YouVersion Logo
Search Icon

1 Петар 4

4
1Кога Христос, додека беше овде на Земјата, страдаше, и вие треба да бидете подготвени да страдате. Кога човек ќе умре, престанува да греши.
2Ако „умревте“ со Христос, вие веќе нема да живеете водени од вашите телесни страсти, туку во текот на вашиот овоземен живот ќе ја исполнувате Божјата волја.
3Доволно време потрошивте учествувајќи во она во што уживаат паганите: во неморал, незауздана похота, опивање, гозби, пијанки и одвратно идолопоклонство.
4Вашите поранешни пријатели се чудат што вие не сте веќе со нив во тоа море од расипаност, па затоа зборуваат против вас.
5Но тие ќе полагаат сметка пред Бог, Кој веќе е подготвен да им суди и на живите и на мртвите.
6Токму заради ова, Радосната вест им беше проповедана и на оние што починаа. Иако телесно беа казнети со смрт, тие ќе живеат духовно, како што и Бог живее како Дух.
7Крајот е близу. Затоа бидете трезвени и ревносно молете се,
8а најмногу од се, сакајте се меѓу себе длабоко и искрено, зашто љубовта покрива многу гревови.
9Бидете гостољубиви еден спрема друг, без да негодувате.
10Секој, согласно со дарбите што ги има, нека им служи на другите. На тој начин ќе докажете дека добро управувате со дарбите што ги дава Бог, дарежливо и разновидно.
11Ако е некој добар говорник, нека ја проповеда Божјата порака. Ако некој има дарба да им помага на луѓето, нека го прави тоа со силата што му ја дава Бог. Се треба да се прави така што да Му се оддава слава на Бог, преку Исус Христос, на Кого Му припаѓаат славата и власта во вечни времиња. Амин.
12Драги мои, нека не ве изненадува фактот што минувате низ огнени искушенија, небаре нешто неочекувано ви се случува!
13Радувајте се што преку страдањата се идентификувате со Христос. Затоа, пак, ќе се радувате и веселите кога ќе се открие Неговата слава.
14Ако ве навредуваат поради тоа што сте Христови следбеници, тоа треба да ве радува! Тоа е доказ дека величествениот Божји Дух е во вас.
15Срамота е ако некој од вас биде казнет за убиство, за кражба, за злосторство или за правење сплетки,
16но ако страдате поради тоа што сте христијани, немојте да се срамите. Напротив, бидете Му благодарни на Бог што го носите Христовото име!
17Бог веќе почна да суди и тоа најпрво меѓу Своите следбеници. Ако ние, христијаните сме судени, каков ли ќе им биде крајот на оние што и се противат на Божјата Радосна вест!?
18„Ако праведните одвај се спасуваат, што ли ќе биде со безбожните и грешните!?“
19Заради тоа, оние што страдаат извршувајќи ја Божјата волја, нека Му ги доверат своите души на својот Творец, Кој никогаш не изневерува, и нека продолжат да прават добро.

Currently Selected:

1 Петар 4: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy