YouVersion Logo
Search Icon

Ппророк Језекиил 3

3
Језекиил поставен за стражар во домот Господен.
1И ми рече: »Сине човечки, изеди го тоа што е пред тебе, изеди го овој свиток, па оди и зборувај му на Израилот.«
2Тогаш ја отворив устата и Он ми го даде свитокот за да го изедам.
3Потоа ми рече: »Сине човечки: устата твоја ќе го изеде овој свиток и утробата твоја ќе се насити со овој свиток, што ти го давам Јас.« И јас го изедов, а во устата почувствував сладост како мед.
4И пак ми рече: »Сине човечки, стани и појди во домот Израилев и кажи им ги Моиве зборови,
5оти те праќам не кај народ непознат и со неразбирлив јазик, туку во домот Израилев,
6не кај народ со неразбран збор и непоимлив јазик, чии зборови не можеш да ги разбереш; но дури и при нив да бев те пратил, и тие ќе те разбереа;
7а домот Израилев не ќе сака да те слуша, тие не сакаат Мене да ме слушаат, бидејќи сиот дом Израилев е тврдоглав и со жестоко срце.
8И, ете, Јас го направив и твоето лице тврдо како нивните лица, и твоето чело ќе го стврднам против нив.
9Челото твое го направив како дијамант, кој е потврд од каменот; не бој се од нив и не плаши се од нивното лице, оти тие се дом отстапнички.«
10И ми рече: »Сине човечки, сите зборови Мои што ти ги кажувам, прими ги во срцето свое и слушај ги со ушите свои;
11стани, па оди при изгонетите, при синовите на твојот народ, зборувај им и кажи им – вака вели Господ Бог – па послушале тие, или не.«
12И Духот ме подигна; а зад себе чув голем грмотевичен глас: – »Благословена е славата на Господа од местото Негово!«
13А слушнав и шум од крилјата на оние животни, што се допираа едно до друго, како и шум од тркалата од нив, а и звук од силен гром.
14Тогаш Духот ме подигна и ме понесе. И појдов огорчен, со нажален дух; но крепката рака Господова беше над мене.
15И дојдов при робовите во Тел – Авив, при оние кои живееја при реката Ховар, и се задржав таму и поминав при нив седум дена, чудејќи се.
16А кога заминаа седумте дена, дојде до мене слово Господово:
17»Сине човечки, Јас те поставив како стража над домот Израилев, и ти ќе го слушаш словото од устата Моја, и ќе ги вразумуваш од името Мое.
18Кога ќе му речам на беззаконикот: ‚Бездруго ќе умреш!‘, а ти не го вразумиш и не зборуваш, за да го запазиш беззаконикот од неговиот грешен пат, за да биде жив, – тогаш тој беззаконик ќе умре во беззаконието свое, но крвта негова Јас ќе ја барам од рацете твои.
19А, ако го опоменеш беззаконикот и тој не се откаже од беззаконието свое и од грешниот свој пат, беззаконикот ќе умре во беззаконието свое, а ти ќе си ја спасиш душата своја.
20И, ако праведник отстапи од правдата своја и постапи грешнички, кога Јас ќе му ставам сопка, и умре, ако не си го предупредил, тој ќе умре поради гревот свој, и нема да му се примаат парведните дела, што ги направил; но крвта негова ќе ја барам од твоите раце.
21Ако го опоменеш праведникот, за да не згреши, и тој не згреши, тогаш и тој ќе биде жив, затоа што си го предупредил и ти ќе си ја спасиш душата своја.«
22И беше таму врз мене пак раката Господова, и Он ми рече: »Стани и излези во полето; Јас ќе зборувам таму со тебе.«
23Станав, и излегов во полето, и ете, таму беше славата Господова, како славата, што ја видов при реката Ховар; и паднав ничкум.
24И влезе во мене Духот и ме исправи на нозе, и Он говореше со мене и ми рече: »Оди и затвори се во домот твој.
25Сине човечки, ете, ќе ти стават вериги, и ќе те врзат во нив, и не ќе можеш да излегуваш меѓу нив.
26А јас ќе ти го залепам јазикот твој за непцето, и ти ќе онемееш, и не ќе можеш да ги изобличуваш, зашто тие се дом отстапнички.
27А кога Јас ќе зборувам со тебе, тогаш ќе ти ја отворам устата твоја и ти ќе им зборуваш: вака вели Господ Бог! Кој сака да слуша, нека слуша; а кој не сака да слуша – нека не слуша; оти тие се дом отстапнички.«

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy