Maтеј 18
MNT

Maтеј 18

18
1Во тоа време учениците дојдоа кај Исус и Го прашаа: „Кој од нас ќе биде најголем во небесното царство?“
2Исус повика кај Себе едно детенце, го исправи пред нив
3и им рече: „Ве уверувам дека, доколку не се покаете и не станете како малите деца, нема ни да влезете во небесното царство!
4Најголем во небесното царство е оној што ќе се понизи и ќе биде како ова детенце.
5И кој ќе прими едно вакво детенце во Мое име, Мене ме прима.“
6„Ако некој биде причинител за отстапување од верата во Мене на едно од овие најмаливе, подобро би му било да си стави воденички камен околу вратот и да се удави на дното од морето!
7Страшно е што на светот има причинители поради кои луѓе отпаѓаат од верата. Навистина, такви секогаш има, но тешко си му на оној преку кого причините за невера доаѓаат!“
8„Ако твојата рака или нога те наведува на грев отсечи ја и фрли ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една рака или со една нога, отколку со двете да завршиш во вечниот оган!
9Или, ако твоето око те наведува на грев извади го и фрли го! Подобро е да влезеш во вечниот живот, макар и со едно око, отколку со две очи да бидеш фрлен во огнениот пекол!“
10„Внимавајте да не потцените ниедно од овие најмалечкиве, зашто нивните ангели на небото се постојано со Мојот небесен Татко.“
11(Зашто Синот Човечки дојде за да ги спаси оние што се загубени.)
12„Што мислите: ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте и да појде по ридот да ја бара загубената?
13Па кога ќе ја најде, сигурно ќе ђ се радува повеќе отколку на деведесет и деветте кои не се загубиле!
14Така ни вашиот небесен Татко не сака да се загуби ниедна душа, макар и од овие најмалечкиве.“
15„Ако некој христијанин ти згреши, појди кај него и укажи му ја грешката насамо. Ако те послуша повторно си го придобил како свој ближен.
16Ако не те послуша, појди кај него со уште еден или двајца сведоци, за да биде утврдена секоја изјава пред двајца или тројца сведоци.
17Ако тој и нив не ги послуша, тогаш изнеси ја целата работа пред црквата. Доколку тој и црквата не ја послуша, тогаш однесувај се спрема него како спрема неверник или како спрема собирач на данок.“
18„Зашто, ве уверувам, дека, она што ќе го врзете на Земјата ќе остане врзано и на небесата, и она што ќе го разврзете на Земјата ќе биде разврзано и на небесата.
19Исто така, ви го кажувам и ова: ако двајца од вас на Земјата сложно се молат за нешто, Мојот небесен Татко ќе им го исполни.
20Зашто, каде што двајца или тројца ќе се здружат под Моето име, и Јас сум таму, меѓу нив.“
21Тогаш Петар Му пристапи на Исус и Го праша: „Ако еден од моите браќа повеќепати ми згреши, колкупати треба да му простувам? Седум пати ли?“
22А Исус му одговори: „Не седумпати, туку седумдесет пати по седум!
23Ќе ви објаснам преку една споредба. Небесното царство може да се спореди со цар којшто решил да си ги расчисти сметките со своите слуги на кои им позајмил од своите пари.
24Кога почна да проверува, му доведоа еден што му должеше десет илјади таланти.
25Бидејќи слугата не можеше да си го плати долгот, господарот нареди да биде продаден како роб заедно со жената и децата и со си што поседуваа, па така да си го наплати долгот.
26Тогаш слугата падна ничкум пред царот и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“
27На царот му падна жал и го пушти, отпишувајќи му го долгот.
28Но кога овој слуга излезе, сретна еден од своите другари кој му должеше сто денарии, па го фати за гуша и почна да го дави, викајќи му: „Врати ми го долгот!“
29Тогаш неговиот другар клекна и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“
30Но овој не сакаше, туку го фрли в затвор додека не му го врати долгот.
31Кога другите слуги видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа кај царот и му го кажаа сето ова.
32Тогаш царот го повика оној слуга и му рече: „Колку си лош! Кога ти ме молеше, јас ти го простив целиот долг.
33Не требаше ли да му се смилуваш на твојот другар како што јас ти се смилував!?“
34Царот беше толку лут, што го фрли овој слуга в затвор, додека не му го врати целиот долг.
35Така ќе постапи со вас и Мојот небесен Татко, доколку од срце не си простувате едни на други.“

Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.

Learn More About Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик