Даниил 4
4
Навуходоносор го објавува својот втор сон.
1»Јас, Навуходоносор, бев спокоен во својот дом и напредував во сѐ.
2Но видов сон што ме уплаши, и размислувањата врз леглото мое и виденијата на главата моја ме смутија.
3Па дадов заповед да ги доведат при мене сите мудреци вивилонски за да ми кажат што означува сонот.
4Тогаш дојдоа јасновдците, маѓепсниците, Халдејците и гледачите и јас им го кажав сонот, но тие не можеа да ми објаснат што значи.
5Последен влезе при мене Даниил, чие име беше Валтазар – според името на мојот бог, и во кого е духот на Бога светецот; нему му го кажав сонот.
6Валтазаре, глава на мудреците, знам дека е во тебе духот на Бога светецот и дека никаква тајна тебе не ти престставува; објасни ми го видението на мојот сон што го видов и што значи.
7А виденијата на мојата глава врз леглото мое беа вакви: видов, ете, во средината на земјата дрво многу високо.
8Големо беше тоа дрво и цврсто, а височината негова достигаше до небото, и се гледаше од сите краишта на целата земја.
9Лисјата негови – многу убави, и плодовите на него – многубројни, и храна на него имаше – за сите; под него наоѓаа сенка ѕворовите полски, а по гранките негови си правеа гнезда птиците небески и од него се хранеше секое суштество.
10И видов виденија на главата моја врз леглото мое, а тоа, од небесата слезе Будниот и Светиот.
11Откако извика високо, Он рече: ‚Исечете го тоа дрво, искастрете ги гранките негови, истресете ги лисјата од него и расфрлете ги плодовите негови; нека избегаат ѕверовите од под него и птиците од под гранките негови;
12но коренот оставете го во земјата, и во вериги железни и бакарни меѓу полската трева нека се напојува со росата небеска и со животните нека биде делот негов во земјата.
13Срцето човечко ќе му се одземе и ќе му се даде срце ѕверско и над него ќе минат седум времиња.
14По заповед на Будниот така е определено и по пресуда од светиите така е одредено за да знаат живите дека Севишниот владее над човечкото царство и го дава кому сака и поставува над него понизени меѓу луѓето.‘
15Таков сон видов јас, царот Навуходоносор; а ти Валтазаре, кажи што означува сонот, бидејќи никој од мудреците во моето царство не може да објасни што значи тој, а ти можеш, оти во тебе е духот на Бога светецот.«
16Тогаш Даниил, чие име беше Валтазар, остана занесен околу еден час и мислите негови му беа збркани. Царот прв почна да зборува и рече: »Валтазаре, да не те смутува овој сон и значењето негово.« Валтазар одговори и рече: »Господару мој, овој сон нека биде за твоите завидливци, а значењето негово е – за твоите непријатели.
17Дрвото што си го видел кое беше големо и цврсто, и со височината достигало до небесата и се гледало по целата земја,
18на кое имало прекрасни лисја и многу плодови и храна за сите, под кое живееле полски ѕверови и во чии гранки виеле гнезда птици небески,
19тоа си ти царе што си се возвеличил и укрепил, и величието твое пораснало и достигнало до небесата, а власта твоја – до краиштата на земјата.
20А тоа што царот го видел Будниот и Светиот, Кој слегнал од небесата и рекол: – исечете го дрвото и уништете го, но главниот корен оставете го во земјата и тој во вериги железни и бакарни меѓу полската трева да се напојува со небеската роса и дел од него да биде заедно со полските ѕверови, додека не изминат над него седумте времиња,
21еве што значи тоа царе, и ова е решението на Севишниот што ќе го постигне мојот господар царот:
22тебе ќе те одведат од луѓето и ти ќе живееш со ѕверовите полски, со трева ќе те хранат како вол, со небеска роса ќе се напојуваш и седумте времиња ќе минат преку тебе, сѐ додека не разбереш дека Севишниот владее над човечкото царство и го дава кому сака.
23А тоа што е заповедано да остане главниот корен на дрвото, тоа значи дека твоето царство ќе остане при тебе, кога ќе разбереш дека има небесна власт.
24Затоа царе нека ти биде благоугоден мојот совет: откупи ги гревовите свои со правда, и беззаконијата твои – со милосрдие спрема бедните; ете со тоа може да се продолжи твојот мир.«
25Сето тоа се збидна со царот Навуходоносор.
26Откако минаа дванаесет месеци, одејќи по царските дворци во Вавилон,
27царот рече: »Зар не е величествен овој Вавилон, што го изградив како дом на царството со силата на мојата моќ и за слава на моето величие!«
28Тој збор беше во устата на царот, а од небото се чу глас: »За тебе зборуваат, царе Навуходоносоре – царството побегна од тебе!
29И ќе те одвојат од луѓето, па ќе живееш со полските ѕверови; со трева ќе те хранат како вол и седум времиња ќе минат преку тебе сѐ додека не узнаеш дека Севишниот владее над човечкото царство и дека го дава кому сака Он.«
30Венаш се исполни тој збор на Навуходоносора, и тој беше одведен од луѓето, јадеше трева како вол и телото негово се напојуваше само со росата небеска, така што косите му израснаа како кај лав и ноктите му беа како кај птиците.
31»Но, откако се изврши тоа во оние дни, јас, Навуходоносор, ги кренав очите кон небото и разумот се врати во мене, па Го благословив Севишниот, Го восфалиф и Го прославив вечно Живиот, чие владение е вечно и чие царство е од род во род.
32И сите што живеат на земјата ништо не значат; Он дејствува според Својата волја како во небесната војска, така исто и меѓу живите на земјата и нема никој што би можел да се противи на раката Негова и да му рече: што направи Ти?
33Во тоа време разумот се поврати во мене и кон славата на моето царство ми се поврати величината и поранешниот вид: тогаш ме побараа советниците мои, великодостоинствениците мои, и јас бев повторно издигнат на царствово свое, и величието мое уште повеќе се издигна.
34Сега јас, Навуходоносор, превознесувам слава и Го величам царот небесни чии сите дела се вистински и патиштата Негови праведни и Кој е силен да ги смири оние што одат гордо.«
Iliyochaguliwa sasa
Даниил 4: MK1990
Kuonyesha
Shirikisha
Nakili
Je, ungependa vivutio vyako vihifadhiwe kwenye vifaa vyako vyote? Jisajili au ingia
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016