја Го придружуваа Исуса и Му помагаа.
56Меѓу нив беа: Марија од градот Магдала, Марија мајката на Јаков и Јосиф, и мајката на Завдаевите синови, Јаков и Јован.
57Таа вечер, еден богат човек од Ариматеја, кој се викаше Јосиф, а беше Исусов ученик,
58дојде кај Пилат и го побара Исусовото тело.
59Пилат одобри да му се даде. Тогаш Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно
60и го положи во својата нова, дотогаш некористена гробница, издлабена во карпа. На отворот постави голем камен и си замина.
61Спроти гробницата останаа да седат Марија Магдалена и другата Марија.
62Утредента, во саботата, кај Пилат дојдоа заедно свештеничките поглавари и фарисеите.
63Тие му рекоа: „Господине! Се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: „На третиот ден ќе воскреснам од мртвите!“
64Затоа, заповедај три дена да се чува Неговиот гроб, за да не дојдат Неговите ученици да Го украдат Неговото тело, па после да му кажуваат на народот дека Тој воскреснал од мртвите. Ако се случи тоа, последната лага ќе биде полоша од првата!“
65Пилат им рече: „Еве ви стражари, па одете и чувајте како што знаете.“
66Тие отидоа, го запечатија гробниот камен и поставија стража пред гробницата.

Currently Selected:

Maтеј 27: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy