YouVersion Logo
Search Icon

ДЕЛА 17

17
Во Солун и Берија
1И кога поминаа преку Амфипол и Аполонија, пристигнаа во Солун, каде имаше јудејска синагога. 2И по својот обичај Павле влезе при нив и, три саботи редум, расправаше со нив од Писмото, 3толкувајќи и докажувајќи дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека е Тој Месија - Исус, „Кого јас ви Го проповедам.“ 4И некои од нив се убедија и се дружеа со Павла и Сила; а исто така и големо множество побожни Грци и не малку угледни жени. 5Но Јудејците поттикнати од завист, зедоа неколку лоши улични мажи, собраа народ и предизвикаа неред во градот и ја нападнаа Јасоновата куќа, и бараа да ги изведат пред народот. 6А кога не ги најдоа, ги одвлекоа Јасона и некои од браќата пред градските началници, викајќи: „Оние, кои го превртеа наопаку целиот свет, дојдоа и тука! 7И Јасон ги прими! И сите тие работат против ќесаревите заповеди, тврдејќи дека има друг цар - Исус!“ 8Така ги побунија народот и градските началници, кога го чуја тоа; 9и откако добија сигурност од Јасона и од другите, ги пуштија.
10А браќата веднаш, уште во ноќта, ги испратија Павла и Сила во Берија; тие, кога дојдоа таму, отидоа во јудејската синагога. 11Овие беа поблагородни од оние во Солун, зашто го примија Словото сосем подготвено, и секој ден го испитуваа Писмото дали е така. 12И мнозина од нив поверуваа; а од угледните елински жени и мажи - не малку. 13А кога солунските Јудејци узнаа дека Павле и во Берија го проповеда Божјото слово; дојдоа и таму и го раздвижија и го побунија народот. 14Тогаш браќата веднаш го испратија Павла кон приморјето. А Сила и Тимотеј останаа таму. 15Придружниците пак го доведоа Павла до Атина, и откако примија заповед за Сила и Тимотеј, да дојдат што поскоро при него, заминаа.
Во Атина
16Додека Павле ги чекаше во Атина, духот му се огорчи длабоко, гледајќи го градот полн со идоли. 17И расправаше со Јудејците во синагогата и со побожните; и секој ден на собиралиштето со оние, кои би се нашле таму; 18А некои од епикурејските и стоичките философи почнаа да се препираат со него; па едни велеа: „Што сака да каже овој празнословец?“ А други: „Се гледа дека проповеда туѓи богови,“ зашто проповедаше за Исуса и за воскресението. 19Тогаш го зедоа, го одведоа на Ареопагот и рекоа: „Можеме ли да знаеме каква е таа нова наука, што ја проповедаш? 20Со чудни тврдења ни ги полниш ушите; затоа сакаме да знаеме што е тоа?“ 21А сите Атињани и странците меѓу нив имаа време само за тоа да кажат или да чујат некаква новост.
22Тогаш Павле застана среде Ареопагот и рече: „Луѓе Атињани! Гледам по сѐ дека сте многу побожни. 23Имено, минувајќи и набљудувајќи ги вашите светини, најдов и жртвеник, на кого е напишано: ‘На непознатиот Бог.’ И така, тоа што вие не познавајќи го - го почитувате, јас ви го проповедам тоа. 24Бог, Кој го создаде светот и сѐ што е во него, како Господар на небото и на земјата, не живее во ракотворни храмови 25ниту прима служба од човечки раце, како да има потреба од нешто; бидејќи Тој, Самиот, им дава на сите: живот, здив и сѐ. 26Тој, исто, направи целиот човечки род да потекнува од еден човек и да се насели по лицето на целата земја; откако им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта, 27за да Го бараат Бога; не би ли Го напипале и нашле некако, зашто Тој не е далеку од ниеден од нас. 28Зашто во Него живееме, се движиме и постоиме, како што и некои од вашите поети рекле: ‘И ние сме Негов род.’ 29И бидејќи сме Божји род, не треба да мислиме дека Божеството е како злато, или сребро или камен; како творба на човечката уметност и замисла. 30И така, не гледајќи на времињата на незнаењето - Бог сега им заповеда на луѓето да се покајат сите и насекаде, 31зашто определил ден, кога ќе му суди праведно на целиот свет - преку Човекот Кого Го определил за тоа; давајќи им на сите уверување со тоа што Го воскресна од мртвите.“
32А кога чуја за воскресението од мртвите, едни се подигруваа, а други рекоа: „Ќе те слушаме друг пат за тоа.“ 33Така Павле си отиде од нив. 34Сепак некои мажи се прилепија при него и поверуваа; меѓу кои беа и Дионисиј Ареопагит, жената по име Дамара и други со нив.

Currently Selected:

ДЕЛА 17: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy