Матеј 20
MK1990

Матеј 20

20
Парабола за работниците во лозјето. Третото кажување за страдањата. Синовите Заведееви. Борбата за првенство. Двајца слепци.
1»Зашто царството небесно прилега на домаќин, кој излегол наутро рано да најми работници за своето лозје.
2Па, штом се погоди со работниците по динариј на ден, ги прати во лозјето свое.
3Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на пазариштето без работа,
4им рече: ‚Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.‘ И тие отидоа.
5Пак излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто.
6А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: ‚Зошто стоите тука цел ден без работа?‘
7Тие му одговорија: ‚Никој не нѐ повика.‘ А тој им рече: ‚Одете во моето лозје и, што е право, ќе добиете.‘
8А кога се стемни, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ‚Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите.‘
9И дојдените околу единаесеттиот час добија по динариј.
10А кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе; но и тие добија по динариј;
11и штом добија, негодуваа против господарот
12и велеа: ‚Оние последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тегобата на денот и жегата.‘
13А тој им одговори и му рече на еден од нив: ‚Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за динариј?
14Земи си го своето и оди си; и на овој, последниов сакам да му дадам колку и на тебе;
15зар немам право да чинам со своето, што сакам? Или ти е окото завидливо, оти сум добар?‘
16Така ќе бидат последните први, а првите – последни; зашто мнозина се повикани, а малцина избрани.«
17И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече:
18»Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт,
19и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и биен, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.«
20Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови, и клањајќи Му се, Го молеше нешто.
21А Он ѝ рече: »Што бараш?« Таа Му одговори: »Заповедај овие мои два сина да седнат при Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево во Твоето царство!«
22Исус одговори и им рече: »Не знаете што барате. Можете ли да ја пиете чашата, што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?« Тие Му одговорија: »Можеме.«
23И им рече: »Чашата Моја ќе ја пиете, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не зависи од Мене; таму ќе седнат оние за кои е приготвено од Мојот Отец.«
24И десетте, штом чуја, негодуваа против двајцата браќа.
25Но Исус, кога ги повика, им рече: »Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив;
26меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;
27и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга;
28како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.«
29И кога излегуваше од Ерихон, по Него врвеше многу народ.
30И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и рекоа: »Помилуј нѐ, Господи, Сине Давидов!«
31А народот им заповеда да молчат; но тие уште посилно викаа и велеа: »Помилуј нѐ, Господи, Сине Давидов!«
32Исус застана, ги повика и рече: »Што сакате да ви направам?«
33Тие Му одговорија: »Да ни се отворат очите наши.«
34И Исус се смилува и се допре до нивните очи, и веднаш им прогледаа очите нивни; и тие тргнаа по Него.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2017
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2017


Learn More About Свето Писмо (Гаврилова) 1990