YouVersion Logo
Search Icon

Јован 12

12
Помазанието Исусово во Витанија. Влегувањето во Ерусалим. За плодот на Неговата смрт. Гласот од небото. Неверувањето на Евреите.
1На шест дни пред Пасха дојде Исус во Витанија, каде што беше умрениот Лазар, кого го воскресна од мртвите.
2Таму Му приготвија вечера и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата.
3А Марија, како зеде литар чисто скапоцено миро, ги помаза нозете Исусови, и ги избриша со косата своја нозете Негови; и куќата се исполни со мирис од мирото.
4Еден од учениците Негови, Јуда Симонов Искариот, кој што подоцна Го предаде, рече:
5Зошто не се продаде ова миро за триста динарии, и да се раздадеше на сиромаси?
6Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она, што пуштаа во него.
7А Исус рече: »Оставете ја! Таа го запазила тоа за денот на Моето погребение;
8оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.«
9Мнозина од Јудејците разбраа дека е Исус таму, па дојдоа не само заради Исуса, туку да го видат и Лазара, кого Он го воскресна од мртвите.
10А првосвештениците се договорија да го убијат и Лазара,
11зашто мнозина од Јудејците се одделуваа поради него и веруваа во Исуса.
12На другиот ден, мноштво народ, кој беше дошол на празникот, кога чуја деда Исус доаѓа во Ерусалим,
13зедоа палмови гранчиња и излегоа да Го пречекаат; и викаа, велејќи: »Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!«
14А Исус, кога најде едно осле, седна на него, како што е напишано:
15»Не бој се, ќерко Сионова! Еве, Царот твој иде, седејќи на осле.«
16Но ова учениците Негови не го разбраа. А кога се прослави Исус, тогаш се сетија дека тоа беше напишано за Него, и дека тоа Му го направија.
17Народот, што беше со Него кога го извика Он Лазара од гробот и го воскресна од мртвите, сведочеше.
18Затоа и Го пречека народот, оти беше чул дека тоа чудо Он го направи.
19А фарисеите се велеа помеѓу себе: »Гледате ли, дека ништо не помага? Ете, светот тргна по Него.«
20Меѓу дојдените за празникот, на поклонение, имаше и некои Елини.
21Тие пристапија кон Филипа, кој што беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, велејќи: »Господине, сакаме да Го видиме Исуса.«
22Дојде Филип и му рече на Андреја; а Андреј и Филип Му кажаа на Исуса.
23Исус, пак, им одговори велејќи: »Дојде часот да се прослави Синот Човечки.
24Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод.
25Кој ја сака душата своја, ќе ја загуби; а кој ја мрази душата своја на овој свет, ќе ја запази за живот вечен.
26Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.
27Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов на овој час.
28Оче, прослави го името Свое!« Тогаш дојде глас од небото: »И Го прославив, и пак ќе Го прославам.«
29А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: »Загрми«, други, пак, рекоа: »Ангел Му прозбори.«
30Исус одговори и рече: »Не заради Мене беше овој глас, но заради вас.
31Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор.
32И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.«
33А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре.
34Народот Му одговори: »Сме слушале од Законот, дека Христос вечно ќе постои, а како Ти велиш оти Синот Човечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?«
35Тогаш Исус им рече: »Уште малку време Светлината е со вас; одете дури има светлина, за да не ве опфати мракот; а кој оди по мрак, не знае каде оди.
36Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината!« Штом го рече тоа, Исус се отстрани и се сокри од нив.
37Иако толку чудеса беше направил Он пред нив, тие пак не веруваа во Него,
38за да се исполни словото од пророкот Исаија, кој рече: »Господи, кој поверува во она, што чул од нас? И раката Господова кому се откри?«
39Тие затоа не можеа да поверуваат, оти Исаија уште вели:
40»Ги ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат, и да не се обрнат, за да ги излекувам.«
41Ова го рекол Исаија, кога ја беше видел славата Негова и зборувал за Него.
42Но од началниците мнозина поверуваа; само заради фарисеите не признаваа, за да не бидат исфрлени од синагогата;
43зашто им беше помила човечката слава, отколку славата Божја.
44А Исус подигна глас и рече: »Кој верува во Мене, не во Мене верува, а во Оној, Кој што Ме пратил,
45и кој Ме гледа Мене, Го гледа Оној, што Ме пратил.
46Јас како светлина дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина.
47И ако некој ги чуе зборовите Мои, и не поверува, Јас нема да го судам, оти не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам.
48Кој што се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го суди: Словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден.
49Зашто Јас Сам од Себе не зборувам; но Отецот, Кој Ме прати, Он Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам.
50И знам дека заповедта Негова е живот вечен. А она што зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот.«

Currently Selected:

Јован 12: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy