YouVersion Logo
Search Icon

Матеј 9

9
1И откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. И ете, Му донесоа фатен, кој лежеше на постела.
2А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Охрабри се, синко. Ти се простуваат твоите гревови.”
3И ете, некои од книжниците си рекоа во себеси: „Овој богохулствува.”
4А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: „Зошто мислите зло во вашите срца?
5Па што е полесно да се рече: ‘Ти се проштаваат гревовите’, или да се рече: ‘Стани и оди?’
6Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови, тогаш му рече на фатениот: „Стани, подигни си ја постелата и оди си дома.”
7И стана и си отиде дома.
8А народот, кога го виде тоа, се исплаши и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето.
9А кога Исус си одеше оттаму виде еден човек, по име Матеј, како седи при митницата, и му рече: „Следи Ме!” Тој стана и Го следеше.
10И се случи, откако седна Тој на трпезата во куќата, ете, многу цариници и грешници дојдоа и седнаа со Исуса, и со Неговите ученици.
11Штом фарисеите го видоа тоа, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто вашиот Учител јаде со цариниците и грешниците?”
12А Тој, кога го чу тоа, рече: „На здравите не им треба лекар, туку на болните!
13Но, одете и научете што значи: ‘Милост сакам, а не жртви’; зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.”
14Тогаш Јовановите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат?”
15А Исус им рече: „Можат ли сватовите да жалат, додека е младоженецот со нив? Но, ќе дојдат дни кога ќе им се одземе младоженецот; и тогаш ќе постат.
16Никој не става крпа од ново сукно на стара облека, зашто крпежот ќе кине од облеката и скинатото станува полошо.
17Ниту ново вино се налева во стари мевови; инаку мевовите се кинат, виното истечува и мевовите пропаѓаат. Туку ново вино се налева во нови мевови, па се запазуваат и двете заедно.”
18Додека им зборуваше за тоа, ете, еден началник на синагогата дојде, падна пред Него ничкум и рече: „Мојата ќерка умре сега; туку дојди и положи ја Својата рака на неа, и таа ќе живее.”
19И Исус стана и го следеше, со Своите ученици.
20И ете, жена, која боледуваше дванаесет години од крварење Му се приближи одназад и се допре до ресите на неговата облека.
21Зашто си велеше во себеси: „Само ако се допрам до Неговата облека, ќе се излечам.”
22А Исус се сврте, ја виде и и рече: „Охрабри се, ќерко. Твојата вера те исцели.” И жената беше исцелена од тој час.
23И кога Исус дојде во куќата на началникот, ги виде свирачите и народот како вика,
24и рече: „Отстранете се, зашто девојчето не е умрено, туку спие.” И тие Му се потсмевнуваа.
25Откако го истера народот, влезе и ја фати за рака, и девојчето стана.
26И гласот за тоа се рашири по сета онаа земја.
27И кога Исус си одеше оттаму, двајца слепци Го следеа, викајќи и зборувајќи: „Смилувај ни се, Сине Давидов!”
28А кога дојде во куќата, слепците Му пристапија, а Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?” Му рекоа: „Да, Господи!”
29Тогаш ги допре нивните очи, велејќи: „Нека ви биде според вашата вера.”
30И очите им се отворија. И Исус им заповеда строго: „Гледајте, никој да не научи за тоа!”
31А тие, штом излегоа, Го разгласија по сета онаа земја.
32Додека тие излегуваа, ете, Му доведоа човек нем и опфатен од демон.
33Откако демонот беше изгонет, немиот проговори. И мноштвата восхитени, зборуваа: „Никогаш не се видело вакво нешто во Израел!”
34А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните преку владетелот на демоните.”
35И Исус ги обиколуваше сите градови и села, поучувајќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието на царството и исцелувајќи секаква болест и секаква слабост меѓу луѓето.
36А кога ги виде мноштвата, беше поттикнат со сожалување за нив, зашто беа изморени и распрснати како овци, кои немаат пастир.
37Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата навистина е голема, а работници малку,
38молете Го тогаш Господарот на жетвата да испрати работници во Својата жетва.”

Currently Selected:

Матеј 9: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy