YouVersion Logo
Search Icon

Матеј 6

6
Продолжение од беседата на гората: за милостињата, молитвата и постот. Не е потребно грижење за она што е земно.
1»Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето, за да ве видат; инаку нема да имате награда од вашиот Отец небесен.
2И така, кога даваш милостина, не разгласувај, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда.
3А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната,
4за да биде твојата милостина тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.
5И кога се молиш, не биди како лицемерите, што сакаат да стојат по синагогите и раскрсниците за да се молат и да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам дека тие веќе си ја добиле својата награда.
6Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Он, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.
7Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многу зборови ќе бидат услишени;
8вие, пак, немојте да бидете како тие, оти вашиот Отец небесен знае од што имате нужда уште пред да сте Го помолиле.
9Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое;
10да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата;
11лебот наш насушен дај ни го денес;
12и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници;
13и не нѐ воведи во искушение, но избави нѐ од лукавиот, зашто Твое е царството, и силата, и славата во сите векови. Амин!
14Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен;
15ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.
16Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам, оти тие ја добиле веќе својата награда.
17А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое,
18па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред својот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.
19Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и 'рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат;
20но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту 'рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат;
21зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше.
22Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло;
23ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?
24Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона.
25Затоа ви велам: немојте да се грижите за душата – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната, и телото – од облеклото?
26Погледајте ги птиците небески; тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат; но вашиот Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив?
27А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакот?
28Зошто се грижите и за облеката? Погледајте ги полските кринови како растат: не се трудат, ниту предат;
29но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив;
30па, ако полската трева, што денеска постои, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе вас, маловерни!?
31Па затоа не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме?
32Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба.
33Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде.
34И така, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доста му е неговото зло.«

Currently Selected:

Матеј 6: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy