YouVersion Logo
Search Icon

Јован 4

4
1Кога Исус научи дека фарисеите чуле оти Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јована,
2- иако самиот Исус не крштаваше, туку Неговите ученици, -
3ја напушти Јудеја и се врати пак во Галилеја.
4А требаше да помине преку Самарија.
5Така дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, во близина на земјиштето, што Јаков му го даде на сина си Јосифа;
6таму беше Јакововиот Извор. А Исус, изморен од патот, седеше така на кладенецот; беше околу шестиот час.
7Дојде една самарјанка, за да нацрпи вода. Исус и рече: „Дај Ми да пијам!”
8Зашто учениците Негови беа отишле во градот да купат храна.
9Самарјанката Му рече: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, Самарјанка, да пиеш?” Имено, Јудејците не општеа со Самарјанците.
10Исус и одговори и рече: „Кога би знаела за Божјиот дар и Кој е Оној што ти вели: ‘Дај ми да пијам,’ ти би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.”
11Жената Му одговори: „Нема со што да нацрпиш, господине, а кладенецот е длабок! Тогаш, од каде имаш жива вода?
12Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде кладенецов? И тој самиот пиеше од него, и неговите синови, и неговиот добиток!”
13Исус во одговор и рече: „Секој кој пие од водава, пак ќе ожедни.
14А кој пие од водата што Јас ќе му ја дадам нема да ожедни довека, туку водата што ќе му ја дадам, ќе стане во него извор на вода, извирајќи во вечен живот.”
15Жената Му рече: „Господине, дај ми од водата за да не ожеднувам и да не доаѓам тука да нацрпувам!”
16Исус и рече: „Оди, повикај го мажа си и врати се тука!”
17Жената му одговори и рече: „Јас немам маж.” Исус и рече: „Право кажа дека немаш маж;
18зашто си имала петмина мажи и тој, кого го имаш сега, не ти е маж. Тоа го рече вистинито.”
19Жената Му рече: „Господине, гледам дека си пророк.
20Нашите татковци Му се поклонуваа на Бога на оваа планина, а вие велите дека Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме.”
21Исус и рече: „Верувај Ми жено, дека иде часот кога не ќе Му се поклонувате на Таткото ниту на оваа планина ниту во Ерусалим.
22Вие не знаете на што му се поклонувате; ние знаеме на што му се поклонуваме, зашто Спасението доаѓа од Јудејците.
23Но доаѓа час - и веќе е тука - кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Таткото во дух и вистина, зашто Таткото сака такви поклоници.
24Бог е Дух, и кои Му се поклонуваат, треба да Му се поклонуваат во дух и вистина.”
25Жената Му одговори: „Знам дека ќе дојде Месија, Кој се вика Христос. Кога ќе дојде Тој, ќе ни објави сè.”
26Исус и рече: „Јас Сум, Кој зборувам со тебе.”
27Тогаш дојдоа Неговите ученици и се чудеа дека разговара со жена, но ниеден не рече: „Што сакаш?” или: „Зошто разговараш со неа?”
28Тогаш жената ја остави својата стомна и отиде во градот, па им рече на луѓето:
29”Дојдете да Го видите Човекот, Кој ми кажа сè што сум направила! Да не е Тој Христос?”
30Тие излегоа од градот и тргнаа кон Него.
31Во меѓувреме учениците Го молеа Исуса: „Рави, јади!”
32Но Тој им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.”
33Тогаш учениците зборуваа помеѓу себе: „Да не му донесол некој јадење?”
34Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој ме прати и да го завршам Неговото дело.
35Зар вие не велите: „Уште четири месеци и жетвата ќе дојде! „Еве, ви велам: подигнете ги своите очи и видете ги нивите како побелеле за жетва!
36Жетварот веќе добива плата и собира плод за вечен живот; да се радуваат заедно и сејачот и жетварот.
37Зашто во ова вистинска е пословицата: „Еден сее, а друг жние!”
38Јас ве испратив да жниете, каде што не сте се труделе. Други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.
39И мнозина самарјани од градот поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: „Тој ми кажа сè што сум направила.”
40Па кога Самарјанците дојдоа при Него, Го замолија да остане кај нив; и остана таму два дена.
41И уште повеќе од нив поверуваа заради Неговото слово,
42а на жената и велеа: „Сега не веруваме заради твоето кажување; зашто самите чувме и знаеме дека Тој е навистина Христос, Спасителот на светот.”
43По два дена тргна оттаму за Галилеја.
44Зашто Самиот Исус изјави дека пророкот нема чест во својата родина.
45И така, кога дојде во Галилеја, Галилејците Го примија, зашто беа виделе сè што стори во Ерусалим на празникот, бидејќи и самите дојдоа на празникот.
46И пак дојде во Кана Галилејска, каде ја претвори водата во вино. А имаше еден царски службеник, чиј син беше болен во Капернаум.
47Тој, штом чу дека Исус дојде од Јудеја во Галилеја, отиде при Него и Го замоли да слезе и да му го исцели синот, зашто беше на умирање.
48Тогаш Исус му рече: „Ако не видите знаци и чудеса, нема да поверувате.”
49Царскиот службеник Му рече: „Господине, слези пред да ми умре детето!”
50Исус му рече: „Оди си, твојот син е жив!” Човекот му поверува на зборот, што му го кажа Исус и си замина.
51И додека уште слегуваше, неговите слуги го пресретнаа и му соопштија дека син му е жив.
52А тој ги праша за часот во кој му станало полесно. Тие му одговорија: „Вчера, во седмиот час, го остави треската.”
53Тогаш таткото разбра дека тоа се случило во часот кога Исус му рече: „Твојот син е жив!” И поверува тој и целиот негов дом.
54Ова пак второ чудо го направи Исус, кога дојде од Јудеја во Галилеја.

Currently Selected:

Јован 4: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy