Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 11

11
1Еднаш, Исус се молеше на едно место, па кога заврши, еден од Неговите ученици Му рече: „Господе, научи нe и нас како да се молиме, како што Јован Крстител ги научи своите ученици.“
2Исус им рече: „Кога се молите, молете се вака: Небесен Татко: нека се почитува Твоето свето име, нека дојде Твоето Царство.
3Давај ни ја секојдневно храната што ни е потребна.
4Простувај ни ги гревовите, како што и ние им ги простуваме на нашите должници. Не оставај да им потклекнеме на искушенијата.“
5Потоа Исус продолжи: „Замислете си дека некој од вас оди на полноќ кај својот пријател и му вели: ,Пријателе, позајми ми три парчиња леб,
6зашто од пат ми дојде еден пријател, а јас немам што да му принесам за јадење.‘
7Замислете вашиот пријател однатре да ви довикне: ,Не додевај! Вратата ми е веќе заклучена, а и јас и децата сме веќе в постела. Не можам да станам и да ти дадам!‘
8Ве уверувам, дека, ако не стане да ви даде затоа што ви е пријател, ќе стане и ќе ви даде сe што ви треба, за да си го зачува достоинството!
9Затоа, ви велам: молете и ќе добиете, барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви биде отворено.
10На секој што моли - ќе му се даде, секој што бара - ќе најде, на секој што тропа - ќе му биде отворено.
11Дали некој од вас, татковци, би му дал камен на синот, ако тој ве моли за леб!? Дали би му дале змија, ако тој ве моли за риба!?
12Дали би му дале скорпија, ако тој ви побара јајце!?
13Кога вие, кои сте лоши, знаете да им давате добри дарови на вашите деца, колку повеќе вашиот небесен Татко ќе им Го даде Светиот Дух на оние што Го молат!?“
14Еднаш Исус истера демонски дух од еден нем човек и кога демонскиот дух излезе, човекот проговори. Народот беше восхитен,
15но некои луѓе зборуваа: „Тој ги изгонува демоните бидејќи Баалзибул - поглаварот на демонските духови е во Него!“
16Други, пак, со цел да Го доведат во незгода, Му бараа знак од небото,
17но Тој, знаејќи ги нивните мисли, им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има раздор. Семејството се распаѓа ако во него има неслога.
18Ако Сатаната е противник самиот на себе - бидејќи вие тврдите дека Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул - како може неговото царство да се одржува?
19Ако Јас изгонувам демонски духови со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош ги изгонуваат оние што го прават тоа од вашиот сопствен род? Затоа тие ќе ви судат!
20Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјата сила, тогаш тоа е доказ дека Божјото царство е дојдено кај вас!
21Кога силниот, целосно вооружен, го чува својот дом, имотот му е безбеден.
22Но, кога некој посилен од него ќе го нападне и совлада, тој му го одзема оружјето во кое се надевал и му го зема пленот.
23Кој не е со Мене - тој е против Мене! Кој со Мене не собира - тој растура!“
24„Кога еден зол дух ќе излезе од човекот, тој скита по запустени места во потрага по спокојство, кое не го наоѓа. Тогаш ќе си рече: ,Да се вратам јас во моето претходно живеалиште!‘
25При враќањето забележува дека неговиот поранешен дом е исчистен и уреден,
26па оди и доведува уште седум духови, полоши од себе, со кои се враќа и се населува таму, така што состојбата на човекот сега му е уште полоша од претходната!“
27Додека Исус го кажуваше ова, од народот се огласи една жена, и рече: „Благословена е жената што Те родила и одгледала!“
28Тој и одговори: „Уште поблагословени се оние што ја слушаат Божјата порака и ја спроведуваат во дело!“
29Сe повеќе народ се собираше, и Исус почна да говори: „Оваа генерација е расипана генерација! Тие бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона:
30како што Јона им беше знак на Ниневијците, така и Јас, Синот Човечки, ќе и бидам знак на оваа генерација.
31Ќе стане и кралицата од Шеба на Судниот ден и ќе ја осуди оваа генерација, зашто таа дојде од далечна земја, за да ја чуе мудроста на Соломон, а еве, пред вас стои Оној што е многу поголем од Соломон!
32На Судниот ден, жителите на градот Нинева ќе станат и ќе ја осудат оваа генерација, зашто во тоа време тие се покајаа преку проповедањето на Јона. Ве уверувам дека пред вас стои Некој што е многу поголем од Јона, а вие одбивате да се покаете!“
33„Никој не пали свеќа за да ја скрие или стави под капак, туку ја става на свеќник, за да им свети на луѓето кои влегуваат.
34Вашите очи се светилка за телото. Здравото и бистро око ја пропушта светлината во целото тело и тоа ќе ви биде осветлено. Лошото око не ја пропушта светлината и целото тело ќе ви потоне во мрак.
35Затоа, внимавајте светлината што е во вас да не стане темнина!
36Ако си целосно исполнет со светлина, без ниеден темен дел, тогаш и насекаде околу тебе ќе зрачи светлина, како кога светилка те осветлува со своите зраци.“
37Кога Исус го заврши Своето излагање, еден фарисеј го покани на ручек кај него. Исус отиде и седна на трпезата.
38Фарисејот се изненади кога забележа дека Исус не го изврши еврејскиот ритуал на миење пред да седне да јаде,
39а Господ му рече: „Да, вие фарисеите ги миете однадвор чашите и садовите, а однатре сте полни со лакомство и лошотија!
40Безумници! Зар Оној што ја создал надворешноста не ја создал и внатрешноста?
41Разделете им го на сиромашните тоа што е внатре, па сe ќе ви биде чисто!
42Тешко вам, фарисеи, кои давате десеток дури и од нане, од седеф и од секакви билки, а ги запоставувате правдата и љубовта спрема Бог! Треба во прв ред да го правите тоа што го запоставивте, а дури потоа и останатото.
43Тешко вам, фарисеи, кои сакате да седите на почесни места по синагогите и да ви искажуваат почит по плоштадите!
44Тешко вам, бидејќи сте како необележани гробишта по кои луѓето врват, без да знаат по што одат!“
45Тогаш еден од учителите на верскиот Закон Му рече: „Учителе, со Твоите зборови нe навредуваш и нас!“
46А Исус му одговори: „Тешко и вам, учители на верскиот Закон, зашто на луѓето им натоварувате тешки товари, кои одвај можат да се носат, а вие ни со прст не помагате!
47Тешко вам, зашто вие им подигате гробници на пророците, а тие беа убивани од вашите татковци!
48Така и самите ги потврдувате и ги одобрувате постапките на вашите татковци: тие ги убија, а вие им подигате гробници!
49Затоа Бог во Својата мудрост рече: ,Ќе им испратам пророци и апостоли; а тие, некои од нив ќе ги убијат, а некои ќе ги прогонуваат‘,
50но од оваа генерација ќе биде побарана одговорноста за сета пролеана крв на Божјите пророци од почетокот на светот:
51од крвта на Авел, па сe до крвта на Захарија, кој беше убиен меѓу жртвеникот и Светилиштето! Да, Јас ви кажувам дека оваа генерација ќе биде казнета за сите нив!
52Тешко вам, учители на верскиот Закон, зашто вие го зедовте клучот што ја отвора вратата на знаењето, но вие не влегувате, а оние што би сакале да влезат - ги спречувате!“
53Додека Исус си заминуваше оттаму, вероучителите и фарисеите започнаа жестоко да Го критикуваат и да Му поставуваат секакви нападни прашања,
54во обид да Го фатат на некој збор и да Го обвинат.

Селектирано:

Лука 11: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност