YouVersion Logo
Search Icon

Римјаните 2

2
Јудејците се грешници исто така како и незнабошците.
1И така, не можеш да се изговараш, о човеку, кој и да си ти, оти со каков суд судиш друг, со таков се осудуваш сам, бидејќи ти, кој судиш, го правиш истото.
2А знаеме дека Божјиот суд, навистина, паѓа врз оние, кои вршат такви работи.
3Зар мислиш, о човеку, дека ќе го избегнеш Божјиот суд ти, кој ги осудуваш оние, што прават такви работи, какви што правиш и сам?
4Или, пак, го презираш богатството на Божјата благост, кротост и долготрпеливост, не разбирајќи дека Божјата благост те води кон покајување?
5Но, според твојата упорност и непокајаното срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие праведниот суд од Бога,
6Кој секому ќе му даде според неговите дела:
7живот вечен на оние, кои со трпение во добрите дела бараат слава, чест и бесмртност;
8јарост, пак, и гнев на оние, што ѝ упорствуваат на вистината, а се покоруваат на неправдата.
9Мака и тага на секоја душа човечка, која прави зло, а најнапред на Јудеец, потоа и на Елин.
10Слава и чест и мир на секого, што прави добро, прво на Јудеец, а потоа и на Елин;
11зашто Бог не гледа на лице.
12Оние, што згрешиле без Закон, без Закон ќе загинат; а оние, што згрешиле при Закон, според Законот ќе бидат и судени,
13бидејќи пред Бога не се праведни оние, што го слушаат Законот, а ќе бидат оправдани само оние, што го исполнуваат Законот;
14зашто незнабошците, немајќи Закон, сами од себе вршат сѐ по законот; тогаш тие, иако немаат Закон, сами во себеси се закон;
15поради тоа што делото на Законот е напишано во нивните срца, та затоа се управуваат според Законот, бидејќи нивната совест им сведочи за тоа, и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат
16во оној ден, кога, според моето благовестие, Бог преку Исуса Христа ќе ги суди тајните на луѓето.
17Ете, ти се наречуваш Јудеец, и се потпираш на Законот, и со Бога се фалиш,
18и ја знаеш волјата Негова, и повеќе разбираш што е подобро, оти се поучуваш од Законот,
19и уверен си дека си водач на слепци, а светлина на оние, што се во мрак;
20наставник на неразумни, учител на младежи, зашто образец на знаењето и вистината имаш во Законот.
21Но, како тоа учиш други, а себе не учиш?
22Ти, кој проповедаш да не се краде, а крадеш; кој велиш да не се врши прељуба, а прељубодејствуваш; ти, кој се гнасиш од идолите, а крадеш од храмот;
23ти, кој се фалиш со Законот, а престапувајќи го Законот, Го срамотиш ли Бога?
24Зашто поради вас името Божјо се хули меѓу незнабошците, како што е напишано.
25Обрезанието е навистина полезно, но ако го извршуваш Законот; ако, пак, правиш престапи против Законот, обрезанието твое станува необрезание.
26И така, ако необрезаниот ги пази наредбите на Законот, тоа тогаш необрезанието нема ли да му се смета како обрезание?
27И необрезаниот по тело, извршувајќи го Законот, нема ли да те осуди тебе, кој при Писмо и обрезание си престапник на Законот?
28Оти не е оној Јудеец, кој е таков по надворешност, ниту по обрезанието, кое е надворешно, врз плотта,
29туку оној, кој е внатрешно таков, и она обрезание, што е во срцето, по дух, а не по буква: него ќе го пофалуваат не луѓето, а Бог.

Currently Selected:

Римјаните 2: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in