2. Петар 3
3
Нема да изостане, како што изгледа, денот Господов и крајот на светот. Подгответе се за него достојно. Крајот.
1Еве, возљубени, како веќе ви го пишувам второто послание, во кое со напомнување ви го разбудувам вашиот чист разум,
2за да се потсетите на зборовите, порано кажани од светите пророци, и на заповедта од Господа и Спасителот, дадена преку вашите апостоли.
3Најнапред знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби
4и ќе велат: »Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Оти, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така, како од созданието на светот.«
5Бидејќи оние, што го бараат тоа, забораваат дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјото слово,
6поради кое, тогашниот свет загина, потопен во вода.
7А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе.
8Но внимавајте, возљубени, да не го изумите само тоа дека за Господа еден ден е како илјада години, а илјада години – како еден ден.
9Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание.
10И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори.
11И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба да ви биде вашиот свет живот и побожноста ваша,
12кои што го очекувате и сакате скорото доаѓање на Божјиот ден, поради кого небесата ќе се разрушат и разгорените стихии ќе се стопат?
13Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда.
14Затоа, возљубени, очекувајќи го тоа, погрижете се пред Него да излезете во мир, неосквернети и непорочни;
15и долготрпеливоста на вашиот Господ сметајте ја како спасение, – како што ви напиша и возљубениот наш брат Павле, според дадената му мудрост;
16како што зборува за тоа и во сите свои посланија, во кои има некои работи тешки за разбирање, што неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел.
17А вие, возљубени, знаејќи го ова однапред, пазете се од измамата на беззакониците за да не бидете одведени од нив, и да не отпаднете од својата тврдост,
18туку да напредувате во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Нему слава и сега и за вечни времиња. Амин!
Currently Selected:
2. Петар 3: MK1990
Highlight
Share
Copy

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016