Даниил 3
3
Три човека во вжарена печка.
1Царот Навуходоносор направи златен идол, висок шеесет лакти, шест лакти широк, и го постави во полето Деир, во областа Вавилонска.
2И нареди царот Навуходоносор, да се соберат сите сатрапи, намесници, војдови, врховни судии, ризничари, законодавци, судии и сите обласни управители да дојдат на свеченото откривање на идолот што беше го поставил царот Навуходоносор.
3И се собраа сатрапите, немесниците, воените началници, врховните судии, ризничарите, правниците, судиите и сите обласни управители за откривање на идолот кој царот Навуходоносор го беше поставил, и застанаа пред идолот, што беше го подигнал Навуходоносор.
4Тогаш гласникот високо извика: »Ви се објавувам вам народи, племиња и јазици –
5штом ќе го чуете звукот од трубата, од свирката, од цитрата, од гуслето и од пеењето, како и од секакви свирки, паднете ничкум и поклонете му се на златниот идол што го постави царот Навуходоносор;
6а оној што нема да падне на колена и не се поклони, веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка.«
7Затоа, кога го чуја звукот од трубата, од свирката, од гуслето и од другите свирки, паднаа на колена сите народи, племиња и јазици и му се поклонија на златниот идол што го беше поставил царот Навуходоносор.
8Во тоа исто време дојдоа некои од Халдејците и ги наклеветија Јудејците.
9Тие му рекоа на царот Навуходоносор: »Царе, жив да си довека!
10Ти царе, даде заповед секој човек што ќе го чуе гласот од трубата, свирката, цитрата, гуслето и од сите свирки да падне на колена и да му се поклони на златниот идол;
11а оној што нема да падне и нема да му се поклони, тој треба да биде фрлен во вжарена печка.
12Но има луѓе Јудејци што си ги постави над работите на земјата вавилонска – Седрах, Мисах и Авденаго; тие луѓе не се поклонија на твојата заповед, царе, на твоите богови не им служат и на златниот идол што го постави не му се поклонија.«
13Тогаш царот Навуходоносор во гнев и јарост заповеда да ги доведат Седраха, Мисаха и Авденаго; и ги доведоа тие луѓе пред царот.
14Навуходоносор им рече: – Седрахе, Мисахе и Авденаго, умислено ли не им служите на моите богови, и на златниот идол, што го поставив, не му се поклонивте?
15Отсега, ако сте спремни, штом ќе го чуете звукот на трубата, свирката, цитрата, гуслето, пеењето и од сите други свирки, паднете на колена и поклонете се на идолот што го направив јас; ако не се поклоните, веднаш ќе бидете фрлени во вжарена печка и тогаш кој бог ќе ве избави од раката моја?
16Одговорија Седрах, Мисах и Авденаго и му рекоа на царот Навуходоносор: »Нема потреба да ти одговориме на тоа.
17Нашиот Бог, Кому Му служиме, е силен да нѐ спаси од вжарената печка, па и од твојата рака, царе ќе нѐ избави.
18Ако пак и тоа не се случи, извесно нека ти е, царе, дека нема да им служиме на твоите богови и на златниот идол што си го поставил нема да му се поклониме.«
19Тогаш царот Навуходоносор се исполни со јарост и изгледот на лицето негово се измени против Седраха, Мисаха и Авденаго, па заповеда да запалат печка седумпати посилна отколку што обично ја угоруваа;
20и им заповеда на најзилните луѓе од војската своја да ги врзат Седраха, Мисаха и Авденаго и да ги фрлат во вжарената печка.
21Тогаш тие луѓе беа врзани со долните и горните облеки, со преврски на главата и со другите алишта и беа фрлени во печката огнена што гореше.
22Бидејќи царската заповед беше строга, и печката вжарена необично многу, пламенот од огнот ги умртви луѓето што ги фрлија Седраха, Мисаха и Авденаго.
23А тројцара – Седрах, Мисах и Авденаго – паднаа во вжарената печка врзани.
24И одеа меѓу пламенот, славејќи Го Бога и благословувајќи Го Господа.
25Тогаш Азариј стана и почна да се моли, па ја отвори устата своја среде огнот и изговори:
26»Да си благословен Господе, Боже на татковците наши, нека е фалено и прославувано името Твое во сите векови.
27Зашто Ти си преведен во сѐ што направи со нас и сите Твои дела се вистински, патиштата Твои се прави и судовите Твои се вистински.
28Ти изврши вистински суд во сѐ што испрати против нас и против Ерусалим, светиот град на татковците наши, бидејќи по вистина и по суд Ти го испрати сево ова против нас заради гревовите наши.
29Оти ние згрешивме и постапивме против законот кога отстапивме од Тебе, и во сѐ згрешивме.
30Заповедите Твои не ги слушавме и не ги пазевме и не постапувавме како што ни беше заповедал, за да ни биде добро.
31И сѐ што ни испрати и сѐ што направи со нас го направи според вистинскиот суд –
32па нѐ предаде во рацете на безбожните непријатели, на најомразените отстапници и на неправеден и најлош цар на земјата.
33И сега не можеме да ја отвориме устата своја; станавме за срам и потсмев на слугите Твои и на оние кои Те почитуваат.
34Но не предавај нѐ за секогаш заради името Твое и не разрушувај го заветот Свој.
35Не одземај ја од нас милоста Своја заради Авраама, Твојот слуга, заради Исака, твојот слуга, и Израилот, светијата Твој,
36на кои си им рекол дека ќе го умножиш семето нивно како ѕвездите на небото и како песокта на морскиот брег.
37Намалени сме, Господи, повеќе од сите народи и сега сме понижени по целата земја заради гревовите наши;
38немаме ни кнез, ни пророк, ни водач, ни сепаленици, ни жртви, ни приноси, ни темјан, ниту место да Ти принесуваме жртва и да ја најдеме милоста Твоја.
39Но со скрушено срце и со дух смирен нека бидеме примени.
40Како при сепаленици на овни и јунци, како при илјади угоени јагниња, така да ти биде благоугодна жртвата наша, денес пред Тебе Господи, оти нема срам за оние што се надеваат на Тебе.
41И сега ние одиме по Твојот пати од сѐ срце и се боиме и го бараме Твоето лице.
42Не посрамувај нѐ, но направи со нас според Твојата волја и според милоста Своја голема;
43Избави нѐ преку силата на чудесата Свои и покажи слава на името Твое, Господи,
44па да се засрамат сите што им прават зло на слугите Твои, да се засрамат со целата своја моќ и силата нивна да се скрши.
45За да познаат дека Ти си Господ Бог, еден и славен по целата вселена.«
46А во тоа време царските слуги што ги беа фрлиле, не престануваа да ја разгоруваат печката со нафта, смола, коноп и дрва,
47па се креваше пламен над печката, висок четириесет и девет лакти,
48и се одделуваше и ги изгоруваше и оние Халдејци што ќе ги досегнеше околу печката.
49Но Ангел Господен слезе во печката заедно со Азарија и оние што беа со него.
50И го исфрли огнениот пламен од печката и така направи што среде печката се појави како шумлив влажен ветар, и огнот воопшто не се допираше до нив и не ги повреди ниту ги возбуди.
51Тогаш тие тројцата, како од една уста, почнаа да пеат во печката, да благословат и да Го прославуваат Бога:
52»Благословен си Ти, Господи, Боже на татковците наши и фален и прославуван во векови и благословено е името на Твојата слава, името свето и префалено и прославувано во сите векови.
53Благословен си Ти во храмот на Твојата света слава и префален си и прославуван вечно.
54Благословен си Ти, Кој ја гледаш бездната, Кој седиш над херувими и си префален и прославуван во веки веков.
55Благословен си Ти врз престолот на славата на Твоето царство, префален си и прославуван вечно.
56Благословен си Ти врз основата небеска, префален си и прославуван во сите векови.
57Сите дела Господни, благословете Го Господа, пејте и прославувајте Го во веки.
58Ангели Господни, благословете Го Господа, пејте и прославувајте Го во веки.
59Благословете Го небеса, Господа, пејте и прославувајте Го во веки.
60Благословете Го Господа сите води, што сте повисоки од небесата, пејте и прославувајте Го во веки.
61Благословете Го Господа сите сили Господни, пејте и прославувајте Го Господа во веки.
62Благословете Го Господа сонце и месечино, пејте и прославувајте Го во веки.
63Благословете Го Господа ѕвезди небески, пејте и прославувајте Го во веки.
64Благословете Го Господа сите дождови и роси, пејте и прославувајте Го во веки.
65Благословете Го Господа сите ветрови и прославувајте Го во веки.
66Благословете Го Господа, огне и жару, пејте и прославувајте Го во веки.
67Благословете Го Господа, студе и горештино, пејте и прославувајте Го во веки.
68Благословете Го Господа, росо и иње, пејте и прославувајте Го во веки.
69Благословете Го Господа, ноќи и денови, пејте и прославувајте Го во веки.
70Благословете го Господа, светлино и темнино, пејте и прославувајте Го во веки.
71Благословете Го Господа, леду и мразе, пејте и прославувајте Го во веки.
72Благословете Го Господа, шушлеку и снегу, пејте и прославувајте Го во веки.
73Благословете Го Господа, молскавици и облаци, пејте и прославувајте Го во веки.
74Да Го благослови Господа земјата, нека пее и нека Го прославува во веки.
75Благословете Го Господа планини и ридови, пејте и прославувајте Го во веки.
76Благословете Го Господа сите растенија по земјата, пејте и прославувајте Го во веки.
77Благословете Го Господа извори, пејте и прославувајте Го во веки.
78Благословете Го Господа мориња и реки, пејте и прославувајте Го во веки.
79Благословете Го Господа китови и сѐ што се движи по водите, пејте и прославувајте Го во веки.
80Благословете Го Господа сите птици небески, пејте и прославувајте Го во веки.
81Благословете Го Господа ѕверови и сиот добиток, пејте и прославувајте Го во веки.
82Благословете Го Господа синови човечки, пејте и прославувајте Го во веки.
83Благослови Го Господа Израиле, пеј и прославувај Го во веки.
84Благословете Го свештеници Господни, пејте и прославувајте Го во веки.
85Благословете Го Господа слуги Господови, пејте и прославувајте Го во веки.
86Благословете Го Господа духови и души на праведници, пејте и прославувајте Го во веки.
87Благословете Го Господа преведни и смирени по срце, пејте и прославувајте Го во веки.
88Благословете Го Господа Ананиј, Азариј и Мисаиле, пејте и прославувајте Го во веки, бидејќи Он нѐ извлече од пеколот и нѐ спаси од раката на смртта, нѐ избави од вжарената печка и нѐ спаси од сред огнот.
89Славете Го Господа оти е Он добар, милоста му е во веки.
90Благословете Го Бога над боговите сите вие што Го почитувате Господа, пејте и славете Го, зашто милоста Негова е вечна.«
91Царот Навуходоносор кога чу дека тие пеат, се возбуди, стана брзо и им рече на големците свои: »Нели трите души врзани ги фрливме во огнот?« Тие му одговорија на царот: »Навистина така беше, царе!«
92На тоа тој рече: »Еве јас гледам четири души, како одат неврзани среде огнот и ништо не им се случува; и подобието на четвртиот е слично на синот Божји.«
93Тогаш Навуходоносор се приближи до отворот на распалената печка со оган и рече: »Седрахе, Мисахе и Авденаго, слуги на севишниот Бог, излезете и дојдете.« Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот,
94и штом се собраат сатрапите, намесниците, воените началници и советниците цареви, видоа дека огнот немал никаква сила врз телата на тие луѓе, дури и косата на главата не им беше опржена, а и облеките нивни не им се беа измениле, па дури и мирис на изгорено немаше на нив.
95Тогаш Навуходоносор рече: »Нека е благословен Бог на Седрах, Мисаха и Авденаго, Кој го испрати Својот ангел и ги избави слугите Свои што се надеваа на Него и не ја послушаа царската заповед, па ги предадоа телата свои на огнот за да не служат и да не се поклонат на друг бог, освен на својот Бог!
96И еве, јас давам заповед, ако некој од народите, племињата и јазиците изговори хула против Бога на Седраха, Мисаха и Авденаго, да се исече на парчиња и куќата да му се претвори во урнатини, зашто нема друг Бог, Кој може така да избавува.«
97Тогаш царот ги возвиси Седраха, Мисаха и Авденаго во земјата Вавилонска и ги возвеличи и ги удостои со началства над другите Јудејци во царството свое.
98»Царот Навуходоносор до сите народи, племиња и јазици што живеат по земјата – мирот да ви се умножи!
99Угодно ми е да ве известам за знаците и чудесата кои Севишниот Бог ги изврши над мене.
100Колку се големи знаците Негови и колку се силни чудесата Негови! Царството Негово е Царство вечно, и владеењето Негово – од род во род.«
Iliyochaguliwa sasa
Даниил 3: MK1990
Kuonyesha
Shirikisha
Nakili
Je, ungependa vivutio vyako vihifadhiwe kwenye vifaa vyako vyote? Jisajili au ingia
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016