Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 11:37-54

Лука 11:37-54 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога Исус го заврши Своето излагање, еден фарисеј го покани на ручек кај него. Исус отиде и седна на трпезата. Фарисејот се изненади кога забележа дека Исус не го изврши еврејскиот ритуал на миење пред да седне да јаде, а Господ му рече: „Да, вие фарисеите ги миете однадвор чашите и садовите, а однатре сте полни со лакомство и лошотија! Безумници! Зар Оној што ја создал надворешноста не ја создал и внатрешноста? Разделете им го на сиромашните тоа што е внатре, па сe ќе ви биде чисто! Тешко вам, фарисеи, кои давате десеток дури и од нане, од седеф и од секакви билки, а ги запоставувате правдата и љубовта спрема Бог! Треба во прв ред да го правите тоа што го запоставивте, а дури потоа и останатото. Тешко вам, фарисеи, кои сакате да седите на почесни места по синагогите и да ви искажуваат почит по плоштадите! Тешко вам, бидејќи сте како необележани гробишта по кои луѓето врват, без да знаат по што одат!“ Тогаш еден од учителите на верскиот Закон Му рече: „Учителе, со Твоите зборови нe навредуваш и нас!“ А Исус му одговори: „Тешко и вам, учители на верскиот Закон, зашто на луѓето им натоварувате тешки товари, кои одвај можат да се носат, а вие ни со прст не помагате! Тешко вам, зашто вие им подигате гробници на пророците, а тие беа убивани од вашите татковци! Така и самите ги потврдувате и ги одобрувате постапките на вашите татковци: тие ги убија, а вие им подигате гробници! Затоа Бог во Својата мудрост рече: ,Ќе им испратам пророци и апостоли; а тие, некои од нив ќе ги убијат, а некои ќе ги прогонуваат‘, но од оваа генерација ќе биде побарана одговорноста за сета пролеана крв на Божјите пророци од почетокот на светот: од крвта на Авел, па сe до крвта на Захарија, кој беше убиен меѓу жртвеникот и Светилиштето! Да, Јас ви кажувам дека оваа генерација ќе биде казнета за сите нив! Тешко вам, учители на верскиот Закон, зашто вие го зедовте клучот што ја отвора вратата на знаењето, но вие не влегувате, а оние што би сакале да влезат - ги спречувате!“ Додека Исус си заминуваше оттаму, вероучителите и фарисеите започнаа жестоко да Го критикуваат и да Му поставуваат секакви нападни прашања, во обид да Го фатат на некој збор и да Го обвинат.

Лука 11:37-54 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И кога зборуваше Тој, еден фарисеј Го помоли да руча кај Него. Тој отиде и седна на трпеза. И фарисејот се зачуди кога виде де­ка Тој не си ги изми рацете пред јадење. Но Господ му рече: „Ете, вие фари­се­ите ја миете чашата и чинијата однадвор, а внатрешноста ви е полна со гра­беж и лукавство. Безумници! Оној што го направи надворешното, нели е истиот тој што го направи и внатрешното? Но, давајте го како милостина она што е внатре, тогаш сѐ ќе ви биде чис­то. Но, тешко вам, фарисеи, зашто да­вате десеток од нане и рута, и од се­ка­ков зеленчук, а ги занемарувате правдата и љубовта Божја; ова требаше да го правите, но и она да не го пропушти­те. Тешко вам, фарисеи! Зашто сакате да сте на првите места во синагогите и да ве поздравуваат по плоштадите! Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто сте како сокриени гро­бови, преку кои луѓето одат и не ги знаат.“ Одговори некој од закониците и Му рече: „Учителе, кога го говориш тоа, Ти и нас нѐ навредуваш.“ Но Тој рече: „Тешко вам, законици, што ги товарите лу­ѓе­то со тешки товари што не можат да ги поднесат, а вие сами ни со еден прст не сте ги допреле тие товари. Тешко вам, што им ѕидате гробници на пророците, а нив ги убија вашите татковци; со тоа сведочите за делата на своите татковци и ги одобрувате, бидејќи тие ги убија пророците, а вие им ѕидате гробници. Затоа и мудроста Божја рече: ‚Ќе им пратам пророци и апостоли, и од нив едните ќе ги убијат, а другите ќе ги про­гонат‘; за да се побара од овој род крвта на сите пророци, пролеана од постанокот на светот; од крвта на Авел па сѐ до крвта на Захарија, кој е убиен меѓу жртвеникот и храмот. Да, ви велам, ќе се побара од овој род. Тешко вам, законици, зашто го зедовте клучот на познанието; сами не влеговте, а и на оние што сакат да влезат им попречивте.“ А кога го зборуваше тоа, книж­ни­ците и фарисеите почнаа силно да се гневат на Него и да Го прашуваат мно­гу работи; Го напаѓаа, сакајќи да уловат неш­то од Неговата уста за да Го обвинат.

Лука 11:37-54 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

И додека Тој зборуваше, еден фарисеј Го помоли да руча кај него; Тој влезе и седна. А штом фарисејот го виде тоа, се зачуди зашто Тој не се изми пред јадење. А Господ му рече: „Да, вие фарисеите ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а вашата внатрешност е полна со грабеж и лукавство. Неразумници! Зар Оној Кој ја создаде надворешноста, не ја создаде и внатрешноста? Туку, дајте го како милостина тоа што е внатре, и ете, сè ќе ви биде чисто. Но, горко ви вам, фарисеи, кои давате десеток од нане и од горчлива трева, и од секаков зеленчук, а ги занемарувате праведноста и Божјата љубов! Ова требаше да го правите, а она, да не го оставате. Горко ви вам, фарисеи, зашто ги сакате првите седишта во синагогите и поздравите по пазарите. Горко ви вам, зашто сте како гробови, што не се забележуваат, така што луѓето кои одат преку нив, не знаат.” Тогаш еден законоучител Му одговори и рече: „Учителе, кога го зборуваш тоа, и нас нè навредуваш.” Тој пак им рече: „Горко ви вам - законици, зашто ги натоварувате луѓето со бремиња, што тешко се носат, а вие самите ни со еден прст не се допирате до бремињата. Горко ви вам, зашто им градите надгробни споменици на пророците, а вашите татковци ги убија! И така вие сведочите за делата на своите татковци и се согласувате со нив; зашто тие и ги убија, а вие им градите гробници. Затоа и Божјата мудрост рече: „Ќе им испратам пророци и апостоли и ќе убијат едни од нив, а други ќе гонат, за да се побара од ова поколение крвта на сите пророци пролеана од создавањето на светот: од крвта на Авела до крвта на Захарија, кој загина меѓу жртвеникот и светилиштето. Да, ви велам, ќе се бара од ова поколение. Горко ви вам, законици, зашто го зедовте клучот од знаењето - сами не влеговте, а им попречивте на оние, кои сакаа да влезат.” А кога излезе оттаму, книжниците и фарисеите почнаа силно да се гневат на Него и да Го испитуваат за многу нешта, дебнејќи Го за да уловат нешто од Неговата уста.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност