Chapa ya Youversion
Ikoni ya Utafutaji

Даниил 7

7
Даниил гледа во сон четири светски царства.
1Во првата година на Валтазара, вавилонскиот цар, Даниил виде сон пророчки и виденија во главата своја врз своето легло. Тогаш тој го запиша тој сон, откако го забележа главното.
2И почна да зборува Даниил, па рече: Видов во ноќното свое видение, а таму, четири небесни ветра се бореа над големо море,
3и четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот.
4Првиот беше како лав, но со крилја орлови: гледав додека не му ги искубаа крилјата и потоа беше кренат од земјата, се исправи на нозете како човек и му се даде човечко срце.
5И ете, уште еден ѕвер, втор, сличен на мечка, стоеше од едната страна и имаше три ребра во устата негова, меѓу забите; нему му беше речено ова: »стани и јади многу месо!«
6Потоа видов, пак, уште еден ѕвер, како леопард: на грбот имаше четири крилја од птица, и четири глави имаше тој ѕвер, и му беше дадена власт.
7Потоа видов од ноќните виденија и ете, четврти ѕвер, страшен и ужасен и многу силен; имаше големи железни заби; тој јадеше и здробуваше, а остатоците ги газеше со нозете; тој се разликуваше од сите поренешни ѕверови, и имаше десет рогови.
8Ги гледав тие рогови, и ете, меѓу нив се појави уште еден мал рог, а три од првите рогови беа со корен, истргнати пред него, на тој рог имаше очи, како човечки очи, и уста што зборува надуено.
9Видов најпосле дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, а тркалата му беа како оган што пламти.
10Река огнена излетуваше и минуваше пред Него; илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија.
11Тогаш видов дека за искажаните горди зборови, што рогот ги говореше, ѕверот беше убиен пред очите мои и телото негово смачкано и предадено на оган за да изгори.
12И од другите ѕверови власта беше одземена и животот нивни се продолжи само до извесно време и до рок.
13Видов во ноќните виденија, а тоа на небесните облаци како да идеше Синот Човечки, дојде до Старецот и застана пред него.
14И Нему Му се даде власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици; владението Негово е владение вечно, кое нема да измине, и царството Негово нема да се разруши.
15Духот мој затрепери во мене, Даниила, во телото мое и виденијата на главата моја се смутија.
16Се приближив до еден од оние што стоеја напред и го прашав за вистинското значење на сето тоа, и тој почна да зборува со мене и ми ја објасни смислата на реченото:
17»Овие големи ѕверови, четири на број, означуваат дека четири цара ќе се издигнат од земјата.
18Потоа, светиите на Севишниот ќе го земат царството и ќе владеат со него и во веки веков.«
19Тогаш замолив точно објаснување за четвртиот ѕвер што се разликуваше од сите и кој беше многу страшен, со железни заби и бакарни нокти изедуваше и трошеше, а остатоците ги газеше со нозете,
20и за десетте рогови што беа на неговата глава и за другиот што се појави, пред кој паднаа трите, за оној ист рог, на кој имаше очи и уста што зборуваа гордо и како да стана поголем од другите.
21Видов како тој рог водеше борба со светиите и ги надвиваше,
22додека најпосле не дојде Старецот по определени дни и судот беше даден на светиите од Севишниот, па настапи време светиите да го завладеат царството.
23Освен тоа тој рече: »Четвртиот ѕвер го означува четвртото царство што ќе постои на земјата, различно од сите царства и што ќе ја изеде целата земја, ќе ја гази и ќе ја измачува.
24А десетте рогови значат дека од тоа царство ќе се кренат десет цареви и потоа ќе се појави друг, поинаков од поренешните и ќе ги покори трите цара.
25И против Севишниот ќе зборува и ќе ги угнетува светиите на Севишниот; дури ќе си помисли да ги измени времињата нивни и закони, па и тие да бидат предадени во раката негова за време и за времиња и за половина време.
26Потоа ќе седнат судиите и ќе ја одземат од него власта да погубува и да истребува до крај,
27а царството и власта и царското величие по целиот поднебесен свод ќе му се даде на народот од светиите на Севишниот, чие царство е царство вечно и сите големодостојници ќе му служат и ќе му се покоруваат нему.«
28Тука е крајот на овој збор. Мене, Даниила, силно ме возмутија размислувањата мои, и лицето ми се измени, но словото го запазив во срцето свое.

Iliyochaguliwa sasa

Даниил 7: MK1990

Kuonyesha

Shirikisha

Nakili

None

Je, ungependa vivutio vyako vihifadhiwe kwenye vifaa vyako vyote? Jisajili au ingia