YouVersion Logo
Search Icon

Maтеј 19

19
1Откако го доврши ова излагање, Исус си замина од Галилеја и дојде на јудејска територија, од спротивната страна на реката Јордан.
2Голема толпа народ одеше по Него и Тој ги исцелуваше болните.
3Некои од фарисеите Му пријдоа на Исус и, сакајќи да Му постават замка, го прашаа: „Дали е во согласност со верскиот Закон мажот да има право да се разведе од својата жена за каква и да е причина?“
4Исус им одговори: „Зар не сте читале во Светото Писмо дека на почетокот Творецот создаде маж и жена,
5и дека тогаш Тој рече: ,При стапување во брак, човекот ќе се одвои од својот татко и од својата мајка и ќе се присоедини кон својата жена и двајцата ќе станат едно тело?‘
6Според тоа, тие не се повеќе двајца, туку еден. Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак!“
7На ова, тие Го прашаа: „Тогаш, зошто Мојсеј издаде уредба според која мажот може да ја отпушти својата жена ако ђ даде потврда за развод?“
8А Исус им одговори: „Мојсеј ви дозволи да се разведувате од вашите жени бидејќи вие сте луѓе со закоравени срца. Но, на почетокот не беше така.
9Затоа ви велам дека секој човек што ќе се разведе од својата жена, освен по основа на брачно неверство, извршува прељуба доколку се ожени со друга; и тој што ќе се ожени со распуштеница, исто така, врши прељуба.“
10Неговите ученици Му рекоа: „Ако е таква обврската меѓу мажот и жената, тогаш подобро е човек да не се жени!“
11А Исус им рече: „Тоа можат да го прифатат само оние што Бог ги оспособил да живеат сами.
12Зашто, има разни причини поради кои некои луѓе не се женат: едни се по природа евнуси, други се направени евнуси од луѓе, а трети се откажуваат од стапување во брак за да се посветат на работа за небесното царство. Кој може да го прифати ова учење нека го прифати.“
13Некои луѓе ги носеа своите дечиња кај Исус за да ги положи рацете над нив и да се моли за нив. Учениците, пак, ги одвраќаа,
14на што Исус им рече: „Пуштете ги децата да дојдат кај Мене, и не одвраќајте ги, зашто небесното царство им припаѓа на таквите како нив!“
15Откако Исус ги положи рацете врз нив и ги благослови, си замина оттаму.
16Еднаш, кај Исус дојде еден млад човек и го праша: „Добар Учителе, какви добри дела треба да направам за да се здобијам со вечен живот?“
17А Исус му одговори: „Зошто ме прашуваш во врска со доброто? Има само Еден што е добар а тоа е Бог. Ако сакаш да добиеш вечен живот, придржувај се кон Божјите заповеди.“
18„Кои заповеди?“ го праша човекот, на што Исус му одговори: „Не убивај, не врши прељуба, не кради, не обвинувај лажно;
19почитувај ги татка си и мајка си и сакај ги своите ближни како себеси.“
20Во одговор, младиот човек рече: „Кон сето тоа се придржував; што треба уште да направам?“
21Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, тогаш оди и продај си што имаш и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе имаш богатство на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“
22Кога го чу ова, младиот човек си замина разочаран, бидејќи поседуваше голем имот.
23Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Навистина, на богатите ќе им биде многу тешко да влезат во небесното царство.
24Ве уверувам дека полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во небесното царство!“
25Слушајќи го ова, учениците се зачудија и Го прашаа: „Тогаш, кој може да се спаси!?“
26Исус го впери погледот во нив и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“
27Тогаш Петар проговори и Му рече на Исус: „Ете, ние оставивме си и станавме Твои следбеници. Што ќе добиеме за возврат?“
28Исус им рече: „Ве уверувам вас, коишто станавте Мои следбеници, дека во новиот свет, кога Јас, Синот Човечки, ќе седнам на Својот славен престол, вие ќе седнете на дванаесет престоли и ќе владеете над дванаесетте Израелски племиња.
29А секој од вас што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви заради Мене ќе добие стопати повеќе, а ќе наследи и вечен живот.
30Но мнозина кои сега се први, ќе бидат последни, а мнозина кои сега се последни, ќе бидат први.“

Currently Selected:

Maтеј 19: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy