YouVersion Logo
Search Icon

2 Цареви 1

1
1По Ахавовата смрт, Моав се побуни против Израел.
2Бидејќи Охозиј беше паднал низ прозорската решетка на својата горница во Самарија и се повреди, испрати пратеници, на кои им рече: „Одете, прашајте го Вал-Зевул, акаронскиот бог, дали ќе оздравам од оваа болест.”
3Но Господовиот ангел му рече на Тесвиецот Илија: „Стани! Оди во пресрет на пратениците на самарискиот цар и речи им: ‘Зар нема Бог во Израел те одите да се советувате со Вал-Зевул, акаронскиот бог?’
4И затоа Господ вели вака: ‘Нема да слезеш од постелата во која си легнал, бездруго ќе умреш.’” И Илија си отиде.
5Пратениците се вратија кај Охозиј, а тој им рече: „Што е тоа што веќе се вративте?”
6Тие му одговорија: „Нè сретна некој човек и ни рече: ‘Одете, вратете се пред царот, кој ве испратил, и речете му: „Господ вели вака: ‘Зар нема Бог во Израел та си испратил по совет кај Вал-Зевул, акаронскиот бог? Затоа нема да слезеш од постелата во која си легнал, туку ќе умреш.’”‘“
7Тој ги праша: „Каков беше на изглед тој човек кој ве сретна и кој ви ги рече тие зборови?”
8А тие му одговорија: „Тоа беше човек во кожув и со кожен појас околу половината.” Тој рече: „Тоа е Илија Тесвиецот!”
9Тогаш му го испрати педесетникот, со неговите педесетмина, и тој отиде кај него и, откако го најде каде седи на врвот на брегот, му рече: „Божји човече! Царот нареди: ‘Слези!’”
10Илија одговори и му рече на педесетникот: „Ако сум Божји човек, оган нека слезе од небото и нека те проголта, тебе и твоите педесетмина!” И оган се спушти од небото и ги проголта, него и неговите педесетмина.
11Царот му испрати друг педесетник со неговите педесетмина; а тој, кога дојде, му рече: „Божји човече! Царот го заповеда ова: ‘Слези бргу!’”
12Илија му одговори и му рече: „Ако сум Божји човек, оган нека слезе од небото и нека ве проголта тебе и твоите педесетмина.” И оган се спушти од небото и ги проголта, него и неговите педесетмина.
13Царот испрати пак педесетник и неговите педесетмина. Третиот педесетник дојде, ги свитка колената пред Илија и го замоли вака: „Божји човече! Мојот живот и животот на овие педесет твои слуги нека биде скапоцен во твоите очи!
14Оган се спушти од небото и ги проголта обата педесетници со нивните педесетмина; но сега барем мојот живот нека биде скапоцен во твоите очи!”
15Господовиот ангел му рече на Илија: „Слези со него, не бој се!” Тој стана и слезе со него пред царот,
16и му рече: „Господ вели вака: ‘Затоа што му праќаше гласници на Вал-Зевул, акаронскиот бог, по совет, не ќе слезеш од постелата, во која си легнал, туку ќе умреш.’”
17И умре според Господовото слово, кое го објави Илија. А Јорам, неговиот брат, се зацари место него во втората година на Јорам, синот Јосафатов, јудејски цар, зашто оној (Охозиј) немаше син.
18Другите дела на Охозиј, сè што направи, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?

Currently Selected:

2 Цареви 1: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy