Лука 2
MNT
2
1Во тоа време римскиот император Август издаде заповед за прв попис на населението во неговата земја.
2Во времето на тој попис управник на Сирија беше Квиринеј.
3Тогаш секој отиде да се запише во местото на своето потекло.
4Така и Јосиф, кој беше потомок на царот Давид, тргна од галилејскиот град Назарет во јудејскиот град Витлеем, родното место на Давид.
5Јосиф отиде таму да се запише заедно со својата бремена свршеница, Марија.
6Додека беа таму, нејзе и дојде времето да се породи.
7И роди Син, нејзино Првороденче, Го пови и Го положи в јасли, бидејќи за нив немаше место во ноќевалиштето.
8Во истиот тој крај, имаше пастири кои ноќеваа во полето, чувајќи ги своите стада.
9Одеднаш им се јави ангел Господов и славата Господова ги осветли, од што тие многу се исплашија.
10Но ангелот им рече: „Не плашете се! Ви носам радосна вест, што ќе ги зарадува сите народи.
11Денес, во Давидовиот град, во Витлеем, ви се роди Спасителот - Месијата, Господ.
12Доказ за ова ќе ви биде следното: во јаслите ќе најдете Новороденче во повој.“
13Вчасот, на ангелот му се придружија голем број ангели од небото, кои Го славеа Бога пеејќи:
14„Слава на Бог во небесата, а на Земјата мир за луѓето над кои почива Неговата благонаклоност!“
15Кога ангелите се вратија на небото, пастирите си рекоа еден со друг: „Ајде да појдеме до Витлеем и да ја видиме оваа случка со која нe запозна Господ!“
16Отидоа брзајќи и ги најдоа Марија и Јосиф со Новороденчето кое лежеше во јаслите.
17Откако Го видоа, на сите им раскажуваа за сето она што им го беше рекол ангелот за Детето.
18Сите што го слушаа ова од пастирите, се восхитуваа,
19а Марија ги запамети сите тие зборови и често размислуваше за нив.
20Потоа пастирите се вратија, пеејќи Му славопојки на Бог за сето она што го слушнаа и видоа, зашто сe беше точно така како што им кажа ангелот.
21На осмиот ден, при обрежувањето, на Новороденчето Му беше дадено името Исус, како што Го беше нарекол ангелот уште пред да биде зачнат.
22Кога помина времето на нивното исчистување, согласно со Мојсеевиот Закон, Јосиф и Марија Го донесоа Детето во Ерусалим за да Го посветат пред Господ,
23како што е пропишано со Законот Господов: ,Секое првородено машко дете да Му биде посветено на Господ.‘
24Отидоа да принесат и жртва: две грлици или две гулапчиња, како што се бараше според Господовиот Закон.
25Во тоа време, во Ерусалим живееше еден човек по име Симон. Тој беше добар и богобојазлив, исполнет со Светиот Дух, и Го очекуваше Месијата Кој ќе го избави Израел.
26Симон беше добил уверување од Светиот Дух дека нема да умре додека не Го види Месијата, ветен од Господ.
27Поттикнат од Светиот Дух, Симон дојде во храмот токму кога родителите Го донесоа Детето Исус, за да Го посветат, согласно со она што беше пропишано со Мојсеевиот Закон.
28Симон Го зеде Детето в раце и упати благодарност кон Бог, велејќи:
29„Господе, сега можам спокојно да умрам зашто Ти го одржа Своето ветување.
30Моите очи Го видоа Спасителот,
31Кого Ти Го испрати за сите народи.
32Тој е Светлина што на народите ќе им го открие Бога и ќе Му донесе слава на Твојот народ, Израел!“
33А Јосиф и Марија се восхитуваа од овие зборови искажани за Исус.
34Тогаш Симон ги благослови, и и рече на Марија, мајката на Детето: „Ова Детенце е избрано од Господ да собори и да подигне мнозина во Израел; ќе биде знак против кој луѓето ќе зборуваат,
35откривајќи ги така своите тајни мисли. А тебе, тагата како меч ќе ти ја прободе душата.“
36Таму беше и една многу стара пророчица, по име Ана, ќерка на Фануел, од Ашеровото племе. По своето моминство, таа живеела во брак седум години, а потоа останала сама; сега имаше осумдесет и четири години.
37Таа беше постојано во храмот и Му служеше на Господ и дење и ноќе, постејќи и молејќи се.
38Токму кога Симон разговараше со Јосиф и Марија, таа пријде и почна да Го слави Бога и да им зборува за Исус на сите што очекуваа да се појави ветениот Цар, Кој ќе го избави Ерусалим.
39Кога Јосиф и Марија извршија сe што беше пропишано според Господовиот Закон, се вратија во својот град, Назарет, во покраината Галилеја.
40Таму Детето растеше и закрепнуваше; беше полно со мудрост, а Бог Му беше особено благонаклонет.
41Родителите на Исус одеа секоја година во Ерусалим, за време на празникот Пасха.
42Кога Исус имаше дванаесет години, тие отидоа со Него на празникот, како и обично.
43По празникот, тие тргнаа дома, а Исус остана во Ерусалим без знаење на Неговите родители.
44Мислејќи дека е некаде меѓу патниците, тие патуваа цел ден, барајќи Го меѓу роднините и пријателите.
45Бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат таму.
46По три дена Го најдоа во храмот, каде што седеше со еврејските учители, ги слушаше и им поставуваше прашања.
47Сите што Го слушаа беа одушевени од Неговите умни одговори.
48Кога Го видоа, Неговите родители се изненадија, а мајка му Му рече: „Зошто ни го направи тоа, чедо мое!? И татко ти и јас се изнамачивме барајќи Те!“
49Тој им одговори: „Зошто сте Ме барале? Зар не знаевте дека Јас треба да бидам во служба на Мојот Татко!?“
50Но тие не го разбраа Неговиот одговор.
51Потоа Исус се врати со нив во Назарет и им беше послушен. Мајка му грижливо ги редеше во своето срце сите овие случки.
52Исус растеше и напредуваше во мудрост, здобивајќи се со благонаклоност и кај Бог и кај луѓето.

Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.

Learn More About Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик