Матеј 7
MK1990

Матеј 7

7
Не судете, за да не ви се суди.
1»Не судете, за да не бидете судени;
2оти, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.
3Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја чувствуваш?
4Или, како ќе кажеш на брата си – чекај да ти ја извадам раската од окото; а, пак, ете, во твоето око има греда?
5Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си.
6Светињата не ја давајте на кучињата, и не си го фрлајте бисерот пред свињите, за да не го изгазат со своите нозе, и откако се повратат, да не ве раскинат.
7Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори;
8зашто секој што сака, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори.
9Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, да му даде камен,
10и кога посака риба, да му даде змија?
11И така, ако вие, бидејќи лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат?
12Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; оти тоа се Законот и Пророците.
13Влезете низ тесната врата; оти широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив;
14а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат.
15Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи.
16По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?
17Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови;
18не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови.
19Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган.
20И така, по нивните плодови ќе ги познаете.
21Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен.
22Мнозина ќе ми речат во оној ден: ‚Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме?‘
23И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!‘
24И така, секој, што ги слуша и исполнува овие Мои зборови, ќе биде како благоразумен маж, кој си направил куќа на камен.
25И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, оти беше изградена на камен.
26А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на човек глупав, кој си направил куќа на песок.
27И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно.«
28И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење,
29зашто Он ги поучуваше како Оној, Кој има власт, а не како книжниците.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2017
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2017


Learn More About Свето Писмо (Гаврилова) 1990